Сликарството не е доволно: уметноста е секаде, во говорот, во пишувањето, во движењето
Објавено на 19.11.2023 г.
PP Talk: Симона Манчева
Разговорот е направен во јули 2023 година во рамки на програмата PrivatePrint Meets. Симона Манчева (р. 1989 година во Кавадарци) ги споделува своите гледишта за уметноста и за можностите за активизам со уметнички средства. Таа зборува и за новите технологии и за соработката во рамки на PrivatePrint VR Studio 2023.
Кажи ни нешто повеќе за медиумите во коишто сакаш да работиш и темите што ги изразуваш преку нив.
Многу често размислувам на тоа, во кој медиум би можела да изразам некоја идеја. Обично мотивацијата ја наоѓам од секојдневното живеење, од однесувањето на другите или од моето однесување. Завршив средно уметничко, на одделот сликарство, факултет – сликарство и магистерски – исто. Во текот на целото мое образование, имав можност да се обидам во различни медиуми на работа. Сум сликала на дрво, ѕид, платно, хартија, шперплочи, иверици, стиропор, најлон сè може да се обои по ваш вкус и желба. Постојат бои за сите материјали, прашањето е дали знаеме да ги користиме, како ги користиме, што сакаме да претставиме или декорираме? Без оглед дали станува збор за портрет, икона, фреска, пејзаж, дизајн за продукт или фирма, плакат.
Па така, и за презентацијата на магистерските, користев релјеф и видео. Темата на магистерските ми беше сексуалната работа во минатото и денес. И сметав дека со сликарството не може да се долови тоа што сакав да го кажам. Сепак, уметноста не е само сликарство.
„Невестино – Невистино“, невестински накит, варијабилни димензии, „Будења“ – 14. Меѓународно биенале на млади уметници МСУ-Скопје, 2023 и „Sometime we sleep“, масло на платно, 2022
Зошто ја одбираш темата на сексуалната работа?
Дипломската работа ми поаѓаше од идејата дека секоја жена може да биде убава. Имав многу слики, во различни техники, каде што се содржеше златото и среброто, бидејќи луѓето го вреднуваат златото и среброто. Сакав делата да посочуваат одредена иконографија, како поинакво вреднување или гледање на женското тело. Но по дипломската сфатив дека не е само жената навредувана, угнетувана, малтретирана, дека и мажот може да биде во ранлива состојба. И без оглед на родот, сите тие гневови, но и задоволување на страсти, луѓето ги бараат да си ги задоволат, меѓу другото, и во сексуалната работа; тие го прават тоа и го негираат тоа. Така, тргнав кон таа тема и многу работи најдов во дискриминациите кон групата на сексуалните работници. Потоа со нив работев и боенка за возрасни, „Индукција на права“.
Долгорочно работиш на таа тема?
Правам паузи. Работам и со дел од тие луѓе кои сакаат да ја работат таа работа, но од време на време тоа е блиску и до проблемот на трговијата со луѓе. Се случува да чувствувам и ранливи моменти кога морам да се отргнам од темата, бидејќи ми е болно.
Раскажи ни повеќе за боенката за возрасни. Кој е концептот?
Боенката претставува серија мандали кои содржат еротски и сексуални прикази и 20 различни пораки од 20 сексуални работници што сакаат да им ги пренесат на клиентите. Боенката е така направена за читателот да ја откине и бои онаа илустрација којашто најмногу му го привлекува вниманието, или да ја подари некому. Зад секоја илустрација има порака од сексуален работник, поврзана со илустрацијата.
Мислам дека тоа е тоа првото што нè привлекува, визуелното. Во боенката ги има формите: пенис, вагина, сексуални играчки, го има и чадорот, заштитниот симбол на сексуалните работници. Таа нуди друг начин да размислуваш кон делот на телото или играчката што ти помага во сексуалното задоволство. Мандалата е начин за смирување, е сега кога мандалата содржи таква слика, сметам дека таа контура влијае на мисловниот процес кон сексуалниот чин или кон она што те возбудува, да го гледаш на друг начин.
„Индукција на права“, книга издадена во соработка со Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, 2019
Дали една од главните твои задачи како уметник е да ги натераш луѓето да размислуваат?
Сметам дека секоја слика што ја гледаме поттикнува размислување, без разлика дали е од уметник или не.
Што сакаш да направиш да размислуваат луѓето пред твоите дела?
Свесна сум дека отворам проблематични теми; не само како сексуалната работа и сексуалните задоволувања на човекот, туку и за воздухот што го дишеме и други. Кога после магистерските студии се вратив овде во Кавадарци, почнав да ја забележувам бојата на небото; небото е црвено. Зошто тоа небо е црвено? Не е природно такво, не е зајдисонце. И тоа е „Фени“. Не викам дека не треба да работи, туку на кој начин треба да работи.
Се обидов во различни сликарски техники да го доловам тоа, но ниедна не ми дозволуваше да ја постигнам реалноста на тоа небо дека е црвено. Не знаев како тоа да го постигнам преку сликарството. Тогаш купив фотоапарат и почнав да работам документаристичка фотографија. На каков начин да им кажам на луѓето дека тоа е реално? Ако јас го насликам тоа ќе испадне како оваа слика овде, дрво со црвено небо. Мислиш дека не е вистина, а јас сакам да кажам дека тоа е реално.
Во продолжение на таа тема, работев и со статистики и објавени документи. Колку луѓе починале од рак во Тиквешијата последните 20 години; тужби и жалби за загадувањето на почвата во Кавадарци. Потоа ги изложив на изложбата „Како пораснав“ во 2022 г. и претходно на Биеналето за млади уметници, МСУ – Скопје, 2018 г. Во папка ги отпечатив сите наоди од достапните податоци. Избришав име и презиме на луѓе и број на парцели, ама постапката беше видлива. Тоа се статистики и истражувања што се јавно достапни и што на некого му е работа тоа да го напише. До каде напишал тој, до таму, јас до таму ги имам тие податоци.
„Find the cancer in you“, видео, 2021
На каков начин може уметноста да одговори на таквите теми?
Има уметници работат на друг начин. Сметам дека сите имаме иста цел. Луѓето исто така немаат исти потреби. Затоа постојат пет апчиња за глава, пет апчиња за менструална болка; не ни одговараат истите на сите. И затоа постојат различни стилови на изразување. Затоа и уметноста е секаде, и во говорот и во пишувањето, во движењето. Е сега ние кои сензори ги користиме, тоа е наше. Дали сите или одредени некои? Затоа викам, само сликарството не е доволно.
Не те фрустрира некогаш кога гледаш дека нема промена?
Е супер, викам сега место еден имам два проекти. Ме прашуваат зошто мислиш на општествени проблеми, па без да го мислам го има.
А дали сметаш дека тоа е чин на активизам?
Да, секако дека е, свесна сум за тоа.
Колку мислиш дека активистичката уметност кај нас има простор? Дали мислиш дека има плодна почва кај нас за активизам?
Воопшто, кај нас, каков простор има уметноста? Дали има плодна почва кај нас за уметност? Почвата може да биде плодна и милум и силум, зависи колку вложуваме, а и што бараме од неа.
Сметам дека многумина од нас работат работа што не ја сакаат, од милион различни причини, или пак, немаат доволно знаење или време, а ја сакаат работата. И тука е проблемот.
„Pandemic Bed“ 12:15, 08.04.2021 GALAXY A21S, дигитална фотографија, ДЕНЕС - Награда за млад ликовен уметник, 2021
Дали некој медиум ти го задржува вниманието?
А, сега од годинава се запишав на танц. Зашто кога правам перформанс, свесна сум дека не знам да се движам. И сега тоа го разбрав, дека треба малку да ги соединам нозете и рацете. Исто така, почнав да цртам многу повеќе од порано на компјутер. Користењето на дигиталните формати секојдневно, ме натера да почнам и дигитално да истражувам, за делата да бидат поблиску до потребите на денешното живеење. Изразувањето на одредена идеја преку дигитален цртеж, гиф, видео, анимација стигнува полесно до пошироката публика.
Соработуваш со нас на VR Studio 2023 година во рамки на групна виртуелна изложба. Како гледаш на можностите на дигиталното и на виртуелниот свет?
Сметам дека дигиталното е многу потребно денес, бидејќи голем дел од младите се во тој простор секојдневно и потребна е соодветна содржина. Ние уметниците на факултет не сме се едуцирале да работиме во дигитален свет. Кога се воведе дигиталното образование во средно уметничко и кога на факултет и на каков начин? Многу доцниме со тоа како уметници. Нема никакво инвестирање во тоа. Имам работено и порано дигитални дела, работев анимација и сакам да си го вратам тоа знаење.
Фотографиите од делата се отстапени од уметницата.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio 2023 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.