Сликарството како ритуал: Изразување на лични и колективни идеи
Објавено на 14.11.2023 г.
PP Talk: Крсто Глигорјадис
Разговорот е направен во јули 2023 година во рамки на програмата PrivatePrint Meets. Крсто Глигорјадис (р. 1996 година во Скопје) зборува за сликарството како најдобар медиум за израз на своите идеи и за неговите перформативни квалитети, како и за соработката во рамки на PrivatePrint VR Studio 2023.
Работиш и графички дизајн и сликарство. Што е тоа што те интересира во уметноста, но и надвор од уметничката практика, а ти е битно во твојата уметничка работа?
Најчесто мојата уметничка практика ја огледува човековата позиција во општеството. Неговата политичка состојба, социјална состојба.
Генерално сликаш?
Да, меѓутоа, во мојата уметност има еден аспект на ритуалност. И низ тие ритуали и акти на перформанс, се обидувам да го претставам тоа што не можам да го кажам. И најчесто преку нив, во репетитивност, се соочувам со моите конфликти што ги имам како дел од општеството.
Кога работам, работам во слоеви. И едно дело не го сработувам во еден ден или една недела. И едно дело содржи повеќе слики. Па така, тоа што работам и графички дизајн, се гледа на крајот на делата. Односно, секогаш мојот апстрактизам и експресија, го контролирам со графичкиот аспект што го имам.
Како се развиваат идеите во твојот процес? Дали со напластување или се градат од почеток до крај?
Ниедно мое дело не е намерна конструкција. Единствено нешто што го знам е тековната мисла што ja имам во тој момент. И ниедно дело не знам како ќе заврши, ниту како ќе изгледа. Не знам ни кои бои ќе ги користам ни кои техники. Сметам дека начинот на којшто сакам да се изразам има една доза на експеримент и верувам дека за мене уметноста на некој начин е експериментална лабораторија. Тековната мисла што ми поминува додека ги работам делата е секогаш нешто што мене ме допира нешто што сакам да го кажам, нешто што сум го доживеал, нешто што ќе го доживеам.
„Тутуноберачи“, видео перформанс, Прилеп, 2020
Зошто сликарство?
Сум работел и во други медиуми, меѓутоа сликарството го одбирам поради делот со ритуалот што го споменав. Јас себеси можам да се доживеам само кога сликам. Кога работам која било друга техника или кога подготвувам постер како дизајнер, за мене има процес, но не е толку личен. Бидејќи сметам дека сите мои дела се доста лични и сум емотивно приврзан за нив. Затоа што тие дела, не секогаш, но често, се слика на меморија, како сум се чувствувал јас и што сум сакал јас да кажам.
Дали сметаш дека другите луѓе го читаат тоа? Дали оставаш знаци? Или доволно е само да ја почувствуваме таа ритуалност или експресија?
Многу често тематиката што ја обработувам, ако за мене има едно значење или една вредност, за публиката може да има некое сосема спротивно. Тоа не значи дека моето дело не било успешно, но тоа значи дека тоа разбудило нешто сосема друго кај друг човек. И мислам дека тоа ја прави уметност толку сестрана.
Кои сè теми те интересираат во работата?
Многу често, основата на сите мои идеи е ванитас. Правец во историјата на уметноста којшто зборува или пее за бесполезноста на задоволството и за величеството на смртта. Најчесто во моите дела може да се забележи мала доза морбидност, но на некој сосема друг начин. Се трудам да останам позитивен, да најдам среќа и радост во други работи, но секогаш се навраќам на тоа величење на смртта, на моќта, на успехот, како алатки кои во историјата се користеле за манипулирање на одредени состојби.
„Ванитас“ перформанс, Национална опера и балет, Скопје, 2018
Како ова се пренесува во ритуалноста на сликарството; дали сакаш да го пренесеш или сакаш да побегнеш од тоа?
Јас сакам да го овековечам тоа и да го завршам. Низ тој процес низ којшто поминувам, јас репетитивно се враќам на траумата што сум ја доживеал, и ја чувствувам болката сè до момент кога ќе се истрошам. И кога ќе одлучам, ова е тоа, сега моментално е на делово, и завршувам да ја чувствувам таа болка. Така, ја оставам во просторот, некој друг да се посоветува со сликата и некој друг да го почувствува делото. Не мислам дека можат сите исто да се почувствуваат, но мислам дека тежината на мојата болка и тежината на болката на останатите луѓе, сметам дека имаат ист интензитет.
Дали има некое дело што го имаш како замисла, која не можеш да ја реализираш?
Моментално размислувам на темата кога колективноста ќе го преземе својот наратив. И размислувајќи како тоа можам да го претставам, моменталната состојба не ми дозволува да го направам тоа како што сакам. Кога колективноста ќе се здружи, кога колективноста ќе сфати кога на некого му треба помош, на некого му треба нега, кога колективноста ќе се погрижи за достапен пат за луѓето со инвалидитет. Кога колективноста ќе се потруди да излезе на улиците кога ќе има проблем. Кога колективноста ќе се соедини во едно. И многу е тешко да се претстави оваа идеја, затоа сметам дека можноста да го реализирам овој проект во виртуелниот свет многу ми го олесни тој процес.
Освен што е во виртуелен свет, VR Studio се гради и преку соработнички процес, како го гледаш тој процес во твојата практика?
Не постои себичност кога се работи за уметност. Кога соработуваш со други луѓе има прекрасен момент кога ти себеси си правиш анализа на твоите уметнички практики и ги споредуваш со друг уметник и од тие моменти можат да се родат многу убави нешта и значајни проекти. Замислете кога јас би ја имал силата да претставам нешто, како би било кога ќе сме двајца, или тројца, колективно кога би можеле да претставиме едно нешто што нè мачи сите.
„Роденден во изолација“, видео перформанс, Скопје, 2020
Имаш ли такво чувство на припадност на нашата културна сцена?
Чувство на припадност. Мислам дека е многу битно и за некој што доаѓа од различна култура во општеството тука каде што сум моментално, многу ми било тешко да го изградам тоа чувство на припадност. Мислам дека со текот на годините, работите сами си се поставуваат, и чувството на припадност не мора да е конкретно и специфично нешто или група, туку тоа е чувството на домот и чувството на комфорот меѓу луѓето со коишто сакаш да си, во средина каде што си вреднуван и почитуван, во заедница каде што можеш да заземеш став и да добиеш фидбек за нештото. Доста комплексно прашање е чувството на припадност. Сепак се навраќам на тоа дека чувството на припадност, треба да е многу блиску со чувството на колективот и колективноста во којашто се наоѓаш.
Фотографиите од делата се отстапени од уметникот.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio 2023 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.