Уметноста како постоење: процесот на создавање пред стремежот за совршенство
Објавено на 15.11.2023 г.
PP Talk: Риџет Ферати
Разговорот е направен во јуни 2022 година во рамки на програмата PrivatePrint Meets и дополнет во октомври 2023 година во електронска комуникација. Риџет Ферати (р. 1995 година во Скопје) ги споделува своите гледишта за својата млада уметничка практика, различните медиуми во коишто ја реализира својата креативност, како и спиритуалноста која што ја наоѓа во процесот, наспрема стремежот за совршенство. Тој зборува и за можностите што новите технологии ги носат и за соработката во рамки на PrivatePrint VR Studio 2023.
Твоето портфолио опфаќа дела во повеќе медиуми: сликарство, видео, скулптура. Кон кој медиум најчесто прибегнуваш?
Најмногу се занимавам со сликарството. Но кога работам гледам да се изразам преку кој било медиум на којшто можат да допрат моите десет прсти.
Дали повеќе се ослонуваш на концептите и идеите отколку на медиумот?
Повеќе се ослонувам на спонтаноста во работењето и изразот. Инаку медиумот ми е битен, но не игра главна улога. Бидејќи ја имам идејата во глава и потоа само спонтано го правам делото.
Целата моја уметност се одлучив во процес на себеистражување да ја посветам на постоењето, на животот. Луѓето што ме опкружуваат сакам да ги претставам само како силуети во нивното постоење. Тоа е мое лично истражување, а сите други се само силуети кои само ми помагаат или да се себепронајдам или да пронајдам некое решение за некој проблем во општеството во кое живеам. И сето тоа го терам спонтано, бидејќи уметноста ја основам на постоењето, коешто го дефинирам како животот; негирам раѓање, негирам смрт, само животот ме интересира. И затоа во некои од делата се забележува дека нешто не е завршено. Тоа е затоа што сакам да го избегнам совршенството што се бара во животот, бидејќи совршенството го класифицирам како смрт. А јас не се занимавам со тоа, сакам едноставно да биде незавршено, спонтано, да живее. Природно да биде.
„Espresso“ и „Taking a nap” (автопортрети) акрили на платно, 2022
Во процесот на истражување (ако правиш истражување, ако не ти бил процесот целосно спонтан) дали имаш на ум други автори, правци од историјата на уметноста или референци?
Имам омилени сликари и сум работел некогаш следејќи некои нивни принципи, но сум решил дека сепак треба да се ослонам на тоа што го имам во себе. Идејата, боите... ги мешам боите и само гледам како излегува сликата.
Инаку, најмногу сум ги сакал авторите коишто имале некаква мисла. На пример, Хуан Миро и неговата идеја за тоа дека уметникот е како дрво и вкоренети сме со земјата: со гравитацијата дека сме тука, а со гранките сме во небото, можеме да мечтаеме, да креираме. Тоа ми се допаѓало и изразувањето надвор од рамките на претходните техники. Претежно ги сакам сите што се спротивставуваат, што експлодираат на некој начин, дадаистите или Марсел Дишан.
Како тие идеи влијаат во работата на твоите дела? Како ги применуваш?
Ми се допаѓаат тие идеи и како тие размислувале. Се оддалечувале од одредени идеи и техники и воспоставувале нови. Таа слобода, треба таа слобода да се роди во креирањето. И да не се зависи од друг.
Скулптурално дело „Желка“
Како се сместува технологијата во твојата уметност? Ја користиш како медиум за да се изразиш. На кои сè начини, мислиш дека може технологијата да ѝ помогне на уметноста?
Би се обидел да работам со вештачка интелигенција, вештачко творење. Ми се допаѓа дека се оди кон тоа. Ме интересира тоа како нештото, како жива материја може да постои, но е креирано вештачки.
Инаку, кога спомена за различните медиуми што ги користам, на пример видео и филм. Во нив, многу сакам да експериментирам со звуци, бидејќи мислам дека звукот или фреквенцијата е таа што може да се искористи за комуникација. Некогаш мислам дека текстот ми е вишок, дури и додека го правев краткиот филм „5 10 15“, мислев да немам текст, туку да играм со емоции. Иако ги склопив сите заедно, ставив и текст и музика, на пример, оставив на почетокот намерно да не се слуша гласот, за да го доловам тој момент на мисли коишто летаат по главата.
Текстот од филмот е исто така твој?
Да. Пишувањето ми е исто така пасија. Пишувам што ќе ми дојде. Не можам тој процес никако да си го објаснам, само знам дека излегуваат мисли од мене. Почнав да пишувам со туш и перо. Сакам да пишувам така, бидејќи имам допир со хартијата. А текстот за филмот беше напишан во еден здив. Го отворив лаптопот, го напишав и го затворив. Потоа, по некое време, кога го прочитав повторно, скратив некои делови и сфатив дека треба да снимам филм. Во тоа време посетував театар, аматерскиот театар „Чекори“, па така се пренесе тоа и во форма на филм.
Соработуваш со нас на VR Studio 2023 година во рамки на групна виртуелна изложба. Како се вклопува овој вид работа, во виртуелниот свет и низ соработнички процес на создавање, во рамки на твојата уметничка практика?
Верувам дека оваа соработка не само што ќе го поттикне уметничкиот раст, туку и ќе ни овозможи да истражуваме нови хоризонти во светот на уметноста во виртуелната реалност.
Во доменот на виртуелниот свет, соработничкиот процес на создавање нуди примамлив поглед во иднината на уметничкото изразување, визионерска граница каде што креативноста има бескрајни можности. Размислувајќи за тоа како таков потфат се усогласува со мојата уметничка практика, откривам дека не само што се усогласува со мојата визија, туку ја турка во непознати територии што го одземаат здивот.
Што се однесува до иднината, предвидувам време кога виртуелната реалност станува заедничка свест, меѓусебно поврзано царство каде што уметниците од сите страни на светот се спојуваат во метаверс на имагинација. Ова спојување на колективната човечка креативност има потенцијал да ги надмине границите, јазиците и културните поделби, обединувајќи нè во поривот од заеднички соништа и визии. Во оваа виртуелна иднина, уметноста не е обичен артефакт, туку динамична, еволутивна сила која реагира на постојано променливото човечко искуство. Се прилагодува, расте и комуницира со својата публика, нудејќи партиципативна улога во креативниот процес, создавајќи неизбришлива врска помеѓу создавачот и публиката.
Значи, за да одговорам на вашето прашање, соработничкиот, виртуелен свет што го истражуваме денес не е само минлив експеримент, туку длабок предвесник на иднината каде што уметничката практика ги надминува своите традиционални граници, обединувајќи ги умовите и визиите во царството во кое уметноста не познава граници и креативноста одекнува како универзален јазик. Тоа е возбудлив хоризонт на кој сум сесрдно посветен да го прифатам, бидејќи нè повикува да ја редефинираме самата суштина на уметноста и нејзиното место во човечкото искуство.
„Pink“, видео, 2023
Ја спомена природата, дека треба да се вратиме во природата, да гледаме накај природата... Како, од аспект на твојата уметничка работа и ставови, би ја дефинирал природата?
Многу ме допре една латинска изрека: „Природата не прави големи чекори во својот развој.“ Така и човекот треба да се развива. Ми се допаѓа тој процес. Како природата работи, како полека се гради, полека еволуира. Тоа се процеси коишто не ги гледаме, а се случуваат во позадина. А ние живееме на целосно различен начин. Генерално, изроботизирани сме, ја немаме таа душа што ни треба и затоа го барам тоа враќање кон природата. Од една страна тоа е од спиритуален аспект, но од друга страна и поради климатските промени што се случуваат и тој еколошки аспект.
Фотографиите од делата се отстапени од уметникот.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio 2023 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.