ЛЕДИА КОСТАНДИНИ ЗБОРУВА ЗА КНИГАТА, МАТЕРИЈАЛИТЕ И ЈАВНИОТ ПРОСТОР ВО НЕЈЗИНАТА ПРАКТИКА
Објавено на: 30.07.2019
Разговор на Илија Прокопиев со Ледиа Костандини резултат на преписка преку е-мејл во периодот на јули 2019, непосредно по отворањето на нејзината изложба I look at them, they look back at me во студиото PrivatePrint (22.6-19.7.2019).
Private view, просторно графити дело од Ледиа Костандини (изложба: I look at them, they look back at me, студио PrivatePrint). Фотографии: Илија Прокопиев, Зоран Шекеров
Сакам да започнам со прашање кое ми дојде на ум додека зборувавме на терасата на студиото PrivatePrint за време на отворањето на твојата изложба I look at them, they look back at me. Во еден момент рече дека на почетокот целата идеја за изложбата (и за делата) била таа да биде книга, си ја мислела во медиумот книга. Па затоа ме интересира како сето тоа беше замислено?
Бидејќи сум фасцинирана од архитектонските елементи, секогаш ги истражувам нивните различни форми, секако, не од некаков технолошки или инженерски аспект. Мојата цел е да ја одгатнам невербалната комуникација која луѓето ја користат за да ги изразат своите мисли и чувства во јавниот простор. Во овој контекст, мислев да направам збирка од повеќе импресии за „балконот“ како „хибридна“ архитектонска форма која стои на границата помеѓу нашиот јавен и приватен простор. Така почнав да го развивам проектот „Нарации на еден балкон“. Беше замислен како дневник што ги следи моите опсервации во форма на зборови, фотографии и цртежи. Иако овие записи не беа дел од еден единствен скицник, почнав да ги замислувам како дел од една целина. Имав на ум да направам книга од 30 страници - месечен извештај со метафори и умствени слики за балконот.
Кога ме поканивте да направам самостојна изложба во студиото PrivatePrint, веднаш помислив да го поставам овој проект во вашиот простор. Како уметник, сакам да работам со просторот и ова го сметам за многу важен дел од мојата севкупна работа. Претходно имам работено проекти и изложби со интервенции во простор. Па кога одлучив да поставам дела од проектот „Нарации на еден балкон“, бев свесна дека ќе почнат да се развиваат во различни форми и медиуми во зависност од самиот простор. Така и се случи! На пример, некои скици беа разработени во просторни инсталации, други во видео-инсталации. Со преработувањето на моите првични идеи, изложбата се разви во поставка со дела во различни медиуми кои имаат за цел да го вклучат целиот простор на студиото. Преку овој долг процес, научив многу за бескрајните можности кои една тема може да ги има за да ја добие својата форма во даден простор, без оглед дали е соба или книга. Сѐ уште ми стои идејата проектот да го реализирам и во книга, но во моментов тој добива малку поинаква форма од моите претходни планови. Изложбата ме натера поинаку да ги гледам начините на израз. Попатно, ми дојдоа нови идеи а некои од старите добија поинаков тек.
Изложба: I look at them, they look back at me на Ледиа Костандини, студио PrivatePrint. Фотографии: Зоран Шекеров
Значи, книгата има значајна улога, воопшто, во твојата уметничка практика?
Почнав да работам како независен илустратор пред речиси десет години. Оттогаш, секојдневно, мислам за процесот на правење книги, бидејќи обично работам на проекти кои не подразбираат само илустрација, туку и конципирање на книгата во целина. До неодамна, секогаш оваа работа ми паѓаше во втор план, во смисла на уметничките приоритети, и не си „дозволував“ да се внесам премногу емотивно во правењето книги, како што тоа го правев во другите медиуми на уметничкото создавање. Имав повлечено остра граница помеѓу моите две активности: илустрацијата и создавањето уметност, секогаш чувајќи ги моите најдобри мисли и моменти за уметничките проекти. Како што одминуваше времето, забележав нешто многу интересно. Луѓето почнаа да го препознаваат моето име и мојата работа многу повеќе како илустратор, отколку како уметник. Беше чудно, но и ми носеше задоволство, тоа што луѓе од различни возрасти и градови беа запознаени со моите книги, поради тоа што тоа не ми ни беше целта, ниту, пак, мислев во таа насока. Па почнав да размислувам за бескрајните можности што ги отвораат книгите во смисла на место и време. Книгите имаат карактеристика да се мултиплицираат во стотици примероци, да патуваат бескрајно со твоите мисли и пораки, стигнувајќи до луѓето кои ти се далеку од дофатот.
Почнав да размислувам за книгата како за еден повеќедимензионален уметнички медиум и место каде што ќе можат да се сретнат мојата работа како илустратор и моите уметнички истражувања. Во овој контекст беше објавена книгата „Зинг Сити“, боенка која цели кон интерактивната карактеристика на книгите. Во меѓувреме, почнав да работам и на други (тековни) идеи за книжни проекти.
Еден од овие проекти е наречен „60 можности на еден прозорец“. Практично, создавам метаморфоза на еден прозорец на шеесет различни страници. Најинтересното за оваа книга е обратниот процес на работа. Наместо да го применам материјалот во идејата на книгата, јас ја применувам идејата на материјалот. Телото на книгата, всушност, е каталог на фини примероци хартија кој ми беше даден пред извесно време. Одлучив да ја искористам разноликоста на страниците од каталогот и да креирам минималистички отсечоци кои се испреплетуваат и се надоградуваат еден на друг.
Дали „60 можности на еден прозороц“ е замислена како рачно изработена книга во еден примерок?
Тоа е вистинското прашање кога станува збор за ваков тип книга. Таа во целост е рачно изработена и со користење на редимејд страниците на самиот каталог, па мојот првичен план беше да направам нешто што ќе функционира како единствено уметничко дело. Како и да е, кога почнав да работам на неа, почнав да размислувам за тоа какви можности има за да се мултиплицира. Имајќи го на ум овој основен аспект на книгите, не би сакала да запрам на проект со „единствено уметничко дело“, туку да продолжам во насока на негово објавување како уметничка книга. Свесна сум дека ќе се појават повеќе пречки при нејзината техничка реализација. Но верувам дека постојат вистински начини таа да се реализира, имајќи ги на ум најразличните типови книги кои се прават во денешно време. Би сакала да споменам само една од моите најдраги референци за овој проект. Тоа е фантастичната книга со отсечоци на Олафур Елијасон наречена „Твоја куќа“. Таа претставува реплика на внатрешниот простор на една куќа кој се креира „страница-по-страница“. Ова е пример на книга која истовремено претставува и уметничко дело и книга.
Ледиа Костандини: „Зинг сити“ (2017). Фотографии: Ледиа Костандини
„Твоја куќа“ на Олафур Елијасон е прекрасна книга, вистинско просторно искуство поставено во рамките на книжната форма. Кога веќе ја спомена оваа референца, можам да разберам како ѝ пристапуваш на книгата како медиум. Јасно е од твоите дела, воопшто, дека те интересираат концептите на просторот. Твојата книга „Зинг Сити“, го зема предвид и просторот, фрагменти од просторот. Која е идејата зад оваа книга и зошто одлучи таа да биде боенка?
Ми се допаѓаат интерактивни книги од сите видови. Тие ја откриваат информацијата чекор по чекор, а публиката е таа која ја одгатнува пораката користејќи повеќе интерактивни методи. Овие видови книги се наоѓаат помеѓу авторот и публиката. Книгата е „место“ на средба за умствена и практична размена меѓу нив. Уште од 2016 година, многу ми се допаѓаат боенките за возрасни што станаа вистински тренд на странскиот книжевен пазар. А сепак, во Албанија, таква книга сѐ уште не постоеше. Како илустратор, претходно работев на боенки за деца и ги знаев главните правила во смисла на графичко обликување. Од друга страна, како мајка, ги искусував првите средби на мојот двегодишен син со боенката. Со тоа бев сѐ посвесна за придобивките од боењето како процес кој го стимулира нашиот ум и овозможува нашата потсвест да се изрази во најшарена можна форма. Бев среќна од откритието дека боењето беше популарно меѓу возрасната светска публика.
„Зинг сити“ на почетокот беше само скицник полн натрупани, детални скици на градските призори. Цртав хаотични урбани глетки и луди архитектонски форми. Кога ги открив боенките за возрасни, помислив моите цртежи да ги преточам во илустрации за боење и решив да се обидам. Така почнав да го градам хаотичниот и субверзивен град поаѓајќи од живи детали и парадоксални конструкции. Го нареков Зинг сити. Имав желба на публиката да ѝ понудам целосно искуство, не само грфичка книга. Боењето во книгата, значи нејзино читање. Но истовремено, значи и целиот град да го направиш свој, бидејќи со боењето го изразуваш и своето естетско мислење (за градот). „Зинг сити“ ја претставува енергијата на стресниот градски живот и има за цел на публиката да ѝ даде извесна смиреност во тој хаос. Ја гледам како незавршена книга и ми се допаѓа тоа што е независна во нејзиниот понатамошен живот; станува нешто врз што повеќе немам контрола. На крајот, секоја книга ќе биде единствена.
Во повеќето од твоите дела и изложби користиш и редимејди од хартија, како на пример поштенски картички во твојата изложба „Да се сретнеме помеѓу“ и примероци од тапети во „Ѕидови од хартија“, но исто така ја користиш и хартијата како медиум во твоите просторни инсталации и интервенции. Што стои зад оваа практика?
Ме фасцинираат изработките од хартија од кога паметам. Како дете ги обожавав папие-маше, колажи, отсечоци, поп-ап дела од хартија итн. Па мислам дека дел од мојата сегашна практика поаѓа од едно потсвесно ниво кое, веројатно, се развивало со текот на времето. Точно е дека добар дел од мојата практика може да се поврзе со хартијата како основен материјал на многу од моите уметнички проекти. Тоа е од причина што ја гледам како многу сугестивен извор на сирова информација. Хартијата (било да е празна, шарена или испечатена) е редимејд предмет кој функционира како материјал на одредени реакции. Мојата интеракција со овој материјал се разликува од проект во проект. Некогаш сакам да шпекулирам дека еден материјал може да провоцира преку чувства и мисли. На пример, „Ѕидови од хартија“ е мурален колаж кој следи еден образец и може да порасне до бескрај. Тој проект се разви од каталози за тапети. Толку бев фасцинирана од разноликоста на нивните текстури и обрасци, што почнав секоја страница да ја замислувам како ентериер на различна соба. Решив да ја следам логиката на самиот тапет и да создадам еден вид „образец на градот“.
Кога станува збор за хартија со слика, како: печатен материјал, фотографии или поштенски картички, повеќе се поврзувам со визуелниот приказ на хартијата отколку со неговите физички квалитети. Имам особен интерес за архивски слики, било да се стари списанија, поштенски картички или семејни портрети. Во нив гледам магични посредници меѓу времињата и ги користам како појдовна точка од каде ги поставувам прашањата за денешните теми.
Во проектот со поштенските картички мојата семејна архива на преписка со поштенски картички прераснува во референтна точка за долго патување низ Албанија. Ги фотографирав истите кадри од поштенските картички, одејќи од град во град, среќавајќи се со луѓе и слушајќи ја нивната лична приказна и мислење. По неколку години, ова фотографско истражување се заокружи во серија од „поштенски картички“ кои ја претставуваат сегашната ситуација на мојата земја и нејзините повеќенасочни преобразби во текот на последниве триесет години.
Ледиа Костандини: „Да се сретнеме помеѓу“ (2018) и „Ѕидови од хартија“ (2017). Фотографии преземени од веб-страницата на авторката
Кога не работиш во твоето студио работиш на проекти во јавен простор, создаваш дела со големи димензии. На кој начин ги подготвуваш и изведуваш овие дела? На пример, како ја избираш локацијата, дали интервенциите се направени легално J, која е методологијата на изработката? Се надевам имаше скеле кога работеше на „Висење ½“ ?
Мојата уметничка практика се одвива меѓу мали, интимно изработени дела и просторни интервенции. Ги имам во себе овие две уметнички лица и не можам ништо да направам против тоа. Ги сакам и двата пристапа; тие еден во друг вдахнуваат свеж воздух и се надоврзуваат на мојата потреба да допрам до личните и јавните простори.
Моите интервенции обично се ефемерни. Користам практични материјали и се обидувам да ги изведам за што е можно пократко време. Сакам тие да бидат во одредена состојба на премин и во потрага сум по неоформени простори, места каде наоѓам брутална „убавина“. Сакам да набљудувам како луѓето ги напаѓаат шемите и системите, со тоа наоколу создавајќи неочекувани инсталации. Инспирирана сум од нестандардните интервенции на луѓето во јавниот простор и во моите проекти следам слична логика.
Се обидувам да бидам уредна кога станува збор за дозволи и однапред да се погрижам за логистичката страна, особено кога станува збор за приватни простори. Морам да признаам дека на луѓето им е тешко да ја разберат целта на таа работа, па кога ќе го дадат своето одобрување повеќе е од желба да бидат приемчиви.
Поголемиот дел од моите проекти со просторни интервенции биле на моја иницијатива. Но има и такви, како: „Авто-им-мобил“, „Висење“ или „Блокови што паѓаат“, кои се направени како дел од групни уметнички настани. Во овие случаи соработував со организации и институции.
Да бидам искрена, имам огромен страв од висина и ова ме ограничува во смисла на изработката. Па така, во поголемите проекти имам помошници, како „Висење“, на пример, кој беше реализиран од тим од талентирани луѓе од одделот „Декор“ на град Тирана.
Ледиа Костандини: „Висење ½“ (2017). Фотографии преземени од веб-страницата на авторката
Дали работиш на нов проект во јавен простор?
Всушност, во моментов не работам на некој специфичен проект во јавен простор бидејќи сум сконцентрирана на завршување на тековни проекти, како на пример некои од книгите кои веќе ги споменав. Па повеќе време поминувам во моето студио. Без оглед на тоа, во глава имам куп идеи и секогаш сум расположена да продолжам да работам на интервенции надвор - се надевам тоа ќе биде многу бргу.
\\\
Слики од изложбата I look at them, they look back at me - LINK
Ледиа Костандини, веб-страница - LINK