Драгана Пендовска зборува за својата млада уметничка практика и за виртуелната изложба Stepping into the cornfield
Објавено на: 22.07.2021
Разговорот е направен на 4 февруари 2021 година во рамки на нашата серија разговори PrivatePrint Meets и дополнет на 23 јуни 2021 година. Драгана Пендовска зборува за својата тукушто започната уметничка практика, за своите погледи кон уметноста како млад уметник, како и за нашата соработка на виртуелната изложба “Stepping into the cornfield” во склоп на нашето VR Studio.
Драгана Пендовска
Дипломираше со изложбата „Кодови“ во септември 2020 година. Делата од оваа изложба се поврзани со јазикот и неговото визуелно пренесување. Создаваш свој јазик кој пренесува информација и тоа е многу интересна приказна. Кажи ни повеќе за овој проект.
Кодот кој е имено искористен за дипломската всушност беше создаден многу години порано, кога бев мала, некаде во трето-четврто одделение. Го создадов од причина што имав недостиг од приватност, на пример, би сакала нешто да пишеш, но ти е страв дека некој тоа ќе го прочита или дури ќе се потсмева со истото. Поради големата фрустрација дека приватноста ми беше ограничена и немав избор, морав да создадам нешто што на изглед на сите други ќе им чинеше како некаквиси чкртаници. Испишани бројки и букви, кои навидум на никој не би му значеле ништо, сосема незабележливи, невидливи за сите други освен за мене. Токму така почнав да го создавам кодот и дури, од страв да не се разбие тој код, создадов повеќе верзии. Интересното е што од моментот кога го завршив кодот, тој остана само испишан на лист сè до пред реализацијата на дипломската. Но, првично идејата за дипломската ми беше науката, во смисла, да применам хемија и физика во делата. Како и да е, со појавата на пандемијата, а и по разговорот со професорот и ментор Наневски, заклучив дека тоа е малку тешко да се изведе, бидејќи тоа што сакав да го направам бараше многу хемикалии што се опасни. И повторно се навратив на кодовите. Му кажав на професорот дека имам код и за самата позадина на истиот. Нему многу му се допадна и тогаш сфатив дека ова е тоа со коешто би требало да одам, бидејќи ова е најинтимното нешто го имам и е токму тоа со што би сакала да ја завршам мојата четиригодишна приказна на Факултетот за ликовни уметности.
Кодот сум буквално и целосно јас, сето тоа што јас би сакала да го кажам, но не можам, ќе го пренесам во пишана форма, бидејќи не само што така би ми било полесно, туку и тоа е мојот начин на пренос на глас и став. Иако тука кодот всушност не го ни користам за да ги искажам моите емоции, туку визуелно со дела да покажам што би можел тој да смени за многу други. Дека уметноста доаѓа до таа граница каде што ти можеш да играш апсолутно со сè, дека можеш да создадеш уметност со сè, па дури и со бројки и букви. Јазикот, како средство за комуникација, е и поттик луѓето да почнат да создаваат, комуницираат, да се поврзуваат и да имаат различни мислења и ставови, вон уметноста и за сето она што ги опкружува во светот.
Во оваа изложба, делата се концептуални со мала примеса на минимализам. Делото, на пример, „Вон кутија“, е составено од три зборови, ако ги видите имаат црти кои ги делат тие зборови: light | color | text. Во таа смисла самото дело се опишува себеси, буквално тие зборови го опишуваат делото само по себе, има светло, има текст и има и боја. И... едноставност.
Драгана Пендовска, „Вон кутија“, изложба „Кодови“, 2020. Фотографија отстапена од уметницата
Ние те запознавме преку големите предмети изложени на фестивалот „Под земја полесно се дише“, 2019. Имаат ли тие поврзаност со ова што го работиш со кодовите, дали се вовед во тоа? Или се нешто сосема друго?
Тие се нешто сосема друго... Јас кога создавам едно дело не гледам првично дали ќе биде просторна инсталација, лендарт, акумулација итн. Прво секогаш ми доаѓа идејата, па мислата како би ја претставила таа идеја, што би сакала да значи. Потоа гледам кој вид дело ќе биде и на кој начин да го создадам делото за да се постигне очекуваниот резултат во визуелен и физички поглед и во тоа што делото сака и треба да пренесе.
И во врска со тие дела, идејата ми дојде кога бев на факултет. Имаше еден голем трупец и размислував што би можела да направам со него и, при тоа, погледнав шајки долу и си помислив, што ако тоа биде една обратна ситуацијата - што ако малото е големо, а големото мало? Тука се појави тој момент, да направам дела што се поголеми од што би требало да бидат, една хипербола, како што се и чеканот, шајките и бургијата. Како и со неколку други дела, така и тука оставив на некој начин делата сами по себе да си се објаснат во едноставноста. Тие се големи сега, а ти си мал.
За разлика од кодовите, овие дела малку се приближуваат до поп-артот. На пример, иглата на Олденбург во Милано или неговите големи хамбургери. Многу е интересен неговиот пристап на предимензионирање на секојдневни предмети. Како што можеме да сфатиме, кај тебе е битен спектакуларниот момент на делото. Сакаш толку тоа да биде силно визуелно, едноставно, да го преокупира окото на гледачот и да го внесува внатре, да го преокупира просторот.
Всушност, за тоа малку ме инспирираше уметникот Ричард Сера. Неговите дела “Sequence” се толку големи, како вид на лавиринти во кои можеш да се изгубиш. Тоа ми направи пресврт во погледот кон уметноста, особено кон скулптурата, кога сфатив дека нејзината визуелност, нејзината големина, форма итн., игра голема улога. Но, тука исто е битен и просторот, бидејќи без оглед од кој вид на уметност е претставено и поставено едно дело, скоро за секое, игра многу голема улога каде ќе биде поставено во просторот, како и во колкава големина.
Драгана Пендовска, “Relativity” и “Gravity”, фестивал Под земја полесно се дише, 2019. Фотографија отстапена од уметницата
А си размислувала на пример што е тоа следно што би сакала да го направиш?
Цело време! Тоа е и проблемот. На пример, имам многу идеи за дела, но сите тие дела бараат големи финансиски трошоци и поддршка за да се реализираат. Поради таа причина, уметникот, како јас и така и многу други, сепак треба сите тие идеи да ги направиме да бидат поедноставни, бидејќи ние немаме големи можности. Ниту имаме простор, ниту услови за работа, ниту материјали. И тука доаѓаш до момент кога само ги запишуваш идеите кои би ги користел во иднина. На пример, денес ќе ми текне идеја, утре ќе ја тргнам на страна, во фолдер каде што ќе ја заборавам. И утре нова, задутре друга, итн...
Интересно и иронично е што, откога идејата визуелно ќе ти се појави во умот, па додека ја направиш таа скица, па сè до крајниот резултат на делото, делото никогаш не е исто како првичното, никогаш.
Затоа, за да се држам во колосек, за да не побегнам, идејата останува запишана, останува во умот, додека јас тоа време го користам да создавам други „полесни“ дела, сè додека не добијам можност да го сработам тоа. Не значи дека не можам и тоа да го направам, но ете нема да биде во истите димензии и начин на којшто јас би сакала да биде. Кај мене главна улога игра тоа што не се откажувам. Ако навистина го сакаш само треба да се погоди правото време и правото место за да го направиш.
Тоа е интересно каде почнува големината на идејата и како таа се менува во реализацијата. Гледаме дека кај тебе тоа е битно, бидејќи ти работиш со големи просторни идеи, лендартовски идеи. Тоа е твојата огромна желба, што во суштина, како и во нашата мала земја, немаш простор на крај некои работи да ги изведеш.
Тоа е играта на слобода...
Сега во моментов моите дела се ориентираат на тоа, дека сакам да пренесам некоја информација, но доаѓам до двоумење. Дали да пренесам нешто што јас би сакала да кажам како поединец или пак да почнам да работам на дела во врска со сите работи коишто се случуваат сега во светот, со климатските промени, или со политиката, или со #blacklivesmatter? Дали би можела јас да се пронајдам во тоа или да оставам на моментот, само за мене, она што јас би сакала да го пренесам?
Имајќи ги предвид твоите досегашни искуства со просторни инсталации, можеш ли да го споредиш искуството со работа во виртуелен простор и во реален, преку изложбата “Stepping into the cornfield”?
Секој процес на создавање на едно дело одзема време, трпи промени и секогаш некој неочекуван проблем ќе се појави, па така најчесто почетната идеја е далеку иста од крајниот резултат. Што, секако, не е нешто лошо. Како и во креирањето во виртуелен простор така и во реалниот, сите тие моменти ги поминува еден уметник. Разликите помеѓу работата во виртуелен простор и реален, се тоа што во виртуелниот простор може да се игра на речиси секој детаљ. Тоа не значи дека не може и во реалниот, но таму уметникот е многу повеќе ограничен кога се работи за просторот, материјалните средства, изведбата и грешките кои процесот го прават да биде уште подолг од очекуваното. Додека во виртуелниот, таквите грешки се поправаат во рок од неколку минути или неколку часа, дури и без материјален трошок. Главно, споредбата на искуството на овие два принципи на работа е тоа што при дигиталниот, виртуелен начин, имав шанса да применам идеја која во реалноста не би можела да ја изведам, од различни причини, и токму тука ја имав таа можност да играм. Сепак, од моја перспектива, делата поставени во реален простор можат да имаат поголем импакт врз публиката. Но дали тоа е во виртуелен или реален простор, не го менува фактот дека идејата за “Stepping into the cornfield” не останала само уште една скица на хартија.
Идејата на VR Studio е тоа да биде соработнички проект. Изложбата се создава помеѓу уметникот, дизајнерот, кураторот, а делата не постојат надвор од виртуелниот простор. Како гледаш на овие можности на несекојдневна соработка?
Секоја соработка без разлика на што се базира, како се одвива и што создава, со себе носи предизвици кои носат нови знаења, искуства, запознавања коишто преминуваат во понатамошни конекции и пријателства и можности да се градиме во нашето поле. Секоја дадена можност каде што ние можеме да споделиме дел од нас, особено во време кога изгледа како тоа да е малку невозможно или непрактично, нè турка да бидеме поамбициозни, без оглед на крајниот резултат. Воедно, можностите за соработка се моменти кои ни покажуваат, во одредена мера, за колку и за што сме способни.
Драгана Пендовска, кадар од виртуелната изложба “Stepping into the cornfield”, во рамки на PrivatePrint VR Studio, 2021
Нашата програма PrivatePrint Meets е насочена кон млади уметници коишто се на самиот почеток на својата кариера и коишто творат во нашиот локален контекст. Па, во таа насока би сакале да дознаеме како ти ја гледаш средината во којашто работиш, уметничката сцена каде што припаѓаш и позицијата на уметникот?
Според мене уметникот создава, ја гради и збогатува својата внатрешност и ја исфрла ранливоста за да биде виден и слушнат. Според мене еден уметник создава ланец кој ги тера останатите уметници да размислуваат и да бидат инспирирани да направат еден таков ланец или да го продолжат. Уметноста можеби не игра некоја посебно голема улога во светот, но е многу битна, бидејќи може да промени многу работи. Како што музиката ги спојува луѓето, така и уметноста сè повеќе треба да ги спојува луѓето.
Сите си го поставуваме тоа прашање дека уметноста е непрактична професија. Дури уште од мали кога знаеме дека сакаме да се бавиме со уметност, присутно е тоа прашање, заедно со страв дали уметноста ќе нè однесе некаде, особено тука во Македонија. Но, ти сепак го земаш тој ризик, средно или факултет, одиш, учиш и потоа се надеваш дека ќе успееш.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio во 2021 година е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.