Горан Ристовски зборува за односот кон просторот и за еколошкиот аспект на неговата уметничка практика
Објавено на: 08.11.2021
Разговорот е направен во студиото на Горан Ристовски во Струга, на 22 април 2021 година во рамки на програмата PrivatePrint Meets и е дополнет на 28 октомври 2021 година, преку електронска комуникација. Горан Ристовски зборува за својата уметничка практика која опфаќа различни медиуми на израз, како и за нашата соработка на изложбата „Traces“ во рамки на нашето VR Studio.
Горан Ристовски
Си дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а работиш во многу различни медиуми... Каков е твојот пристап кон медиумите во коишто работиш?
Разнороден сум во работата. Завршив графика, но откако дипломирав, речиси воопшто не се занимавам со графика, особено не во традиционална смисла. Ме интересира фотографија, просторна инсталација. Работам во различни медиуми и не знам тоа дали и колку е добро. Но, не мислам дека има правила за тоа колку еден уметник треба да си направи така строга структура и да се занимава само со тоа и тоа. Јас сум пробал, но не ми оди, да се бавам само со цртање или само со графика, сликарство, ни малку. Иако, во последно време, се вратив пак на графиката. Си набавив бои, линолеуми и еве нешто почнав [покажува на графиките од циклусот „Избришани пејзажи“, закачени на ѕидот од неговото студио].
Те познаваме по инсталациите во простор. Кажи ни повеќе за тоа.
Инсталации во простор ми се многу интересни, ме привлекуваат. Работејќи на проекти со здружението Инка имавме можност да правиме инсталации во напуштени простори. На пример, минатата година направивме таква инсталација јас, Филип Велковски и Доротеј Нешовски, во објект близу Калишта, веднаш пред хотел Изгрев [на брегот на Охридското езеро, во близина на Струга]. Тоа е инсталацијата со жолта соба со столови и уште една таква соба [во рамки на програмата „Раздримување 2020“]. Тоа беше стар руиниран објект, порано бил од манастирот, бил штала, и со тек на време го запоставиле и сега тој беше во сопственост на Изгрев. Тој простор буквално скапуваше, ни беше многу интересен, имаше потенцијал за некаква интервенција.
А претходно, исто така работевме еден активистички колаборативен проект во Синема кафе во Струга, во моментот кога објектот беше буквално пред рушење. Беа извадени прозорците и само ѕидови имаа останато, тој и самиот по себе изгледаше како инсталација. Собрав екипа, Филип, Милко, Вики и Сали, и работиме на една еколошка тема, со вода, со камен, со муљ и трски и составивме една таква приказна. Имавме пет дена за работа, изложбата требаше да трае ден-два и потоа сè се растура. И на сред работа, ми се јавува новиот сопственик. Прочитале некаква изјава од нас дека се занимаваме со екологија, особено поврзано со горливите проблеми во Струга, палење на трски, узурпирање на езерото. Оваа критика кон еколошките политики во Струга нè донесе до конфликтна ситуација со сопственикот на објектот, кој сметаше дека нашиот ангажман ќе му попречи во изградбата на новиот објект. Сепак, на крајот успеавме да се убедиме.
Дали имаш различен метод на работа при пристапот до различните теми во коишто работиш?
Мене најлесно ми е, и до сега најубаво сум ги доловувал тие идеи, преку фотографија. Одам правам интервенции јас или, пак, фаќам во кадар некои други интервенции што некој ги направил, поточно направил штета... Многу ме иритира лошата еколошка политика која тука ни се случува во последните 15-20 години, па затоа и почнав да се насочувам кон дела кои во себе имаат критика кон овие политики.
Многу ме привлекува едноставноста, односно минимализмот, во која било насока. А кога работам, повеќе тргнувам од експериментирање со материјалот. Не планирам дека, сега ајде, на пример, ќе гужвам весници и ќе направам дело. Спонтано доаѓа. И потоа, додавам една мала интервенција, за да го ставам делото во некаков контекст.
Горан Ристовски, Сцена без (с)цена, колаборативна просторна инсталација, Калишта, Струга, 2020. Фотографии отстапени од уметникот
Без оглед во кој медиум се изразуваш, кога ги гледаме твоите дела, препознаваме интерес кон простор...
Да, супер забелешка. Јас можеби веќе несвесно го работам тоа... Но, дефинитивно и тематски, а и во начинот на кој се поставени делата многу се поврзани со просторот. Еве на пример овие три графики и еден цртеж ќе ги изложам на групната изложба „Бегство“ во Резиденцијата на ЕУ во Скопје, тие се наречени „Избришани пејзажи“. Потоа, фотографиите најчесто ги правам по локалните отворени простори, дали е тоа плажа, покрај езеро, во некоја друга природа. Но, сум поврзан со просторот. И при тие инсталации во просторот, ме интересира самиот објект и да поставам некаков контекст. Потоа гледам и како тоа ќе влијае на луѓето, дали ќе го препознаат или нема.
Може да се каже дека во просторните инсталации што ги правиш, темата на екологијата, односно ангажираниот аспект на твојата работа, се поврзува со твојот однос кон просторот.
Столиците и конкретно, делото „Седни да бидеме отсутни“, се состоеше во тоа што неколку столови ги носев на неколку локации во Струга. Ги носев на депонијата кога уште беше тазе, уште беше малечка, во 2012/3 година, уште речиси никој и да не знаеше дека има депонија на само два километри од овде. Одев таму или на друга локација, на точки коишто беа критични и имаше смисла од таму да се искомуницира со луѓето. Тоа се најчесто запоставени локации, коишто човекот или ги узурпирал, деформирал или целосно ги заборавил. Поставував столови во вода, во езеро, па во близина на езерото кај трските, па во поле... низ град на сред улица. И така со тој стол сакав да го прикажам оној незаинтересиран однос на човекот кон тие простори. Или, пак, заинтересиран, бидејќи знаеме колку луѓето за свои интереси можат да узурпираат некој простор без да го видат тоа дали прави добро или лошо, дали ќе уништат тој простор. И најмногу одеше кон еколошки дискурс. И тоа столче ни посочува: тука сме ама не сме тука; или ни кажува: седни, размисли...
Мене многу ме иритира тоа што немаме култура на протест, на реакција. Јас мислам дека тоа е култура, тоа се гради. Да реагираш, да протестираш. Не зборувам за партиски протести. Не знам, после долго време се одржаа протести за депонијата, но тоа беше многу доцна, едно цело лето таа се палеше и тогаш излегоа луѓето, бидејќи не се дишеше. И секогаш чекаме да се излие чашата и да изреагираме.
Што те одржува да одиш во ателје и да правиш дело, коешто не мора да биде поврзано со изложба како крајна цел?
Ми се има случено да влезам во ателје и ништо да не правам. На некој начин, исфорсирано е да кажеш, сега ќе творам... Не функционира. И си оставам простор и си велам, ќе дојде тој момент кога ќе направам нешто. Моите дела до сега, ми дошле и така, свесно-потсвесно. Сум ги чекал. Сум знаел дека има некаков потенцијал во некој предмет, го чувам и од тоа нешто правам. Сум собирал некои стари работи, стојат тука во ателје.
Горан Ристовски, Unfold, инсталација со реупотреба на стар теписон. Фотографии отстапени од уметникот
Но, и ова ти е еколошки проект, рециклираш предмет.
Зачувувањето или рециклирањето е прво нешто како потег што го правам, и секогаш помислувам сите тие остатоци дали се од мебел, покуќнина... Си велам добро каде оди ова, во онаа истата депонија, сè каде што оди. Потоа, од тој материјал се обидувам да направам приказна. Со овој теписон, го сечев прво со скалпел на помали формати и се обидував да внесам приказна од традицијата, бидејќи порано вакви сите сме имале по дома, цела соба обложена со теписон. И таа мода, тренд од не толку далечното минато, сега ја немаме веќе, сме ја отфрлиле. Сакав да ја пренесам таа трансформација или отфрлање на некои доскорешни традиционални вредности и моди и да ги преточам во нови парчиња. Исто и дизајнот ме привлекува, па му приоѓам на некој објект и дизајнерски. Не само естетски туку и како би изгледало во простор, каква би му била намената и слично.
Остануваме затрупани со своите дела. Или ќе ги дадеш или ќе ги фрлиш. Нема институции, колекционери.
Да, така е. Не знам ни како да продавам некои дела... Размислувам овие едни стари графики, да ги извадам од рамките, но потоа што да правам со рамките, да ги реупотребам за друго дело. На пример, се случува и сакам да го правам ова [покажува на делата создадени од повторно употребен теписон], но што ќе правам после кога ќе го направам, што ќе му правам. И тој проблем ти диктира какво дело ќе имаш и направиш. И се ограничуваш на помали формати... Инаку, јас сум фан на големи формати, слики и цртежи. Но, кај ќе ги изложиш тие, каде ќе ги чуваш?
Имајќи ги предвид твоите досегашни искуства со просторни инсталации, можеш ли да го споредиш искуството со работа во виртуелен простор и во реален, преку изложбата „Traces“?
Предизвикот со просторните инсталации постои и во двата случаи, но секако размислувањето и конципирањето е сосема различно искуство. Со подготовката на оваа VR изложба морав да се прилагодам, пред сè, на различното поимање на таквиот простор. Тука е предизвикот според мене, но и можноста да се постигнат резултати кои во реалниот простор често би биле ограничени технички да ги добиеме.
Уметникот кој живее и твори на овие простори знаеме дека покрај создавањето на делата потоа самиот треба да го осмисли и тој аспект на монтирање на делото во одреден простор. Па, често се случува и некои идеи поради тоа да останат нереализирани.
Секојдневието комплетно ни е дигитализирано, па и сместување на одредена идеја-изложба во виртуелен простор е нешто што допрва ќе се развива како постапка. И би можело да претставува премин кон некои други начини на презентирање на уметничките дела. Според мене тоа е сосема во ред, следејќи ги современите технологии преминуваме и се нурнуваме во една поинакво искуство како креатори, но и како конзуматори.
Горан Ристовски, кадар од виртуелната изложба „Traces“, PrivatePrint VR Studio, 2021
Идејата на VR Studio е тоа да биде соработнички проект. Изложбата се создава помеѓу уметникот, дизајнерот, кураторот, а делата не постојат надвор од виртуелниот простор. Како гледаш на овие можности на несекојдневна соработка?
Соработките се од важно значење во процесот на создавање на едно дело, конкретно со оваа соработка чија комуникација помеѓу уметник, дизајнер, куратор гледана од тие три страни претставува градење на постабилна и посигурна реализација на идејата. Бидејќи се работи за поинакво презентирање на една идеја преку подостапен пристап до публиката, со оние уреди кои секојдневно ги користиме smart phone, computer desktop, laptop и др. на човекот му го презентираме и споделуваме нашето ново искуство, воедно, нудејќи му и нему ново искуство. Сè почести соработки од овој тип се пожелни, како нови практики и искуства, со што се надградува можноста за поинаков пристап и размислување на градењето одредени идеи.
Нашата програма PrivatePrint Meets е насочена кон млади уметници коишто се на самиот почеток на својата кариера и коишто творат во нашиот локален контекст. Па, во таа насока би сакале да дознаеме како ти ја гледаш средината во којашто работиш, уметничката сцена каде што припаѓаш и позицијата на уметникот?
Еден период, конкретно за ликовни уметници, имаше некоја дупка, немаше млади ликовни уметници. Но, наеднаш почнаа, Климентина Јаулеска, Зоран, Христијан и јас, Ѓорѓи Крстевски, сега има уште повеќе Вики, Милко... и така во Струга за мал град има доволно ликовни уметници. Имавме континуитет за организирање на годишна изложба на ликовни уметници од Струга. Уште додека бев на факултет. И фати еден ред таа групна изложба, па јас прекинав на 10-годишнината. Но, изложбата продолжи да се организира, има сега и уште повеќе луѓе, има и аматери.
Ми се допаѓа и соработката и со другите видови на уметници. Секогаш сме отворени за соработки, не мора да сме од иста бранша. Има луѓе сега во градот.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio во 2021 година е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.