- дома
-
издаваштво
-
студио
- графички дизајн
-
за нас
- поддршка
Автор: Анри Матис
Вовед: Џек Флам
Објавено на: 15.08.2019
Џез, 1947 (1)
Матис ги започна колажите за „Џез“ некаде околу 1943 година, а книгата беше објавена на 30 септември 1947, во фолио формат со речиси 150 страници. Сликите во книгата се состојат од околу 20 илустрации во боја репродуцирани со стенсил печат, изведени според оригиналните колажи, користејќи мастила базирани на истите бои кои во оригиналите ги користел Матис. Темите на илустрациите се претежно преземени од фолклорот, митологијата и циркусот - што е оддалечување од вообичаените теми на Матис - со придружен текст репродуциран во крупниот и развлечен ракопис на Матис. „Џез“, всушност, беше првата поголема јавна афирмација на неговата нова колажна техника, па тој беше особено загрижен за нејзината рецепција. (2) Матис работел на текстот на „Џез“ во бројни тетратки, од каде користел само делови за текстот кој се појавил во книгата. (3) Во објавеното дело, текстот е поделен во 16 секции, некои од нив се најавени со наслов, останатите се означени така што почетната фраза е подвлечена (тука е испечатена во курзив).
Во воведот за текстот Матис посочува дека рачно напишаниот текст има цел да „служи единствено како придружник на моите бои... НИВНАТА УЛОГА, ЗНАЧИ, Е ЧИСТО ЗА ЗАБАВА.“ Со типична скромност (да не кажам заобиколување) - Матис изјавува дека тој може да понуди само одредени белешки, направени во текот на неговиот живот како сликар: „Од оние кои ќе имаат трпение да ги прочитаат, го барам она задоволство кое општо се поврзува со писмото на сликарите“. Воведот, тогаш, му служи на сликарот за на скромен и заобиколен начин да најави дека има намера да ги прикаже своите опсервации за природата на уметноста и за самиот живот. Со тоа што кажува дека текстот е небитен, добива слобода да одолговлекува во текстот и да биде орнаментален и метафоричен - а на моменти и интензивно личен - за разлика од вообичаеното апстрактно и методично објаснување на неговите идеи.
Всушност, пишувањето на оваа книга било многу важно за Матис; и покрај тоа што сликите биле завршени до 1944, тој продоложил да работи на текстот сѐ до пред нејзиното непосредно публикување во 1947 година. И покрај тоа што рачно испишаниот текст оддава чувство на голема спонтаност, тој поминал низ голем број на скици и верзии - како што може да се види во тетратката од 1946, која обично се нарекува Réperoire: 6. (4) Некои од овие варијанти се дадени во белешките на текстот подолу.
Иако долго време авторите му верувале на признанието на Матис дека не постои особена врска меѓу илустрациите и текстот, сепак постои извесна суптилна но цврста врска. Самите илустрации имаат два главни типа на субјекти: изолирани фигури (Кловнот, Икар, Пливачот итн.), кои се чинат како метафори на уметникот; и двојни фигури (Фрлач на Ножеви, Каубој, Срце итн.) кои водат кон дијалог, во смисла на: „уметник и модел“. (5) Заднинаската тема на илустрациите во „Џез“, оттука, се чини дека е поврзана со уметноста и артифициелното; а овие теми имаат многу паралели во текстот. Понатаму, и покрај јарките бои на илустрациите и нивните претстави на циркусот, малку од нив, всушност, се весели; повеќето се вбројуваат меѓу најзастрашувачките претстави на Матис. (6)
Исто така, има и иронични јукстапозиции, како на пример поставувањето на паѓањето на „Икар“ на крајот на делот „Авион“. Во белешките за овој дел Матис напишал: „Се наоѓаш во целосно бел пејзаж, во сјајна светлина, но не таква што заслепува. Формите на облаците се чини како да му го попречуваат патот на авионот. Се приближуваме и потоа влегуваме во нив во тивка магла и дифузна светлина. Се креваме, бучавата на авионот расте и одеднаш повторно се наоѓаме во чиста, нежна светлина (светлина која не е само чиста, туку и прекрасна). Зарем ова не е доволно за да се загубиме? Патување со авион може да ни помогне и да се загубиме и да најдеме умствен мир кој ќе направи да биде возможно сѐ. Тоа што изненадува е чувството на неподвижност и на голема безбедност. Ни се чини невозможно дека можеме да паднеме.“ (7)
Не само што темата на „Џез“ е невообичаена за Матис, туку и чувството што го пренесува. Многу е веројатно дека Матис во „Џез“ копнеел по таа какофонија полна со значење која може да се најде во „Парада“ од 1917 година, на Ерик Сати, а која тој ја поврзувал со импровизациската природа на џез-музиката. (8)
Дваесетте илустрации и резонантниот текст на „Џез“, полни суптилност и алузии, истовремено и силни и весели и трагични (Сати за џезот рекол дека „ги извикува сопствените таги“), го обликуваат ова дело како едно од најинтересните претстави на Матис за сопствената уметност - и во суштина се оформуваат во вид на уметничко кредо.
- Џек Флам
- Анри Матис
Белешки
Зошто, откако веќе сум напишал: „Оној што сака да му се посвети на сликарство, треба прво да си го отсече јазикот“, ми треба да се приклонам кон различен медиум од мојот? (9) Бидејќи сега сакам да претставам илустрации во боја на најдобар можен начин. За да го направам тоа, треба да ги поделам во интервали со поинаков карактер. Одлучив дека рачно испишан текст е најпогоден за оваа цел. Невообичаената големина на исписот, се чини, му ја дава потребната декоративна врска со карактерот на илустрациите во боја. Па така, овие страници служат како придружба за моите бои, како маргаритки додадени во букет од побитни цвеќиња.
НИВНАТА УЛОГА ЗНАЧИ Е ЧИСТО ЗА ЗАБАВА.
Што можам да напишам? Сигурно не можам да ги наполнам овие страници со басните на Ла Фонтен, како што правев кога бев приправник, во „проширените заклучоци“ кои никој не ги чита, дури ни судијата, и кои служат единствено да потрошат толку официјална хартија, колкаво што е значењето на случајот.
Можам да понудам само некои согледби, белешки направени за време на мојот живот како сликар. Барам од оние кои ќе имаат трпение да ги прочитаат, да го прават тоа со задоволството кое обично се поврзува со писмото на еден сликар. (10)
~~~
Букет
Додека се шетам во паркот собирам цвет по цвет, ставајќи ги еден по еден во свиокот на во мојата рака, по случаен ред. Потоа одам дома со намера да ги сликам. Откако ги наредив како што сакав, какво разочарување: целиот шарм што го имаа се изгуби во тој распоред. Што се случи?
Несвесното сложување што го направив додека мојот вкус ме водеше од цвет до цвет се замени со волево аранжирање, резултат на запомнетите букети одамна мртви, кои го оставија во моето сеќавање минливниот шарм со кој сум го оптоварил новиот букет.
Реноар ми кажа: „Кога ќе поставам букет за да го сликам, застанувам од страната која ја немам видено“.
~~~
Авион
Едноставно патување со авион од Париз до Лондон, ни го открива светот на начин што нашата имагинација не може да го предвиди. (11) Истовремено со возбудата од нашата нова состојба, нѐ збунува споменот за грижите и нервозите кои нè вознемируваат на таа иста земја, кон која фрламе поглед од таму, како што поминуваме низ процепи од облаци и која ја посматраме од магичен свет кој бил таму цело време. И кога ќе се вратиме на нашата скромна состојба на одење, ние нема повеќе да ја чувствуваме тежината на сивите неба над нас, бидејќи ќе си спомнеме дека отаде тој ѕид од облаци, кој толку лесно може да се премине, постои раскошот на сонцето, како и погледот кон бескрајот во кој за момент се чувствуваме толку слободни.
Потребно е младите штом ги завршат своите студии да одат на долго патување со авион. (12)
~~~
Карактерот на ликот во цртежот зависи не од различните пропорции, туку од духовната светлина која ја рефлектира. Дотолку што два цртежи на истиот лик можат да го претстават истиот карактер иако нацртан во различни пропорции. Ниеден лист од смоквата не е идентичен со другиот, секој има своја форма, но секој извикува: Смоква. (13)
~~~
Ако имам доверба во мојата рака што црта, тоа е затоа што додека ја тренирав да ми служи, никогаш не дозволив да доминира над моите чувства. Многу бргу сфаќам кога нешто парафразира и ако има несогласување меѓу нас: меѓу мојата рака и тоа “je ne sais quoi” во мене што се чини дека ѝ се потчинува.
Раката единствено е продолжеток на чувството и на умот. Колку е пофлексибилна, толку е попослушна. Слугата не смее да стане господар.
~~~
Цртање со ножици
Сечењето директно во јарка боја ме потсетува на директното длабење на скулпторите.
Оваа книга е конципирана во тој дух.
~~~
Моите криви не се луди
Вертикалата со спротивната, хоризонтална линија, ги одредува точките на компасот на цртачот. Енгр користеше вертикали. (14) Во неговите студии на стоечки фигури може да се види неизбришаната линија, која минува низ градната коска и внатрешната страна на скочниот зглоб на „ногата која ја носи тежината“.
Околу оваа фиктивна линија се развива „арабеска“. Секогаш ми било од полза користењето на вертикалата.
Вертикалата е во мојата глава. Ми помага при одредување на прецизната насока на моите линии, а во моите кроки цртежи, никогаш не повлекувам крива, на пример крива на гранка во пејзаж, без да сум свесен за нејзиниот однос со вертикалата.
Моите криви не се луди.
~~~
Новата слика мора да биде нешто единствено, раѓање кое му носи на човековиот дух нова фигура за претставата на светот. Уметникот мора да ја повика целата своја енергија, искреност и најголема скромност со цел да ги раскрши старите клишеа, кои толку лесно му доаѓаат при рака додека работи, а кои можат да го задушат малиот цвет кој никогаш не доаѓа како што очекуваме.
~~~
Еден музичар рече:
Во уметноста, вистината и реалноста почнуваат кога повеќе не разбираш ништо што правиш или знаеш и кога во тебе останува енергија која е дотолку посилна со тоа што е во баланс со спротивноста, компресирана, згусната. Потоа мораш да се претставиш себеси со најголема понизност, целосно празен, чист, отворен, твојот ум навидум празен во духовна состојба на верник на причесна. Јасно дека мора да ги оставиш сите достигнувања зад себе, и да знаеш како да го одржиш Инстинктот свеж.
~~~
Дали верувам во Бог?
Да, кога работам. Кога сум понизен и скромен. Чувствувам како да сум длабоко потпомогнат од некој кој ме тера да правам работи со кои се надминувам себеси. Сепак, немам чувство на благодарност кон Него, бидејќи тоа е како да гледам илузионист во чии трикови не можам да проникнам. А потоа останувам поразен од позитивниот резултат од искуството што треба да е награда за мојот напор. Јас сум неблагодарен без покајување. (15)
~~~
Млади сликари, несфатени сликари или само од скоро сфатени - без омраза!
Омразата е паразит што проголтува сѐ. Човек не надградува на омразата, туку на љубовта. Следбеништвото е потребно, но омразата...
Љубовта, од друга страна, го одржува уметникот.
~~~
„Љубовта е голема работа, голема добрина, која го прави лесно тоа што е тешко и му вдахнува еднаков дух на тоа што е нееднакво. Бидејќи подигнува тежини кои без неа би биле товар, а го прави благо и пријатно сето тоа што е горко...
„Љубовта сака да се вивне, а не да биде влечена долу од ништо обично...
„Ништо не е понежно од љубовта, ништо не е посилно, ништо повисоко, ништо пошироко, ништо попријатно, ништо поцелосно, ништо подобро на небото и на земјата, бидејќи љубовта се раѓа во Бога и не може да настане на друго место освен во Бога, над сите живи суштества. Оној кој сака, лета, трча и е среќен; тој е слободен и ништо не го влече назад.“
(Im. De J. C.) (16)
~~~
Среќа.
Среќата нека произлегува од тебе самиот, од добар работен ден, од чистината која се создава во маглата околу нас. (17) Помисли дека сите кои успеале, сеќавајќи се на тешкотиите на нивните почетоци, извикуваат уверени: „тоа беа старите добри времиња“. За повеќето од нив: Успех=Затвор. А уметникот никогаш не смее да биде затвореник. Затвореник? Уметникот никогаш не смее да биде затвореник на себеси, затвореник на некој стил, затвореник на угледот, затвореник на успехот итн... Нели и браќата Гонкур пишуваа дека јапонските уметници од златниот период ги менувале своите имиња повеќе пати за време на својот живот. Ми се допаѓа тоа: тие сакале да си ја заштитат својата слобода. (18)
~~~
Лагуни.
Би биле ли едно од седумте чуда во Рајот на сликарите? (19)
~~~
Среќни се оние кои пеат со сето свое срце, во чистината на нивното срце.
~~~
Најди радост во небото, во дрвјата, во цвеќињата. Има цвеќиња насекаде, за тие што сакаат да ги видат.
~~~
Иден живот.
Би ги успокоило и би им дало задоволство на сите оние што го дале својот живот за развој на своите природни дарби за доброто на сите, доколку им е дадено по нивната смрт да уживаат во живот со задоволства во согласност со нивните желби. (20) Додека оние што живеат во теснограда себичност...
~~~
Џез
Овие слики, во живи и диви тонови, се резултат на кристализацијата на сеќавањата на циркусот, на народните бајки или на патувањата. Ги создадов овие страници текст за да ги помирам едновремените спротивности на моите боени и ритмични импровизации, страници кои формираат нешто налик на „звучна позадина“ која ги носи, која ги обиколува, а со тоа ја заштитува нивната различност.
Мојата почит кон Ангел Ламоте и Териад - нивната истрајност ми помогна во создавањето на оваа книга. (21)
\\
Белешки:
1. Henri Matisse, Jazz, Paris, 1947. Книгата била објавена од Териад на 30 септември 1947 г. Илустрациите биле изведени од Едмонд Ваивел според колажите на Матис, користејќи ги истите бои. Корицата и страниците со ракопис биле печатени од Драгер Фрер. Изданието се состоело од 250 нумерирани копии (и 20 авторски копии, нумерирани од I-XX) во кожен повез. Сите биле потпишани од уметникот. Дополнително, биле испечатени 100 албуми само со илустрации.
2. Првично, Матис бил разочаран од начинот на кој илустрациите во книгата биле испечатени. На 25 декември 1947 г. му пишал на својот пријател Андре Рувеје: „Но, тие треба да бидат тоа што се, оригинали, едноставно дела во гваж.“
3. За варијанти, види Schneider 1984, стр. 659-669.
4. Види Schneider 1984, стр. 666.
5. Во оваа смисла од особена важност се следните забелешки од Répertoire: 6: „Му кажувам на моделот, ‘Замисли си една пријатна приказна и следи го нејзиниот тек.’ Се осмелувам ли да признаам дека на ваков начин учествувам во создавањето на личните чувства на мојот модел? Во моето дело јас сум ненаметлив како снимател кој стои напред на возот и снима различни делови од непознат предел“. Schneider 1984, стр. 666.
6. Во интервју со Андре Верде околу 1952, Матис на прашањето дали ги направил исечоците за „Џез“ од забава, тој одговорил: „Забава која не е ниту лесна, ниту површна, ниту фриволна (...). Критичарите или колегите би рекле: ‘Стариот Матис, приближувајќи му се на крајот на својот живот, се забавува со сечење хартија. Не се носи со своите години многу добро, влегува во второ детство.’ Тоа, секако, нема да ме усреќи, но таа работа нема ни да ме разлути ниту огорчи. Напротив, се обидувам да ги разберам добрите или лошите реакции, да ги анализирам кртитиките од каде и да доаѓаат, да ги анализирам во релација со тоа што го правам.
„Па, многу ми беше забавно додека ја сечев мојата хартија. Но, со најголема сериозност, урамнотежувајќи ги сите мои минати искуства, тежината на целиот живот посветен на непрестаен напор, со подеми и падови, успеси и порази, порази кои ги сметав за неизбежни но неподносливи и на кои морав да им се спротивставам што е можно побрзо.
„Тоа што сакав да го направам со овие хартиени исечоци беше повторно да ги откријам, преку невообичаени технички средства, убавите денови на линијата и бојата, да извлечам од нив одек на и спој со новата свежина.
„... Но во тоа време не бев свесен за внатрешната светлина, умствена - или ако повеќе сакате, морална - светлина. Денеска ја гледам таа светлина секој ден. Природната светлина, светлината која доаѓа до нас од надвор, од небото, се слева со неа. Мојата светлина сега има сконцентрирано поголема моќ на кристализација. Не дека моите сетила поминале низ извесна метаморфоза, туку дека нивното згуснување настанува на поневообичаен начин, а јас се обидувам да сублимирам колку што можам повеќе...
„Но тука нема четка која се прекршува и лизга по платното, туку ножици кои сечат низ цврста хартија и боја. Условите во кои се одвива процесот се целосно различни. Формата на фигурите произлегува од дејството на ножиците, што ѝ даваат израз на органски живот. Овој алат, гледате, не се адаптира; не премачкува на, туку сече во - ова треба да биде акцентирано, бидејќи го прави сосема различен критериумот на опсервација. Новиот алат, на уметникот кој знае да го користи, му дава поголем авторитет во справувањето со формите. Продуктот е различен. Моите исечоци, се надевам, го задржуваат суверенитетот на линијата карактеристична за мојот цртеж. Големото искуство на мојата рака слободно си игра со водењето на тој алат. Но не сите придобивки од оваа нова техника треба да бидат припишани на моите поранешни цртачки навики. Моите хартиени исечоци исто така му должат нешто и на техничкиот процес на вајањето. Сте ја прочитале ли мојата книга „Џез“? Препрочитајте го предговорот. Во него напишав нешто налик на ова: дека сечењето директно во боја, директно со ножици, ме потсетува на директното длабење на вајарот.
„Линијата на посредство помеѓу чистата боја и мене самиот како негов создавач се гледа во употребата на алатот, при моменталноста на сечењето.
„... ножиците можат да бидат исто толку осетливи за линијата како и моливот, пенкалото или јагленот - можеби дури и поосетливи. За мене осетливоста често лежи во моменталноста на потегот; свежина секогаш грижливо заштитена од тоа што може елегантно да премине во рутина...
„.... создавам единствено со грижата што повеќе да се доближам до апсолутот, со повисоката апстракција. Ја следам суштината каде и да ме води. Претходно го претставувам предметот во комплексноста на неговиот простор. Денеска, сѐ што гледам во него е предупредувачкиот знак, основнион минимум кој е потребен тој да постои во таа форма и во контекстот во кој го поставувам.
„... Пеколот, знаете, толку е блиску до Рајот, а Рајот толку блиску до Пеколот. Понекогаш ми е тешко да поверувам дека пролетта и летото, убавите годишни времиња, кои ми се толку при срце, и светлината која ги претопува, зрачат и светат на имагинарните Елисејски полиња кои уживам да си ги претставувам во моите соништа, не за утеха туку за забава. Доколку луѓето знаеја низ што Матис, наводно сликарот на среќата, поминал, агонијата и трагедијата кои морал да ги надмине за да успее да ја долови светлината која никогаш не го напуштила, ако луѓето сето тоа го знаеја, тие исто така ќе сфатеа дека таа среќа, таа светлина, таа непристрасна мудрост која се чини дека е моја, понекогаш и се многу заслужени, со оглед на тежината на моите маки.“ Verdet 1978, стр. 130-132.
7. Од Répertoire: 6; Schneider 1984, стр. 660.
8. За детална дискусија за ова, види: Flam, “Jazz,” во: St. Louis and Detroit 1977, стр. 37-47.
9. Матис го кажувал ова барем од 1930 г., кога на американски новинар во интервју му рекол дека „на сликарот треба да му се исече јазикот.“ (“Study Art in America,” The Literary Digest, 18 октомври 1930.)
10. Во една верзија на воведот, пишан во Répertoire: 6, насловена „Мали ситници [Petits Riens]“ стои следново:
„Мали ситници?
„Па, зошто тогаш да се мачам да ги пишувам?
„Затоа што моите обоени страници мора да бидат заштитени, како да се обвиени со перничиња од страници со рачно напишан текст во одредена форма. Тоа е тоа што мојот издавач ми го бараше. Но што со типографијата? Не, пробниот примерок што го направивме не беше многу успешен.
„Па зошто овие мали ситници? Бидејќи тежок текст не би одел со моите боени шеми што не бараат ништо повеќе од тоа што ги користат најдобрите бои кои постојат, без да ја расипат нивната чистина. Која радост е само да погледнеш во пакетот на кило син пигмент, пакет жолта, зелена или теракотна боја, дури и црна. Па, тоа беше тоа што сакав да го пренесам на хартија, поврзано со обичните работи. Различни сеќавања. Најпогодни за бои со така скромни цели би биле некои детски приказни или писанијата на уметник, неговите мисли, дури и филозофски идеи... Луѓето се многу толерантни кон хобија [‘violons d’Ingres’] особено ако оставаат нешто недокажано. Утеха е за завидливиот, а добра смеа за пријателите. Затоа ги исполнив страниците кои ги одвојуваат моите боени илустрации со нешта кои немаат значење - кои можат а и не мора да се прочитаат - но кои ќе бидат видени, а тоа е сѐ што сакам. Како материјал за пакување помеѓу моите бои - како струготини.
„Издавачот е многу талентиран човек, кој има особено влијание на уметниците, особено кога неговата страсна љубов кон книгата е толку голема што станува дел од неговиот живот.
„Затоа сум на мислење, без да сум убеден во тоа, дека писанието што го исцртав ќе биде сфатено како што е замислено“. Цитирано според Schneider 1984, стр. 710, бр. 31.
11. Матис бил на такво значајно патување во 1937, од Лондон до Париз, кое му го опишал на својот пријател Симон Бизи: „Се искачивме на висина од 3000 метри и летавме со брзина од 240 km на час. Авионот се чинеше како да не се движи и како да не оди никаде. Те нервира тоа што кога леташ се чини како да се движиш со брзина од 10 km на час. Го напуштивме Кројдон во 10.30 наутро, а во 12.30 веќе ручав дома - како ништо да не било“. Писмо од 12 јули 1937, цитирано во Schneider 1984, стр. 660.
Во Répertoire: 6 Матис забележал, „Сѐ е толку чисто, толку едноставно кога си на авион. Летајќи над облаците фрламе поглед кон земјата која ја напуштивме пред кратко време, нејзините градови и предели во минијатура. Си велиме, ете таму има толку малку љубов, таму луѓето се повредуваат, таму живеат во завист и љубомора. Како да не сме повеќе дел од сето тоа, далеку сме од тоа во овој простран пејзаж, целосно бел, во речиси неподвижниот воздух. Какво бегство! Тука треба да доаѓаме кога ни треба некаква инспирација“. Schneider 1984, стр. 660.
12. Во врска со прашалниот знак кој недостасува: тука и на други места во рачно пишуваниот текст, интерпункциските знаци се ставани според просторот на текстот на страницата.
13. Овој дел е синтетизирана верзија на две од темите за кои се зборува во “Exactitude is Not Truth,” Текст 40, во: Matisse on Art.
14. Исто како и Матис; тој го сподели овој совет и со своите студенти во 1908 година (види “Sarah Stein’s Notes,” Текст 4, во Matisse on Art).
15. Варијанта од ова може да се најде и во Répertoire: 6: „Јас сум како чист и едноставен медиум. Доколку гордоста ми се испречи на патот, мојата работа не оди добро и после неколку пцости успевам да се вратам и повторно да се предадам, па работите се подобруваат, бидејќи мојот ум е помирен со мојата беспомошност кога чувствувам дека божјиот пилот не е со мене“. Schneider 1984, стр. 710, бр. 35.
16. Овој дел е инспириран од „Иницијација на Исус Христос“ на Томас а Кемпис, која во овој период Матис ја читал многу и често му била на ум. Во Répertoire: 6 го пренесе овој цитат од А Кемпис: „На душата ѝ се потребни две нешта за да се издигне над земните работи: едноставност и чистина“. По ова следува уште еден цитат, земен од “Page X, Baumann’s preface”: „Внатрешниот конфликт единствено ќе запре кога нашата голгота на оваа земја ќе го достигне својот крај“. Schneider 1984, стр. 709, бр. 6.
17. Во белешка во Répertoire: 6 Матис пишува: „Животот на сликарот е толку тежок на почетокот, па дури и во неговиот тек, толку тежок што често се прашуваме која божествена рака би му помогнала да продолжи по неговиот пат, среде неразбирањето од јавноста, па и од критиката.
„Потребна е голема ментална дисциплина. Еден сликар кој го познавам, направи листа на маките на уметничкиот живот според важноста, а недостигот на пари не беше на нејзиниот врв. Болеста беше во игра, но, над сѐ, на листата се најде немањето желба за работа, како најголема катастрофа“. Schneider 1984, стр. 710, бр. 36.
18. Матис, во Répertoire: 6, забележува: „Господ го ставил противотровот близу до отровот. Секогаш барај го противотровот“. Schneider 1984, стр. 710, бр. 34.
19. Цит. Сеќавањето на Матис за лагуните на Тахити во “Oceania”, Текст 36 во: Matisse on Art; и “Interview with André Verdet,” Текст 50 во: Matisse on Art. Три од илустрациите во Џез (XVII-XIX) се именувани “Lagoon”.
20. Цит. Матис на Арагон (Текст 29 во: Matisse on Art): „Можеби покрај сѐ верувам, без да сум сигурен во тоа, во иден живот... во некој рај во кој ќе сликам фрески...“
21. Ангел Ламоте, соработникот на Териад за Verve, умрел на почетокот на 1945 година.
Од книгата: Matisse on Art - revised edition, edited by Jack Flam, University of California Press, 2015, стр. 169-174. Белешки: стр. 292-294
Превод на македонски: Private Print
Текстот е објавен со дозвола од уредникот Џек Флам.
Original text: © Succession H. Matisse 2019
ПРОЧИТАЈТЕ ГО И ТЕКСТОТ > Како ги направив моите книги
Сакате да ги поддржите нашите активности? Прочитајте како можете да го сторите тоа!
Со поддршка на нашите активности ја поддржувате младата и прогресивна уметничка сцена која се бори за подобра видливост, средства и простор за израз во рамките на културната сцена.
Како прв издавач на уметнички книги во Скопје, Северна Македонија, основан во 2016 година, PrivatePrint цели кон објавување и поддршка на уметнички книги и на млади уметници кои работат надвор од востановените институционални рамки. Уште од самиот почеток, паралелно со издавачката програма се разви и разновидна непрофитна програма која вклучува изложби, промоции, меѓународни презентации, блог и онлајн активности и слично. Со оваа програма започнува работата на PrivatePrint Studio како уметнички и изложбен простор, кој потоа беше официјализиран како здружение во 2018 година со цел понатамошен развој на својата мисија. Преку своите активности студиото цели да создаде платформа за истражување и претставување на уметнички книги,дизајн и други медиуми на израз во современата уметност видени во поширок социо-културен контекст. Работи на подобра видливост и поврзување на уметниците и уметничките практики, како во локалниот контекст, така и преку размена на идеи на меѓународен план.
Затоа ни е потребна вашата поддршка, за да ја одржиме редовната работа на студиото и да отвориме повеќе можности за младите уметници да ја развиваат и претставуваат својата работа.
Можете да бидете донатор, спонзор или, пак, да се пријавите за годишна претплата на публикациите на PrivatePrint! Прочитајте повеќе и контактирајте нѐ!
Донирајте!
Можете да бидете донатор, да ги поддржите непротифитните активности на студиото и да ни помогнете да се развиваме. Сите донатори ќе бидат наведени на нашата веб-страница, освен ако не сакате да бидете анонимни.
Доколку сакате да направите лична донација (физичко лице) со сума по ваш избор, можете да го направите тоа на следните сметки:
Во Северна Македонија:
Здружение Студио ПРИВАТЕН ПРИНТ Скопје
Бул. „Партизански одреди“ 62/1-4 1000 Скопје
Број на сметка: 300000004181609
Банка: Комерцијална банка АД Скопје
Меѓународно:
Strudio PRIVATEN PRINT Skopje
bul. "Partizanski odredi" 62/1-4 1000 Skopje, North Macedonia
IBAN: MK07300701003635721
SWIFT: KOBSMK2X
Доколку сте компанија, институција или слично (правно лице) и сакате да направите донација, ве молиме да нѐ контактирате за повеќе информации >>>
Лице за контакт:
Марија Христова
marija@privateprint.mk
+(389) 78 539738
Бидете спонзор!
Можете да бидете спонзор на конкретен проект. Контактирајте нѐ за повеќе информации за нашите тековни или идни уметнички проекти. Сите спонзори ќе бидат наведени на нашата веб-страница, а нивната поддршка со благодарност ќе биде назначена и на сите промотивни материјали за проектот.
Тековни проекти кои можете да ги поддржите:
Emerging Concepts Edition
Изложби во соседството (минати изложби во рамки на програмата: Ледиа Костандини, Илија Прокопиев, Марта Шиндил)
Лице за контакт:
Марија Христова
marija@privateprint.mk
+(389) 78 539738
Претплата 2020
Можете да се пријавите за годишна претплата на изданијата на PrivatePrint. Бидете првиот што ќе ги добие нашите уметнички книги од 2020 директно на вашата адреса. Дополнително, добивате попуст од 10% на сите други публикации на PrivatePrint.
Годишна претплата - 2000 МКД \ 33 ЕUR
* Бесплатна достава на книгите во Северна Македонија.
** За цените за меѓународна достава пишете ни мејл.
Следете ја нашата веб-страница и социјалните профили (Facebook \ Instagram) за повеќе информации за книгите за 2020 година.
За повеќе информации и за деталите за плаќање контактирајте нѐ >>>
Лице за контакт:
Марија Христова
marija@privateprint.mk
+(389) 78 539738