Ема Велковска зборува за задачата на дизајнерот, како и за важноста на интеракцијата и на тимската работа
Објавено на: 04.11.2022 г.
Разговорот е направен во август 2022 во рамки на програмата PrivatePrint Meets и дополнет во октомври 2022 година преку електронска комуникација. Ема Велковска (р. 1995 година во Скопје) ги споделува своите гледишта за дизајнерската практика воопшто, за важноста на интеракцијата и тимската работа, за нејзината работа во графичкиот дизајн и анимацијата, како и за искуството од создавањето на изложбата „Ерида“ (Eris) во рамки на PrivatePrint VR Studio 2022.
Ема Велковска
За себе велиш дека си визуелен дизајнер, која е твојата образовна заднина?
Студирав индустриски дизајн на Машинскиот факултет. Тоа време, кога се запишав ми изгледаше најинтересно, бидејќи имаше сè и сешто во програмата, од графички дизајн, дизајн на мебел, веб дизајн, дизајн на продукт, дизајн на возила, анимација. На крајот на денот, сепак, од целото мноштво на секакви различни работи успеваш да се спастриш и да дознаеш што сакаш. Па така, во меѓувреме, неформално почнав да се образувам во полето на графичкиот дизајн и на анимацијата. Така, почнав сама да учам софтвери да си откривам некои нови работи.
Која е работата на дизајнерот според тебе, каква задача има дизајнерот?
Дизајнерот е визионер. Може поразлично да ги согледа проблемите во општеството и да ги прикаже. Многу поразлично од некој што традиционално се едуцира на некоја тема. Дизајнерот, креативецот, може да понуди решение преку неочекувана алатка и некој навидум неинтересен термин или тема, нејасни за јавноста, да ги срочи и да ги покаже на креативен начин. Затоа викам дека креативецот може да ги изнесе работите на виделина на поинаков начин. Неговата задача се наоѓа во практично третирање на темата. Дека треба да ги поедностави и визуелизира работите за да продолжи комуникацијата, да отвори нова комуникација.
Ема Велковска, „Skopje Recycling“, детали од визуелен идентитет, 2018
Значи, интеракцијата ти е најбитниот момент. Она што е примарно за дизајнот е да направи контакт помеѓу нас и останатиот свет?
Па, да. Дури и да не пренесува конкретна порака, дизајнот е тука, фокусот е тука и си велиме: морам да го видам ова и да го забележам. На таков начин, би се поттикнала или зачнала некоја тема за размислување.
Интеракцијата не мора да значи допир, интеракција може да биде кој било предизвик којшто ќе го привлече човекот да слуша, да восприема нешто. Каде што човекот ќе се понесе да има контакт и целото свое внимание да го насочи кон делото.
Дали е целта само да се забележи делото на дизајнерот?
Целта е гледачот да го забележи и да се запраша... Барем од некаде дизајнерот да оддаде некаков поттик или пак да укаже на нешто. Мислам дека е начин да се сврти вниманието, на нешто или во некоја точка. Би требало тоа да е дизајнот. Би требало да се движи околу вниманието на луѓето.
Но, не во секоја намена, не служи секогаш за тоа. Некогаш дизајнот служи за да ти направи комфорт и пријатност и да не биде нападен. Но, ако има некаква цел, тој треба да биде влијателен и да прави некаков поголем фокус кај човекот.
Ема Велковска, „Reassemble”, дигитална манипулација, 2022
Во оваа насока, кажи ни повеќе за твојата дизајнерска работа надвор од работата во маркетинг агенцијата? Работиш видеа, инсталација и други медиуми.
Немам таква навика да кажам: а ова сега ќе ми биде дело. Сè што сум работела било за некаква намена. Дали тоа било на одредена тема за некој проект или пак кампања за некоја акција и слично. А во делата во кои експериментирам, со музика или на друг начин, тие немаат цел да пренесуваат чиста порака, бидејќи ја нема чистата порака, но пренесуваат сензибилитет. Немам јасен заклучок. Не, јас сакам да отворам муабет или барем нешто за разглобување понатаму. Да предочам некаков сензибилитет само колку да се отвори некоја тема. Не сакам да давам концизни пораки, затоа што ги немам. Мислам дека не ни постојат. Единствено, можат да се постават прашања и да се отворат теми. Да им се доближат на луѓето и да можат да ги почувствуваат.
Колку е битна технологијата за дизајнот? И дали може да се каже дека дизајнот е неделив од технологијата?
Да, во ова време дизајнот е неделив од технологијата. Особено затоа што живееме во време во кое дигиталните технологии премногу рефлектираат на нашите навики, перцепции и размислувања. Мислам дека дури и решавањето на проблемите пак ни се потпира некако на дигиталното.
Ме плени дигиталниот свет, сакам да ги користам дигиталните алатки, затоа што мислам дека тие ни ја отсликуваат денешницата и навиките, и секојдневието, буквално целата комуникација што моментално ја имаме.
Ема Велковска, „Ерида“ (Eris), виртуелна изложба, PrivatePrint VR Studio 2022
Со нас работеше во рамки на нашата програма за виртуелни изложби VR Studio 2022. Па во овој контекст, како работата во нашиот виртуелен простор и на изложбата „Ерида“ (Eris) се вклопува во твојата досегашна работа?
Тотално. Ова е нешто како: еј сакам да правам инсталација и да е дигитална ама и опиплива, ама не знам баш како да ја изведам. Тука виртуелната реалност си ја врши работата. Темата на Ерида е комплетно дигитална и зборува најмногу за хаосот во дигиталниот свет, што прави VR студиото да е вистинското место за реализација на оваа изложба.
Во моите досегашни таканаречени експерименти секогаш користам дигитални алатки. Особено тоа се ефекти кои произлегуваат и се инспирирани од компјутерот и дигиталното воопшто, или објекти, движења и музика која произлегува како последица на интеракција со дигиталното. Всушност, сега сме поприсутни во онлајн светот, како што кажав, па би рекла дека овие алатки на комуникација се доста пристапни и релевантни. Тука можеме да претвориме нешто досадно и неинтересно во забавно и привлечно.
Идејата на VR Studio е тоа да биде соработнички проект. Изложбата се создава помеѓу уметникот, дизајнерот, кураторот, а делата не постојат надвор од виртуелниот простор. Како гледаш на овие можности на несекојдневна соработка?
Виртуелната реалност може да стане практична алатка која ќе ни покаже малку повеќе и ќе нè освести за нашата присутност и разбирање за средината што нè опкружува. Во моментов дизајнерите најчесто ја користат виртуелната реалност за експерименти, некакви размрдани детали или нешто што би го разиграло просторот, а има многу што да се истражи подлабоко, особено во сферата на образованието, новинарско раскажување и други приказни.
Па затоа и со виртуелната реалност можеме да ја подобриме моменталната средина или ситуација со тоа што ќе ја збогатиме перцепцијата преку дигитален стимул. Впрочем, со виртуелните изложби уметникот во соработка со тимот може да даде нова нишка на светот и да игра со сетилни информации во него. Особено интересно е дека можеме да си играме со дополнителни аудитивни слоеви кои ја менуваат перцепцијата на гледачот.
Како визуелен дизајнер целосно ја ценам можноста за користење на оваа бескрајно експресивна алатка, со која ми се чини дека оставаме нешто од раскажувачка вредност. И самата изложба е безвременска, односно искуството не е еднократно и повремено како што е во физичкиот простор, делото не е врзано за локација и постои во сите градови и во сите простори во секој момент, повеќе претставува лично искуство на една приказна.
Ангела Стефановска & Ема Велковска, „Суперстудио“, аудио-визуелна инсталација, Паратисима, Скопје, 2017
Можеш ли да споделиш со нас некој проект што не си го реализирала досега?
Во принцип многу сакам да соработувам, тоа ми носи исклучителна среќа. Комплетно ме плени таа комуникација, заемност, што сè заедно можеме да направиме. Со тим на дизајнери, музичари, писатели... мислам дека таа симбиоза најмногу ме задоволува.
Не можам да речам дека дизајнот е најмоќната алатка од сите тие алатки, но е алатка што јас ја користам за да покажам појасна порака со сите тие алатки заедно. Да ги сплотам и да ги искомуницирам истите. Да го организирам да го создадам тимот, музичар, писател... да ги искомбинирам сите тие најпрекрасни луѓе на едно место во еден супер моќен проект. Ете така некако ми функционира мозокот кога станува збор за нов проект.
Фотографиите од делата се отстапени од уметникот.
--
PrivatePrintMeets е серија средби со млади уметници од С. Македонија и е дел од проектните активности на PrivatePrint финансирани од програмата Prince Claus Network Partnership.
VR Studio 2022 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.