Концептуално осовременување на традиционалната графика
Објавено на 14.11.2023 г.
PP Talk: Ана Трајковска
Разговорот е направен во јули 2023 година во рамки на програмата PrivatePrint Meets. Ана Трајковска (р. 1995 година во Скопје) ги споделува своите гледишта за својата млада уметничка практика, за предизвикот на традиционалната графика да прикаже нешто што дигиталните технологии не можат, како и за можностите за општествена критика на современите уметнички дела. Таа зборува и за можностите што новите технологии ги носат и за соработката во рамки на PrivatePrint VR Studio 2023.
Ти си дипломирана графичарка на Факултетот за визуелни уметности во Скопје и си дел од бројни самостојни и групни изложби. Нè интересира твојот однос кон твојата уметничка практика и кои се теми кои те интересираат, не само како уметник туку и како човек?
Најпрво, некако моето досегашно творештво го делам на две насоки. Примарно јас се занимавам со графика, графика како медиум на печатење и сакам традиционалната графика да ја направам посовремена. И таа страна се обидувам да ја доближам до тоа што сакам да го работам, тематски. Периодов се посветив на себеси, на тоа што е околу мене, како јас го преиспитувам светот околу себе и кој е мојот однос во сферата во која делувам, со моите колеги. Работам и на други проблематики. Но лично, сега, најмногу ме интересира моето индивидуално чувство како млада авторка, како се пренесувам и како го гледам или го претставувам тоа пред сцената. Така што повеќе уметноста ми е свртена кон критика, критика кон себе, кон младите... не само на негативен начин. Сакам да стигнам до некоја вистина. Делото да биде вистинито и реално. И мислам дека колку е повеќе вистинито, луѓето ќе се видат во него и ќе ја разберат многу повеќе уметноста.
“Art, is it art?”, спреј и стенсил на стакло, Биенале на млади уметници, Музеј на современа уметност - Скопје, 2023
Како го правиш тоа, како ја развиваш таа мисла во делата за да ја осовремениш традиционалната графика?
Едноставно ги користам сите материјали што ги добивам од кого било и ми влијаат и мене и на моето творештво. Најмногу сум инспирирана од Енди Ворхол, со тоа истото клише, таа иста информација којашто тој ја повторува. Не е ништо сменето сега, повторно ја имаме репетицијата на информации, на идеи што цело време ги гледаме околу нас. Многу ми се допаѓаше таа идеја, дека графиката е само принцип на мултипликација, а на авторот останува што ќе направи со тоа. И ми се допаѓа дека тоа може да биде сè: 3Д, релјеф, отпечаток на најлон, на платно, на ѕид. Ми се допаѓа идејата дека може да биде пренесена на многу материјали и површини и тие самите да донесат нова конотација.
Исто така, мотивирана бев и од мојот професор Јакимовски, кој ни велеше: „Немојте да се ограничувате само поради тоа што е графика; немојте да ја ограничите идејата што сакате да ја кажете.“ Бидејќи повеќето се држат до техниката, ако тоа го тргнам, едноставно сум ослободена од какви било пречки. Експериментирањето со графиката многу ми се допаѓа. Бидејќи како медиум е веќе сменета со употребата на графичкиот дизајн. Се прашувам, која е релевантноста на графиката кога истото можам да го направам дигитално и тоа да биде тоа. Затоа ми се допаѓа насоката да видиме како графиката можеме да ја направиме концептуална, како да биде нешто што не може дигиталното да биде.
Мултипликацијата како основа на графиката, е многу интересна. Како, воопшто, го градиш визуелниот јазик во графиката?
Секоја графика ја третирам како експеримент. Не знам дали ќе биде графика, дали ѓубре ќе биде. До каде можам да печатам, колку боја, како со боите да направам комбинација, дали визуелно или естетски функционира? Овие прашања беа важни во мојата прва фаза, кога бев инспирирана од јапонската уметност и сè уште работам во тој формат. Откако ја завршив таа фаза, се заситив од апстрактното. И поминав кон третирање на критички теми. Сега повеќе ја градам визуелноста преку употреба на текст. Бидејќи сакав да ги сведам делата до поентата. Сепак е графика, печат, медиум на репетиција, но сега за мене е потребно поентата да биде јасно покажана вака, директно.
“The pure, the rotten and everything in the middle”, инсталација покрај кејот на Вардар, дел од групната изложба „Просторни реадаптации 2.0“, 2023
Што може уметноста да постигне од тој аспект во општеството?
Уметноста секогаш влијаела на главните човечки одлики, културата, мислењето. Секогаш пренесува порака. Сега уметноста, повеќе е критички настроена. Тоа што го забележувам и на глобално ниво, уметниците, повеќе истражуваат и документираат и го претставуваат проблемот, глобално затоплување, социјални проблеми итн. И не само што го претставуваат, туку понудуваат и решение на тој проблем.
Дали имаш идеја за дело што не можеш да го изведеш поради условите, а имаш огромна желба да го направиш?
До сега сите идеи што сум ги имала сум ги извела. Технички проблеми секогаш имало, но сум наоѓала начин како да го решам тој проблем, на поефтин начин. Графиката што ја изложив во Куманово и што ми е најголема, е отпечатена на најлон, бидејќи беше најевтин начин. Но излезе и најчиста така, материјалот најмногу одговараше на тој простор и на таа идеја. Според мене секогаш постои начин, нема да биде како концепцијата, нема да биде совршено, но секогаш постои начин да изведеш дело. Мојата тенденција во работата е да одам кон поголеми графики.
Зошто големи графики?
Ми се допаѓа предизвикот, бидејќи нема големи графики. Бидејќи голема традиционална графика е метар на седумдесет. Добро, но графиката може да биде многу повеќе од тоа. Бидејќи сите медиуми се развиваат. Си велам, тогаш што е еволуцијата на графиката? Сакам графиката да ја однесам до тоа следно ниво.
Ќе се обидувам колку што можам повеќе да го оптегнам тој медиум, користејќи го главниот материјал – печатарската боја како основа за создавање отисок и мултипликацијата како основа на графиката.
“Vicarious”, светлосна инсталација, Бела Ноќ, Скопје, 2022 и “Everything bounces back in the end”, сериграфија на хартија, 2023
Соработуваш со нас во програмата VR Studio и си дел од групна виртуелна изложба. Како виртуелниот простор се надоврзува на твојата работа со традиционалната графика?
Виртуелната изложба е иднината. Како иднина го гледам тој простор. Нешто што е достапно за сите. Можеме кога било каде било, дури и на телефон, самo кликнуваме и сме на изложбата. Ми се допаѓа дека во виртуелното сè може да биде искористено. Кога го имаме тој виртуелен простор и можеме да направиме што сакаме со него, зошто да не го искористиме целиот простор.
Исто така, пронаоѓам сличности меѓу графиката и виртуелниот простор. На пример, и овој проект со вас, таму ја употребувам мултипликацијата. Моето дело и таму, се надоврзува на репетитвноста што ја имаме околу нас секој ден, се повторуваат потребите.
Фотографиите од делата се отстапени од уметницата.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio 2023 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.