ИЗДАВАШТВО
PrivatePrint е издавачка куќа за уметнички книги од Скопје, С. Македонија. Почнувајќи од 2016 година, работа на PrivatePrint е посветена на уредување, создавање и поддршка на уметнички книги, уметнички и кураторски истражувачки проекти, уметнички текстови и сродни публикации. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, мисијата на PrivatePrint е да ги прошири идеите на уметноста и да овозможи нивна поголема достапност. Основачи и главни уредници на PrivatePrint се Марија Христова и Илија Прокопиев.

Издавачката практика на PrivatePrint се основа на целосна уредничка работа од селекцијата на проектот, преку блиска соработка со уметникот во процесот на создавање/конципирање на делото, до графичко обликување, печатење, промоција и дистрибуција. Издавачките програми на PrivatePrint вклучуваат: уметничко-истражувачки проекти на автори од различни креативни дисциплини; документарни интердисциплинарни проекти кои третираат теми од современата уметност, архитектурата, дизајнот, општествени теми и слично; како и најновата едиција на PrivatePrint - Emerging Concepts Edition, којашто ја развиваме на основа на повремени отворени повици со однапред зададени теми кои допираат во сферата на активизмот, политиката, идентитетот, теми за кои е битно да се развие нов и иновативен дискурс од поглед на уметнички проект.
ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН
PrivatePrint нуди услуги на дизајн и подготовка за печат на книги, каталози, портфолија и слично, по барање на автор, институции или фирми. Клиенти и соработници: Музеј на современата уметност - Скопје \ Македонско здружение на млади правници \ Тиииит! Инк. (фестивал Прво па женско) \ Центар за истражување на национализмот и културата (Ц.И.Н.И.К.) \ ИМПАКТ институт за истражување \ Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) \ Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).
СТУДИО
PrivatePrint Studio е здружение за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност, основано во 2018 година. Целите на Студиото се фокусираат во рамките на научно-истражувачка работа и интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и култура, со особен фокус на уметничката книга како современо-уметничка практика сфатена во поширок културно-општествен контекст. Активно дејствувување на полето на независната култура и подигање на свеста за новите медиуми и форми на израз во современата уметност како на македонската така и на меѓународната сцена се дел од целите на Студиото. Активностите се одвиваат преку организирање на изложби, публикации, презентации, мултимедијални настани и колаборативни проекти, како резултат на истражувачката и интердисциплинарната практика на Студиото.