Програми
PrivatePrint има четири главни програми преку кои ги развива своите активности.
Издаваштво:
Издавачката програма на PrivatePrint е посветена на поддршка на интердисциплинарни истражувања и критички дискурси во современата уметност и култура. Програмата подразбира сеопфатна уредувачка работа, од избор на проекти и блиска соработка со уметници, истражувачи, писатели и културни работници, па сè до концептуален развој, графички дизајн, печатење, промоција и дистрибуција.
Нашата издавачка програма поддржува разновидни културни проекти, кои опфаќаат современа уметност, активизам, дизајн и општествени прашања, сите погледнати од интердисциплинарен агол. Нашата издавачка програма се развива преку едиции како што се Emerging Concepts Edition, развиена преку тематски отворени повици кои се однесуваат на актуелни општествени теми како што се активизам, политика и идентитет, или Future Perspectives Edition, посветена на интердисциплинарни експерименти во областа на визуелните уметности и дизајнот, како и индивидуални проекти кои поттикнуваат нови иновативни уметнички дискурси и перспективи.
Изложби:
Преку нашата кураторска програма и активности во динамичниот простор на нашето студио во Скопје, како и во реномирани институции и изложбени простори, на локално и на меѓународно ниво, поттикнуваме активно учество во независната културна сцена. Нашата мисија е да ја подигнеме свеста за новите практики, медиуми и форми на изразување во современата уметност. Нашата практика е вкоренета во соработките и интердисциплинарните истражувања и опфаќа изложби, презентации, мултимедијални настани, работилници, предавања и други иницијативи кои ја одразуваат нашата посветеност на современите уметнички изрази, практиките засновани на заедницата и културните дијалози.
Уметнички и кураторски престој:
Нашата програма на уметнички и кураторски престои создава разнолика меѓународна платформа основана на соработка и споделени интереси. Таа претставува јадро за размена и трансформација, каде што резидентите се поврзуваат со работата на PrivatePrint и со локалната култура и локалните заедници, споделувајќи искуства и вградувајќи ги овие размени во својата практика. Соработката во рамки на оваа програма отвора простор за истражување на горливите општествени прашања, проширување на перспективите и придонесува кон суштинска општествена промена. Програмата овозможува долготрајна комуникација и промовира меѓународна соработка, создавајќи можности за идни проекти што произлегуваат од искуствата за време на престојот. Целната група на оваа програма е широка: уметници, културни работници, истражувачи, активисти, куратори, историчари на уметност итн.
PrivatePrint Studio овозможува мултифункционален простор: канцеларија, проектен/изложбен простор и услови за соработка. Студиото е опремено за настани и презентации и вклучува безмалку 50 m² внатрешен простор и тераса од 90 m². Дополнително располагаме и со стан за резидентот, опремен со спална соба, бања, кујна, дневна и мал работен простор, целосно е пристапен со лифт и рампи. На резидентите ќе им биде ставена на располагање и нашата менторска, кураторска и организациска поддршка.
Во рамките на оваа програма, ја развиваме и потпрограмата, „Кругови на привремено спојување“ - резиденција за соработничка уметничка практика на PrivatePrint, поддржана од Гете институт Скопје и отворена за уметници и културни работници од Германија.
VR Studio:
PrivatePrint – VR Studio е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби. Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнер Борко Хаџиевски, еден од основачите на PrivatePrint Studio и наш долгогодишен соработник, кој ја изработи виртуелната верзија на нашето студио. На даден предлози од уметници, тимот на PrivatePrint - VR Studio курира, моделира и просторно дизајнира изложба целосно поставена во виртуелниот простор. VR Studio од 2021 до 2024 е кофинансирано од Министерството за култура на РСМ. Во периодот од 2021 до 2023, програмата беше овозможена и преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.
