- дома
-
издаваштво
-
студио
- графички дизајн
-
за нас
- поддршка
Авторка: Сара Ахмед
Превод: Ива Димовска
Објавено на 13.01.2022 г.
Преводот на есејот „Ориентации: насоки за квир феноменологија“ од Сара Ахмед се случува како резултат од работата на проектот на At an agle of 45° на Ивана Мирчевска, во издание на Приватен принт. И покрај тоа што Ивана во текот на своето истражување консултира и други автори и текстови, есејот на Ахмед е главниот теоретски материјал на кој таа [Ивана] ја гради својата уметничка хипотеза за гледање под агол од 45°. Аголот кој Ивана го предлага (како и насловот на книгата) произлегува токму од цитат од Мерло-Понти, кој Ахмед, меѓу другите, го користи во дефинирањето на насоките за квир читање на феноменологијата. И покрај тоа што истражувањето на Ивана не целосно ја користи теоријата на Ахмед во нејзината оригинална форма, сепак таа се задржува на клучните поими и концепти како: ориентации, хоризонти, перцепција, тела... Таа за своето истражување вели:
„Концептот на мојата прва книга произлегува од мојот уметнички ангажман со сликите во движење и се стреми кон нивното „преведување“ во поинаквата временост што ја предлага самиот медиум на книга. За потребите на ова истражување одлучив да се фокусирам кон материјалната функција на екранот како средство во практиките на ориентација, заштита и маскирање. Преку користењето со различни дигитални и аналогни технологии на визуелното (огледала, површини, екрани, тела), поставени како агенти на подвижни хоризонти, внатрешни и надворешни пејзажи, предлагам спекулативен и перформативен начин на гледање „Под агол од 45 степени“. Овој агол е лоциран во меѓупросторот на допирот и окото, телото и просторот, вертикалната и хоризонталната оска и неговата цел е да ја дестабилизира нормативната перцепција на читателот, односно да отвори простор за гледање поинаку од даденото.“ („Културен печат“ број 111)
Превод од англиски јазик: Ива Димовска, доктор по родови студии
Преводот е поддржан од Prince Claus Fund for Culture and Development
Наслов на оригиналот: Sara Ahmed, "Orientations: Toward a Queer Phenomenology," објавен во GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies,Volume 12, no. 4, pp. 543-574. Copyright 2006, Duke University Press. Сите права се задржани. Реобјавано со дозвола од сопственикот на авторските права Duke University Press. www.dukeupress.edu
Белешките можете да ги прочитате на крајот од есејот. Белешките од авторката се означени со бројки, а белешките од преведувачката со ѕвездички.
Станување стрејт
Па тогаш, што значи да се биде сексуално ориентиран? Најпрво би можеле да предложиме дека таквите ориентации бараат време. Би можеле да ја парафразираме Симон де Бовоар почнувајќи со следнава изјава: „Луѓето не се раѓаат стрејт, туку стануваат стрејт“.24 Што би значело ако хетеросексуалноста би се анализирала како состојба на постанување, а не на постоење? Поставувањето на ова прашање нè потсетува дека не треба да пристапуваме кон прашањето за ориентација едноставно како просторно прашање. Овде би можеле да забележиме дека постоењето не се однесува само на процесот на телесно живеење, или она што Хајдегер го нарекува „правење простор“25 туку и на времето: постоењето е процес на опстојување, па дури и на одолговлекување или одложување. Ако ориентацијата е прашање на тоа како живееме или како создаваме простори што ни се познати, тогаш ориентациите, исто така, бараат време. Ориентациите ни овозможуваат да заземаме простори само доколку тие заземаат време. Дури и кога се чини дека ориентациите се однесуваат на тоа како сме насочени во сегашноста, тие нè упатуваат и кон иднината. Надежта при менувањето насоки секогаш се состои од тоа и дека не знаеме каде може да нè одведат некои патишта: ризикот кој го преземаме при напуштањето на правиот* и тесен пат го овозможува постоењето на нови иднини, што може да доведе до заталкување, губење на насоката, но и станување квир.
Темпоралноста на ориентациите нè потсетува дека ориентациите се ефекти на она кон што сме насочени, каде што „кон“ означува простор и време што се речиси, но не сосема, достапни во сегашноста. Кога станува збор за сексуалната ориентација, овие простор и време не се едноставно достапни. Станувањето стрејт подразбира не само свртување кон објектите кои ни ги дава хетеросексуалната култура, туку и оттргнување од објектите што нè оддалечуваат од оваа насока. Оттука, квир субјектот во рамки на стрејт културата застранува од трасираната насока и е општествено присутен како девијантна појава. Она што е присутно во сегашноста не е случајно: како што веќе објаснив, ние не ги стекнуваме нашите ориентации, затоа што наоѓаме нешта ваму или таму. Туку, одредени објекти ни се достапни поради насоките што ги следиме: нашите животни текови следат одреден редослед, што е истовремено и прашање на следење на насоката или бидување насочен на одреден начин (преку процесите на раѓање, детство, адолесценција, брак, репродукција, смрт), како што ни покажа Џ. Халберстам, размислуваќи за „темпоралноста“ на семејството и трошењето на семејното време.26 Користењето на ориентациите како концепт ни овозможува да разоткриеме како животот зазема одредени насоки преку самата потреба за следење на она што ни е веќе дадено. За еден живот да се смета за добро проживеан живот, мора да го врати долгот што тој живот го бара, следејќи ја насоката која е претставена како општествено корисна, што значи, замислувајќи ја иднината преку достигнувањето на одредени целни точки во текот на еден животен век. Ваквите цели се акумулираат, создавајќи впечаток на права линија. Следењето на ваквата линија може да биде еден од начините на станување стрејт, со избегнување на застранувањата од целните точки.
Односот помеѓу следењето насока и условите за појава на таа насока е често амбивалентен. Кое е прво? Отсекогаш бев заинтригирана од фразата „добро изгазена патека“. Една патека настанува преку повторливо чекорење на земјата. Ја гледаме патеката како трага од минати патувања, направени од отисоци и отпечатоци од стапала кои газат и при газењето оставаат траги на земјата. Ако луѓето престанат да газат, патеката може да исчезне. Кога гледаме траги на земјата пред нас, настојуваме да одиме по нив, бидејќи патеките го расчистуваат патот. Па, чекориме по патеката како да постои пред нас, но таа постои пред нас само како резултат на тоа што некој чекорел таму пред нас. Ова е парадоксот на отисоците. Трагите во земјата се создаваат преку следење на минатите чекори и се следат со самото тоа што се создадени. Трагите што нè насочуваат, како линии на мисла, но и како линии на движење, се перформативни, на начин на кој зависат од повторувањето на норми и конвенции, од патиштата и патеките кои се проодени, но и се создадени како ефект на ова повторување. Да се каже дека трагите се перформативни значи да се каже дека ја наоѓаме нашата насока, знаеме кон каде сме свртени, само како резултат на напор што е често скриен од поглед. Па така, ако ги следиме упатствата, пристигнуваме на дестинацијата, како со магија.
Тоа значи дека насоките се однесуваат на магијата на пристигнувањето. На некој начин, трудот кој се вложува за пристигнувањето се заборава со самото чувство дека пристигнувањето е магично. Трудот вклучува следење насоки, што значи дека пристигнуваме на дестинацијата ако сме ги следеле правилно; погрешните читања нема да нè одведат до таму. Следењето насоки функционира и како форма на општествена инвестиција. Ваквите инвестиции ветуваат исплата (ако ја следиме оваа насока, ќе го добиеме ова или она нешто), преку која и е одржана самата волја за продолжување. Преку ваквите инвестиции во вербата за исплата, субјектите ги репродуцираат насоките што ги следат. Преобмислувањето на политиките на правите/стрејт линии ни помага да го преиспитаме односот помеѓу наследството (насоките кои ни се дадени како наша точка на пристигнување во семејниот и општествениот простор) и репродукцијата (барањето да го вратиме она што ни било дадено од насоката со продолжување на таа насока). Репродуцирањето на она што го наследуваме или трансформирањето на она што го наследуваме во наша сопственост не е секогаш автоматски процес. Мораме да обрнеме внимание на притисокот под чие дејство настануваат ваквите преобразби. Овде можеме да се потсетиме на различните значења на зборот притисок: општествениот притисок да се следи одредена насока, да се живее одреден вид живот, па дури и да се репродуцира тој живот, може да биде почувствуван како физичко потиснување на површината на телото, што сигурно остава свои траги. Ние сме притиснати во одредени насоки, исто како што насоките се акумулација на такви моменти на притисок, кои би можеле да ги наречеме “стресни точки“.
Ќе се осврнам на стресот или напорот вложен при станувањето стрејт преку една анегдота. Повторно сум седната на масата. Овој пат тоа е трпезариската маса, маса околу кој се собира едно множество наречено „ние“. Ваквите маси функционираат сосема поинаку од работните маси: не само затоа што поддржуваат поинаков вид дејства, туку и затоа што укажуваат на колективни собири; тие се оддалечени од самотниот свет на писателот. Трпезариската маса е маса околу која телата се здружуваат преку посредништвото на нејзината површина, споделувајќи ги храната и пијалокот што се на масата. Оваа улога на масата што посредува помеѓу телата околу неа со цел да формира еден собир е опишана од Хана Арент во Човековата состојба: „Да се живее заедно во еден свет всушност значи дека еден свет од нешта се наоѓа помеѓу оние на кои заеднички им припаѓа, како што масата се наоѓа помеѓу оние кои седат околу неа.“27 Собирите не се неутрални, туку насочени кон нешто. При собири, од нас може да биде побарано да следиме одредени насоки. Ако семејствата и другите општествени групи се собираат околу маси, што значат овие собири? Какви насоки следиме кога се собираме на овој начин?
Па така, седната сум на масата, а семејството се собира околу неа. Јадеме и зборуваме и ја вршиме работата својствена за едно семејство, домашната работа која е насочена кон телата. Сестра ми коментира, одвојувајќи ме за момент од оваа сфера на семејно постоење. Таа вели: „Види, мал Џон и мал Марк“. Таа се смее, покажувајќи кон нешто. Џон и Марк се имињата на сопрузите на моите сестри и татковците на нивните деца. Погледнуваме и ги набљудуваме и момчињата како мали верзии на нивните татковци.
Слушајќи ја нејзината забелешка, сите ја следиме нејзината рака која покажува кон објектот што е споменат. Па така, следејќи ја насоката на нејзината рака, се вртиме кон објектот на нејзината забелешка: две мали момчиња седат рамо до рамо, во близина на масата, на тревникот. Ние сме насочени со гестови, што значи дека му го посветуваме нашето внимание на истиот објект; покажувањето остварено од страна на мојата сестра функционира како подарок, па сите го споделуваме објектот. Сите се смеат на овој коментар. Да, ги гледаме двата сина како мали верзии на нивните татковци и ефектот е истовремено сериозен и комичен. Едно потемно и едно посветло момче, еден потемен и еден посветол сопруг. Разликата меѓу момчињата е всушност споделеното наследство, како разликата да е воспоставена преку следењето на татковската линија. При ваквите семејни собири, споделената смеа, која настанува како домино ефект, се однесува и на споделување насока или следење една иста насока. Повторувањето на таквите гестови произведува една состојба, а таа состојба создава свои впечатоци за оние што седат на масата.
Овој пример ме охрабрува да ја преиспитам работата на правата/стрејт линија. Ни го покажува односот помеѓу двете линии, вертикалната и хоризонталната линија на конвенционалната генеалогија. Би сакала да помислиме на семејното дрво, кое е направено од вертикални линии кои ја „покажуваат“ крвната врска, линијата на потекло што ги поврзува родителите и децата; и хоризонталните линии кои ја покажуваат врската помеѓу мажот и жената и меѓу браќата и сестрите.28 Надежта на семејното дрво, поинаку позната и како желба за репродукција, е дека вертикалната линија ќе произведе хоризонтална линија, од која ќе се повлечат понатамошни вертикални линии. Точката каде што се спојуваат линиите е на крајот на краиштата самата точка на репродукција.
Изјавата „Види, мал Џон и мал Марк“ ја изразува оваа надеж како желба преку тоа што повлекува линија од татко до син. Момчето се појавува во линијата бидејќи ние го гледаме како некој кој го репродуцира ликот на татко си, па дури и е замислен како точка на една друга линија, онаа што допрва треба да се формира, во онаа мера во која тој самиот би бил татко на идни синови. Ваквиот наратив за станувањето татко значи дека иднината на момчето е веќе замислена како иднина која ја следи насоката на таткото: таквата насока бара формирање хоризонтална линија (брак) од која ќе следат идните вертикални линии. Ваквата изјава може да се разгледува како изјава која го перформира трудот на усогласувањето: изјавата го позиционира детето како сè уште не возрасен, преку тоа што го усогласува полот (машкото тело) и родот (машкиот карактер) со сексуалната ориентација (хетеросексуалната иднина). Преку изјавата, овие сè-уште-не-се-но-ќе-бидат субјекти се вметнати во линијата, со тоа што им е дадена иднина која ја следи насоката на семејната линија. Она што ме интересира овде не е како полот, родот и сексуалната ориентација можат да застранат од линијата, што секако можат и го прават, но како тие се одржуваат во линија, често преку сила, така што секоја неусогласеност произведува квир ефект.
Можеме да преиспитаме како некој станува стрејт размислувајќи за тоа како една ориентација како насока (преземена) кон објектите и кон другите, станува задолжителна, повикувајќи се на моделот на Рич за „задолжителната хетеросексуалност“.29 Субјектите се задолжени да се стремат кон одредени објекти, а не кон други, како предуслов за семејната, но и општествената љубов. За момчето да ја следи семејната линија ќе „мора“ да се ориентира кон жените како сакани објекти. За девојчето да ја следи семејната линија „мора“ да ги одбере мажите како сакани објекти. Претпоставката според која детето мора да го наследи животот на родителот е онаа која бара од детето да ја следи хетеросексуалната линија.
Се разбира, кога наследуваме, ја наследуваме и близината на одредени објекти, како она што ни е достапно, она што ни е дадено во семејниот дом. Овие објекти не се само материјални: можат да бидат вредности, капитал, цели, проекти и стилови. Во онаа мера во која го наследуваме она што е доволно блиску за да биде достапно во нашите домови, ние наследуваме и ориентации, односно, ја наследуваме близината на одредени објекти повеќе од други, што значи дека наследуваме начини на постоење и заземање простор. Самиот предуслов дека детето мора да следи одредена родителска линија става одредени објекти, а не други, на дофат. Па така, детето е насочено кон она што е доволно блиску, при што близината или достапноста е она што веќе „постои“ во семејниот дом. Насочувајќи се кон она што е на дофат, детето ги стекнува своите тенденции кои пак го воведуваат во соодветната линија. Телата стануваат стрејт со тоа што се насочени кон стрејт објекти, на тој начин што ги стекнуваат своите тенденции како ефект на таа насоченост кон нешто. Сексуалните ориентации се и перформативни: насочувајќи ги своите желби кон некои други, но не кон другите други, за возврат телата ги добиваат своите форми.
Објектите кои се доволно блиску може да се опишат како хетеросексуални објекти, во рамките на конвенционалниот семеен дом. Како што тврди Батлер, „хетеросексуалните родови се формираат преку откажување од можноста за хомосексуалност, при што ваквото негирање на можноста создава поле на хетеросексуални објекти, додека истовремено создава домен на оние кои би било невозможно да се предмет на нечија љубов.“30 Можеме да видиме од овој пример дека близината на објектите кои би биле предмет на нечија љубов не е случајна: тие објекти не можат да се најдат туку-така. Самиот предуслов кој го задолжува детето да ја следи родителската линија става одредени објекти, а не други, на дофат. Задолжителната хетеросекуалност создава „поле на хетеросексуални објекти“ со самото тоа што му наметнува на субјектот да се откаже од можноста за други објекти кои би можеле да бидат предмет на неговата љубов.
Интересно е да се размислува што сака да каже Батлер со „поле на хетеросексуални објекти“. Како овие објекти се произведени преку дејства кои го негираат постоењето на други можности? Би можеле да се сконцентрираме на значењето на поимот поле. Дефинирано како отворено или исчистено тло, полето што содржи објекти оттука би нè поттикнало да размислуваме како одредени објекти стануваат достапни преку расчистување, преку распределување на просторот како простор за одредени нешта, а не за други, при што нештата можат да вклучуваат и дејства (правење нешта). На некој начин, хетеросексуалноста станува поле, простор кој им обезбедува тло, па дури и основи за постоење на хетеросексуалните дејства преку откажувањето од она што не е и преку создавањето на она што е. Како што јасно ни покажа Мишел Фуко, „постои потреба за дискурс“, во чии рамки за објектите се зборува и тие стануваат реални преку самиот поттик да им се даде форма, а не преку нивната негација.31 Или, би можеле да кажеме дека и поттиците и негациите се генеративни; тие создаваат објекти и светови. Хетеросексуалноста тогаш не е едноставно во објектите, како да е својство на објектите, а не се однесува ни на објектите кои може да се предмет на нечија љубов, ниту, пак, може да одредува кој е доволно блиску за да биде објектот на таа љубов, иако и ваквите објекти се значајни. Ниту пак хетеросексуалните објекти едноставно се однесуваат на објекти кои ја прикажуваат хетеросексуалноста како општествено и сексуално корисна, иако и таквите објекти се важни. Наместо тоа, хетеросексуалноста би била еден ефект на тоа како одредени објекти се собираат за да расчистат едно тло, на тоа како објектите се поставени во создавањето на позадина.
Можеме да му се вратиме на Хусерл и на неговата маса. Да се потсетиме дека Хусерл се свртува кон неговата работна маса, како она со кое се соочува, со што пак става други работи зад себе. Свртувајќи се кон работната маса некои други работи се појавуваат на хоризонтот, како на пример, нешта во позадината околу објектот: тоа се мастилото, моливот и така натаму. Овие објекти се во близина на она кон кое е свртен, иако тие и не го привлекуваат неговото внимание. Близината на овие објекти е прашање на случајност; нивното постанување дел од видното поле треба да се темпира на одреден начин, иако не е случајно дека токму овие објекти се она што тој го гледа. Дејството (пишувањето) е она што ги поставува нештата во близина на други нешта, додека истовремено дејството (пишувањето) зависи од близината на нештата. Она што е значајно овде не е само односот помеѓу телото и „она“ што е блиску, туку и односот помеѓу нештата кои се блиску.32 Фактот дека мастилото е на масата, на пример, има врска со тоа дека мастилото и масата се свртени во истата насока. Ориентациите се сврзувачки затоа што поврзуваат објекти. Близината воспоставена меѓу објектите зависи од нивните истории, начинот на кој настануваат, како се групираат во зависност од нивната достапност како нешта со кои може да се прават нешта.
Полето на хетеросексуалните објекти е произведено како ефект на повторувањето на одредена насока, која се оформува како „позадина“ и која би можела да биде индивидуално определена како „мојата позадина“, како она што ми дозволува да постојам и да правам нешта. Па така, мислам на мојот семеен дом. Одредени предмети се издвојуваат; тие го окупираат моето внимание. Повторно мислам на кујната и на трпезаријата. Во секоја од двете соби се наоѓа маса околу која се собира семејството: една за секојдневни оброци, другата за поформални прилики. Кујнската маса е од светло дрво, покриена со пластичен чаршав. Околу неа се собираме секое утро и навечер. Сите имаме свое место. Моето е на крајот на масата спроти татко ми. Моите сестри се лево од мене, мајка ми десно. Секој пат се собираме на овој начин, како аранжманот да обезбедува нешто повеќе од самите места. За мене, постоењето во рамките на семејството е заземање позиција која е однапред дадена. Седнувам на моето место и ја заземам оваа позиција.
Трпезариската маса ја имитира формата на собата. Тоа е свечена маса, од темно и полирано дрво. Таа е покриена со тантелна ткаенина, која го покрива дрвото, но не целосно, така што темното дрво е видливо одоздола. Ја користиме оваа маса кога имаме гости. Оформена од она што го правиме со неа, масата добива форма преку нашите дејства: таа е позачувана, бидејќи помалку се користи. Нејзината полирана површина ни го одразува нам, но и на другите „одразот“ на семејството, на семејството како слика и како замислена целина. Впечатокот кој го остава масата ни покажува како семејството се претставува пред другите. Собата секогаш се чини ладна и темна. И празна. Но, сепак е исполнета со објекти. Зад масата, ако сте свртени кон собата од отворената врата, се наоѓа креденецот. На него се натрупани објекти. Еден објект се издвојува од целината, помислувам на него. Се работи за сетот за фонду. Не се сеќавам на ниту една прилика при која сме го користеле тој сет. Но е објект кој е значаен на некој начин. Сетот за фонду е свадбен подарок. Овој подарок го одбележува бракот како посебна прилика, како јавен настан чиј важен дел е дарувањето на хетеросексуалната двојка, кој ја претставува жената како подарок за мажот, па дури и ја претставува двојката како подарок за другите, оние кои дејствуваат како сведоци на дадените подароци.33 Овој објект ја стекнува својата цел преку ова предавање подароци, што пак ја оформува двојката, или ја претвора двојката во она што е веќе дадено и во подарок.
А потоа, тука се фотографиите, кои ги покриваат ѕидовите. Свадбената фотографија ја зазема главната позиција. Под неа се наоѓаат семејните слики, некои од нив формални (сликани од фотографи), други посекојдневни. Каде и да се свртам, дури и ако сеќавањето не ми дојде на помош, сум потсетена на тоа како семејниот дом изложува објекти кои ја мерат социјалноста во однос на хетеросексуалниот подарок. Фактот дека овие објекти се изложени, дека ја прават видлива фантазијата за добар живот, зависи од нашата реакција во нивната насока со едно „да“, па дури и од гестовите на љубов, или читањето на овие објекти како сопственото поле на претпочитана интимност. Ваквите објекти не одразуваат или евидентираат животи, туку бараат реакција. Не само што бараат реакција, туку бараат и да им се вратиме, прифаќајќи ги таквите објекти како олицетворение на нашите сопствените истории, како подарок на нашите сопствени животи. Близината на таквите објекти (масите, сетовите за фонду, фотографиите) нè враќа назад, во семејната позадина, но и нè носи настрана, низ близината што секој ја има со другиот, како она преку кое семејството постои. Објектите се собираат, како семејни собири. Се собираат на масите, но и на други објекти со хоризонтални површини, кои го расчистуваат тлото.
Во конвенционалниот семеен дом она што се случува бара следење на одредена линија, семејната линија која ни го насочува погледот. Хетеросексуалната двојка станува точка на оваа линија, која му се дава на детето како негово наследство или позадина. Оттука, позадината не е едноставно „зад“ детето, туку и она „кон“ кое детето треба да се стреми. Позадината, дадена на овој начин, може да нè ориентира кон иднината: таа е онаму каде што детето треба да ја насочи својата желба, прифаќајќи ја семејната линија како сопствено наследство. Постои притисок да се наследи оваа линија, притисок кој може да го користи јазикот на љубовта, среќата и грижата, што го турка детето кон одредената патека. Не знаеме што би можеле да бидеме без овие точки на притисок, кои ни велат дека ќе бидеме среќни ако го направиме ова или она. Но, сепак, овие места каде што сме под притисок не значат секогаш дека ќе ја следиме линијата; во одредени точки, можеме да го одбиеме наследството, точки кои често се доживуваат како „критични точки“. Не знаеме секогаш каква криза се одвива во овие точки.
Оттука, хетеросексуалноста не е само ориентација кон другите, туку е исто така нешто околу кое сме ориентирани, дури и кога исчезнува од погледот. Не е точно дека хетеросексуалниот субјект мора да им го сврти грбот на квир објектите при прифаќањето на хетеросексуалноста како родителски подарок; задолжителната хетеросексуалност го прави непотребен ваквиот потег (иако станувањето стрејт може да се живее како вртење грб на нешто/некому). Квир објектите, кои не му дозволуваат на субјектот да ја присвои формата на хетеросексуалната двојка, можеби нема ни да се приближат доволно за да „влезат во видното поле“ како можни објекти кон кои некој може да биде свртен. Телото делува на она што е на дофат, што го проширува дофатот на телото, но сепак ги држи другите објекти далеку од дофат.
\\
Белешки:
[24] Simone de Beauvoir, The Second Sex, превод на H. M. Parshley (New York: Vintage Books, 1997). Според Де Бовоар, „Една жена не се раѓа како жена, туку станува жена“ (295). Постанувањето жена се однесува на преземањето на отелотворената состојба на постоењето како жена, процес за кој треба време, како начин на проектирање на една личност во светот. Кога некој „станува стрејт, тогаш таа личност ја „презема“ отелотворената состојба на постоењето како стрејт, за што исто така, е потребно време.
[25] Martin Heidegger, Being and Time, превод на John Macquarrie and Edward Robinson (Oxford: Blackwell, 1973), 146.
[26] Judith Halberstam, In a Queer Time and Place: Transgender Bodies, Subcultural Lives (New York: New York University Press, 2005), 152 – 53.
[27] Hannah Arendt, The Human Condition (Chicago: University of Chicago Press, 1958), 53. Ѝ се заблагодарувам на Елена Лоизиду која ме охрабри да се навратам на Арент и нејзините опсервации за масите.
[28] Како што има покажано и Сара Франклин, генеолошките линии се перформативни: преку повторувања, тие создаваат врски и конекции кои потоа се живеат како трасирачи на патеки (“The Line and the Tie” [Seventh Annual Annette B. Weiner Memorial Lecture, New York University, April 6, 2005]).
[29] Adrienne Rich, “Compulsory Heterosexuality and Lesbian Existence,” во The Lesbian and Gay Studies Reader, ed. Henry Abelove, Michèle Aina Barale, and David M. Halperin (New York: Routledge, 1993), 229.
[30] Judith Butler, The Psychic Life of Power: Theories in Subjection (Stanford, CA: Stanford University Press, 1997), 21; мој курзив.
[31] Michel Foucault, An Introduction, vol. 1 of The History of Sexuality, превод на Robert Hurley (New York: Vintage Books, 1990), 17 - 35.
[32] И зборовите можат да бидат во близината на други зборови. Знаеме од психоанализата дека и близината на зборовите не е случајна: збор за збор (метонимија) и збор наместо збор (метафора) зависат од лепливите истории кои нè носат назад, како и напред. Види второ поглавје од мојата книга The Cultural Politics of Emotion (Edinburgh: Edinburgh University Press, 2004) за анализа на „лепливите знаци“, а особено лепливата страна на метономијата.
[33] За родовата природа на економијата на дарувањето види Claude Lévi-Strauss, The Elementary Structures of Kinship (New York: Beacon, 1969); Gayle Rubin, “The Traffic in Women: Towards a Political Economy of Sex,” во Toward an Anthropology of Women, ed. Rayna R. Reiter (New York: Monthly Review Press, 1975); и Luce Irigarary, This Sex Which Is Not One, превод на Carolyn Burke (Ithaca, NY: Cornell University Press, 1985).
\\
Белешка на преведувачката:
* Во оригинал “risking departure from the straight and narrow”, пришто анлглиското “straight” се употребува и за стрејт - со значење хетеросексуално, но и прав, означувајќи насока.
Сакате да ги поддржите нашите активности? Прочитајте како можете да го сторите тоа!
Со поддршка на нашите активности ја поддржувате младата и прогресивна уметничка сцена која се бори за подобра видливост, средства и простор за израз во рамките на културната сцена.
Како прв издавач на уметнички книги во Скопје, Северна Македонија, основан во 2016 година, PrivatePrint цели кон објавување и поддршка на уметнички книги и на млади уметници кои работат надвор од востановените институционални рамки. Уште од самиот почеток, паралелно со издавачката програма се разви и разновидна непрофитна програма која вклучува изложби, промоции, меѓународни презентации, блог и онлајн активности и слично. Со оваа програма започнува работата на PrivatePrint Studio како уметнички и изложбен простор, кој потоа беше официјализиран како здружение во 2018 година со цел понатамошен развој на својата мисија. Преку своите активности студиото цели да создаде платформа за истражување и претставување на уметнички книги,дизајн и други медиуми на израз во современата уметност видени во поширок социо-културен контекст. Работи на подобра видливост и поврзување на уметниците и уметничките практики, како во локалниот контекст, така и преку размена на идеи на меѓународен план.
Затоа ни е потребна вашата поддршка, за да ја одржиме редовната работа на студиото и да отвориме повеќе можности за младите уметници да ја развиваат и претставуваат својата работа.
Можете да бидете донатор, спонзор или, пак, да се пријавите за годишна претплата на публикациите на PrivatePrint! Прочитајте повеќе и контактирајте нѐ!
Донирајте!
Можете да бидете донатор, да ги поддржите непротифитните активности на студиото и да ни помогнете да се развиваме. Сите донатори ќе бидат наведени на нашата веб-страница, освен ако не сакате да бидете анонимни.
Доколку сакате да направите лична донација (физичко лице) со сума по ваш избор, можете да го направите тоа на следните сметки:
Во Северна Македонија:
Здружение Студио ПРИВАТЕН ПРИНТ Скопје
Бул. „Партизански одреди“ 62/1-4 1000 Скопје
Број на сметка: 300000004181609
Банка: Комерцијална банка АД Скопје
Меѓународно:
Strudio PRIVATEN PRINT Skopje
bul. "Partizanski odredi" 62/1-4 1000 Skopje, North Macedonia
IBAN: MK07300701003635721
SWIFT: KOBSMK2X
Доколку сте компанија, институција или слично (правно лице) и сакате да направите донација, ве молиме да нѐ контактирате за повеќе информации >>>
Лице за контакт:
Марија Христова
marija@privateprint.mk
+(389) 78 539738
Бидете спонзор!
Можете да бидете спонзор на конкретен проект. Контактирајте нѐ за повеќе информации за нашите тековни или идни уметнички проекти. Сите спонзори ќе бидат наведени на нашата веб-страница, а нивната поддршка со благодарност ќе биде назначена и на сите промотивни материјали за проектот.
Тековни проекти кои можете да ги поддржите:
Emerging Concepts Edition
Изложби во соседството (минати изложби во рамки на програмата: Ледиа Костандини, Илија Прокопиев, Марта Шиндил)
Лице за контакт:
Марија Христова
marija@privateprint.mk
+(389) 78 539738
Претплата 2020
Можете да се пријавите за годишна претплата на изданијата на PrivatePrint. Бидете првиот што ќе ги добие нашите уметнички книги од 2020 директно на вашата адреса. Дополнително, добивате попуст од 10% на сите други публикации на PrivatePrint.
Годишна претплата - 2000 МКД \ 33 ЕUR
* Бесплатна достава на книгите во Северна Македонија.
** За цените за меѓународна достава пишете ни мејл.
Следете ја нашата веб-страница и социјалните профили (Facebook \ Instagram) за повеќе информации за книгите за 2020 година.
За повеќе информации и за деталите за плаќање контактирајте нѐ >>>
Лице за контакт:
Марија Христова
marija@privateprint.mk
+(389) 78 539738