Q&A
1. Какви книги објавувате?

PrivatePrint е издавач на уметнички книги. Овој издавачки модел е насочен кон области каде што издавањето или книгата не се примарната цел, а истите генерираат содржина која може да се обмислува преку овој медиум. Иако, првично, уметничките книги биле проектни дела на визуелните уметници кои го користеле просторот на книгата за да создадат уметничко дело, подоцна овој специфичен жанр станува поинклузивен вклучувајќи и општествени, политички теми, добива активистички функции и можност за критичко проследување на материјата. Пристапот во овие проекти е уметнички и интердисциплинарен, со експериментални аспекти во поглед на третирање на просторот на книгата и самата содржина.

Во таа насока и книгите на PrivatePrint се уметнички, истражувачки и документарни проекти, кои имаат интердисциплинарен и критички пристап. Со нашите книги го преобмислуваме контекстот на издаваштвото, книгата и на печатениот медиум, овозможувајќи нов простор за израз не само на визуелните уметници, туку и на автори од други креативни дисциплини (архитекти, мултимедијални автори и слично). Секоја книга ја гледаме како посебен проект кој го работиме секогаш од почеток: од самата идеја, уредничката работа, водењето на авторот во изработката/подготовката на делата, графичкото обликување, печатењето, промоцијата и дистрибуцијата.

Во рамки на оваа наша работа на книги-проекти, се издвојуваат неколку едиции: уметничко-истражувачки проекти на автори од различни креативни дисциплини; документарни интердисциплинарни проекти кои третираат теми од современата уметност, архитектурата, дизајнот, општествени теми и слично; како и најновата едиција на PrivatePrint - Emerging Concepts Edition, којашто ја развиваме на основа на повремени отворени повици со однапред зададени теми кои допираат во сферата на активизмот, политиката, идентитетот, теми за кои е битно да се развие нов и иновативен дискурс од поглед на уметнички проект.

Погледнете ги сите наши изданија во делот: Издаваштво!



2. Имам предлог за книга како можам да аплицирам?

Доколку имате предлог за книга, слободно можете да ни испратите проектен предлог не подолг од 2 страници со материјали од досегашната работа на проектот (доколку имате) на info@privateprint.mk Имајте ги на ум насоките од претходното прашање во врска со нашата уредничка политика, како и тоа дека нашата работа подразбира целосна уредничка инволвираност во проектот во блиска комуникација со авторот.



3. Мојата книга е веќе завршена и сакам да ја издадам преку вашата издавачка куќа.

Ние не издаваме готови книги, туку работиме со предлози кои ќе подлежат на уредничката работа на PrivatePrint. Сепак, и доколку имате готова книга, можете да ни испратите предлог за соработка. Но, имајте на ум дека нашата работа подразбира целосна уредничка инволвираност во проектот во блиска комуникација со авторот, од сугестии до промени и конципирање на книгата според нашите издавачки принципи.



4. Пишувам поезија/раскази/романи/драми/литературни критики... дали можете да ми објавите книга?

PrivatePrint не објавува книжевни жанрови, со исклучоци кога делото содржи аспекти кои се во согласност на уредничката политика на PrivatePrint (види прашање 1). Имајте на ум дека нашата работа подразбира целосна уредничка инволвираност.



5. Сакам да ја објавам мојата докторска дисертација, магистерски труд, стручно истражување, дали можам да го направам тоа кај вас?

PrivatePrint не објавува стручни и академски трудови, со исклучоци кога трудот е преработен во насока на уредничката политика на PrivatePrint (види прашање 1). Имајте на ум дека нашата работа подразбира целосна уредничка инволвираност.



6. Каде и како можам да ги купам вашите книги?

Нашите книги се достапни во нашето студио, како и преку нашата дистрибутивна мрежа. Во моментов нашето студио е затворено за посетители, но слободно контактирајте нѐ на info@privateprint.mk за да нарачате книга, која ќе биде доставена до вашата адреса. Оваа можност е единствено достапна на територијата на С. Македонија, а за секоја нарачка над 600 МКД, доставата е бесплатна. За книжарниците во С. Македонија и Европа каде што се достапни нашите книги, како и за можностите за онлајн продажба, погледнете во делот: Дистрибуција.



7. Ми треба само графички дизајн на публикација, што треба да знам?

PrivatePrint работи графички дизајн на публикација, брошура, постер, маркетинг материјали како флаер, памфлет и сл. Доколку имате потреба од нашите графички услуги, контактирајте нѐ на info@privateprint.mk и испратете ни детален опис за проектот и обемот на работа, што треба да се дизајнира, каков тип на публикација е, што содржи: текст, графички елементи, табели, инфографици, графикони и сл. Потоа ние ќе ви испратиме понуда.



8. Имам идеја за проект-публикација која сакам јас да ја издадам, дали работите уредничка работа за публикации кои не се во ваше издание?

PrivatePrint ја нуди услугата на уредување на публикација со курирање на материјал и нејзина целосна подготовка. Доколку имате потреба од оваа наша услуга, контактирајте нѐ на info@privateprint.mk и испратете ни детален опис за проектот и обемот на работа, каков тип на публикација е, што содржи: текст, визуелен, документарен материјал и сл. Потоа ние ќе ви испратиме понуда.



9. Дали можам да го изнајмам вашиот простор за мојот проект/работилница/предавање?

Надвор од програмата на работа на студиото, просторот не се изнајмува. Просторот на мултимедијалното PrivatePrint Studio се користи единствено за изложби и настани кои се во склоп на нашата програма на работа.



10. Какви настани организирате во PrivatePrint Studio?

Промотивни настани за нашите изданија, изложби во соработка со уметници.



11. Сакам да го посетам вашето студио, што треба да знам?

Студиото е и наш работен простор, како и простор каде што можат на едно место да се најдат сите наши изданија, оригиналните дела на нашите уметници и останат печатен материјал. Студиото може да се посети и кога нема тековни изложби, во рамки на нашите работни часови и на принцип на најава. Во моментов, поради светската здравствена криза, студиото не е отворено за посетители. Можете да нѐ контактирате на нашите социјални платформи (линкови: долу на оваа страница), телефонски броеви или на info@privateprint.mk.



12. Дали можам да испратам текст за вашиот блог?

На нашиот блог објавуваме различни типови на текстови: интервјуа кои ги правиме со уметници во врска со нивната практика тесно поврзана со уметничкото издаваштво; осврти и прегледи на настани поврзани со уметничко издаваштво; есеи на теми од кураторството, уметничките книги, печатениот медиум како уметничка практика, како и други интердисциплинарни теми. Доколку вашата пишувачка или истражувачка работа се доближува до овие теми, контактирајте нѐ на info@privateprint.mk.

Посетете го нашиот блог (кликнете во делот: Студио)!



13. Како можам да ја поддржам вашата работа?

PrivatePrint е првиот специјализиран издавач за уметнички книги во С. Македонија и ја проширува својата практика во непрофитниот сектор за понатамошно истражување, подигање на свесноста и развој на полето. Секоја поддршка на нашата работа е добредојдена и ќе биде од голема корист за развој на нашите многубројни активности. Кликнете на копчето за Поддршка во горниот десен агол на нашата страница и прочитајте повеќе за тоа како би можеле да ги поддржите нашите активности.