Автор: Дарко Алексовски
Џон Берџер вели дека гледањето доаѓа пред зборувањето и дека уште пред да почнеме да зборуваме светот го препознаваме преку гледање. Во оваа смисла, формалните елементи од кои се составени делата на Душан Стефановски доаѓаат пред зборовите и толкувањето, односно пред она што можеме да го кажеме за нив. Од една страна, делата на Стефановски во својата целост делуваат како апстрахирани прикази и поими, а од друга страна во одредени делови тие се и крајно фигуративни. При поблиско гледање во нив препознаваме текстури од нашето секојдневие: откинат ќош од парче хартија со QR код, фрагмент од бетон со патина, скршени прозорци во дрвени рамки со боја која се распаѓа, неуспешен таг на задните седишта во автобус, изгребани поштенски сандачиња на влез во зграда и избледени налепници врз нив.
Книгата I would rather die than be uncomfortable претставува селекција на дела од тековната цртачка активност на Душан Стефановски, како дел од неговата уметничката практика која вклучува исечоци, фрагменти, детали, знаци и симболи со културолошки и иконографски референци. Иако неговото формално уметничко образование е во областа на графиката, неговите почетоци како визуелен уметник се во графити уметноста. Во кратката биографија со која почнува книгата, се споменува дека тој и во својата студиска практика продолжува да ги користи методите на цртање со валјаци и четки, прскањето со спреј и повеќеслојното преработување. Оттука произлегува и специфичноста при исчитувањето на неговите серии дела на кои континуирано работи.
Во книгата на Стефановски на сложен наративен начин се сретнуваат четириесет и девет прикази на череп како главен или спореден мотив.
Душан Стефановски, Контемплативен цртеж на череп, Дваесет и шест, „I would rather die than be uncomfortable“, објавена од PrivatePrint, 2022
Надоврзувајќи се на референци од историјата на уметноста, наследството од графити практиките и анахроните исчитувања на еден симбол како конкретен означувач, Стефановски го користи черепот како приказ за генерирање на една специфична визуелна структура. I would rather die than be uncomfortable, која Стефановски ја реализира како место за претставување на оваа серија дела со черепи, нема исклучиво каталошки карактер. Таа во случајот на Стефановски е и едно ново медиумско и визуелно истражување - обид неговите дела да се поместат од ефемерниот карактер на графити уметноста во една форма блиска до лична колекција на цртежи. Во таа смисла, да се помести графити практиката во форма на уметничка книга е храбар, а истовремено и субверзивен чин. Обратната позиција на земање практика која е толку специфична за урбаните простори и нејзино сместување во печатено издание е начин долгорочно да се поништи ефемерноста на овие дела. Од друга страна, она што графити уметноста го има како историски багаж во блиска врска со децентрализацијата на уметноста, а уште повеќе и со демократизацијата на уметничките медиуми и простори, во случајот на I would rather die than be uncomfortable може да се прочита и како обид да се документира оваа условно кажано критика на системот на уметноста, односно да се продолжи нејзиното делување во еден медиум кој практично не може да се оддели од институционалните практики на архивирањето - книгата.
Уметничката книга на Стефановски, во методолошка смисла, се надоврзува на реконтекстуализацијата наследена од модерната и современата уметност. Черепот како форма, знак и симбол се среќава отсекогаш, од неолитските и предисториските артефакти, преку античкиот период и особено во средниот век, па сè до времето на просветителството, модерната и современата уметност. Черепот сам по себе има мноштво значења од магиски, религиски, рационалистички, метафизички и егзистенцијален карактер, но кај Стефановски черепот се исчитува и како архетип на современата колективна состојба на непријатност и неудобност, што ја прави оваа уметничка книга релевантен одраз на општествената стварност во која живееме.