The Tokyo Art Book Fair 2017
Објавено на: 06.12.2017
Саеми на уметнички книги. Токио
Текст и фотографии: Марија Христова
Прашањето: што точно претставува уметничка книга, во моментот кога ќе влезете на еден саем за уметнички книги, се менува во: што сѐ може да биде уметничка книга? Саемите за уметнички книги, во светски рамки, се и најдобрите места да се открие дефиницијата, формите, границите и идните насоки на публикациите кои стојат на преминот помеѓу конвенционално прифатениот модел на книгата и усвоените медиуми за уметнички израз. Исто така, тие се и местата на кои може да се испитаат границите и состојбите на полето на печатените медиуми, хартијата и книгата во поширока смисла. Затоа што, иновативноста што со себе ја носи уметничката книга како медиум, на многу суштински начин, ги допира предизвиците со кои се соочуваат печатарската и издавачката дејност во современ контекст.
Влезот на Tokyo Art Book Fair 2017, магацин Терада, Токио
Во Токио, девет години по ред, се одржува еден таков саем, кој непретенциозно, сака да стане една од главните платформи на интернационално претставување на уметнички книги во Азија и во светот. На овој саем, кој од година во година станува и поголем и поинтернационален, учествуваат издавачи специјализирани во областа на уметничките книги, галерии со својата публицистичка работа, самостојни уметници, изработувачи на зинови, печатари, дистрибутери. Меѓу шареноликата понуда од големи интернационални изложувачи, светски познати издавачи на уметнички книги, но и самостојни уметници со направи-сам изданија, од 5 до 8 октомври, Приватен принт имаше можност да ги претстави своите изданија и македонските автори.
Саемот се одржуваше на четири спрата во магацинот Терада, на островот Тенозу во Токискиот залив. И самата зграда Терада е уметнички комплекс, што беше дел и од идејата на поврзување на активностите на саемот соседството со галериските, музејските простори и работилниците на островот Тенозу. Тоа е мирен дел од Токио, каде гужвите на централното подрачје не се гледаат во обичните денови. Исполнет е со деловни згради, со распрснати уметнички галерии, архитектонски работилници, музеј на макети, продавници за уметнички материјали, а познат е по Имиграционото биро кое се наоѓа таму, со што станува синоним за тестирањето на желбата на имигрантите да останат во Јапонија.
Штандови со храна и пијалок, остров Тенозу
Искуството на Tokyo Art Book Fair 2017, на ова негово последно издание во проширен формат, беше проникнато со самото искуство од престојот во Токио, односно суштински го надополнуваше. Едното без другото немаше да бидат комплетни. Иако, овие саеми личат еден на друг, како заедницата на издавачи на уметнички книги да е една транснационална мрежа која се препознава на кое и да е место на светот, сепак, во таа првична препознатливост, се провлекуваат цртите специфични само за Токио и Јапонија. Почнувајќи од организацијата и функционалното решавање на секој чекор од саемот, од почетокот на подготовките, па сѐ до активностите на деновите на саемот, справување со непредвидливите ситуации како гужвата, редовите и чекањето кај лифтовите и решавањето на тековните организациски детали, се случуваше со невидливо присуство на организаторите и со неверојатна моќ да се предвидат проблемите уште пред тие и да се случат.
Посетителите на саемот се другата битна приказна. Начинот на кој тие пристапуваа кон изложените производи, е нешто што може да се забележи како општа карактеристика на атмосферата и односот на луѓето во Јапонија кон светот околу нив, другите луѓе и секојдневните средби. Луѓето во Токио пренесуваат атмосфера на смиреност, специфична почит кон околината, како и искрено ненаметливо љубопитство. Соочувањето со тоа искрено љубопитство и јасна внатрешна почит на Јапонците, се пресликуваше и во целосното доживување на овој прекрасен свет, без разлика дали стануваше збор за разговор за нашите книги, шетање низ градот, по продавниците, улиците, трговските центри, возовите. Пречката на неразбирање на јазикот и првичната повлеченост, многу лесно се надминуваа како поминуваа деновите. Со оглед на тоа што, изданијата се претежно визуелни, саемите на уметничка книга многу лесно можат да станат интернационални и лесно да допрат до публика од различни општества, јазични и културни потекла. Книгата станува предмет кој е разбирлив без разлика на јазикот. Останува само да си ја најде публиката.
Посетители на штандот на Private Print
Вклучени сме целосно во процесот на создавањето на публикациите, од самиот зачеток на идејата, нејзиниот развој, реализација, влегување во печатница, па сѐ до промоцијата и дистрибуцијата. Многу лично сме инволвирани во животот на делата, што ни дава можност да бидеме непосредни и лични во пристапот при презентирањето на публикациите пред публиката, на која било точка во светот. Тоа е слично и со доста од другите издавачи/уметници коишто беа присутни и на овој саем. Па доживувањето и на посетителите и на нас како изложувачи, беше слично: многу директно и непосредно може да се влезе во приказната, концептот и развојниот процес на книгите. Неверојатно е искуството, кога истата страст ја гледаш, пресликана како во огледало, во посетителите кои ги прифаќаат изданијата како да се нивни, но и во изложувачите во кои се препознаваш по пристап, став и светоглед.
Посетители на Саемот за уметнички книги во Токио 2017
Саемите за уметнички книги и сличните настани ја одржуваат идејата дека светот може да се разбира и вмрежува на многу различни нивоа, но, многу побитно, тие се места каде страста кон книгата и кон печатениот медиум и личната инволвираност во истражувањето на нивните граници добиваат незамисливи димензии.
\\\
Уметничката книга и јапонскиот контекст
Текст: Илија Прокопиев
Саемот за уметнички книги во Токио е најголемиот азиски саем за овој тип на публицистика. Покрај огромниот и доминантен број на азиски издавачи, галерии и уметници, на саемот се претставуваат голем број на светски издавачи и уметности. Приватен принт оваа година (2017) беше меѓу сите нив, претставувајќи ги своите уметнички книги и печатени материјали. Нашето искуство како издавачка куќа на овој саем беше значајно со тоа што пред јапонската публика ги претставивме нашите изданија, а со тоа и нашите уметници, но исто така од исклучително значење беше средбата со огромен број на издавачи и начини на размислување во поглед на практикувањето на уметничката книга.
Јапонија има огромна традиција во издаваштвото на уметничката книга. Колку и да мислиме дека овој уметнички жанр доживува подем, во јапонскиот контекст тоа повеќе претставува одржување на континуитет во традицијата на уметничкото изразување. Навраќајќи се назад во историјата, потеклото на овој жанр нѐ води директно во Едо периодот на Јапонија од седумнаесеттиот до средината на деветнаесеттиот век . Во овој период, некаде околу имињата на јапонските уметници Санто Кјоден (1761-1816) и неговата книга со слики Shiji no yukikai, 1798 и Кацушика Хокусај (1760-1849) и публикувањето на неговите скицници наменети за учење на уметноста, првпат се сретнува зборот манга. Овој поим во своето примарно значење ја содржи логиката на современото поимање на уметничката книга, а тоа е книга исполнета со неповрзани слики на различни теми: флорални, анимални, слики од секојдневниот живот, митолошки слики, создавани со идеја и цел нивната крајна форма да биде книга. Тоа е форма која природно се изродила од тогашниот контекст и сфаќање на уметничкото дело како потреба која не е одделена од секојдневниот живот, односно уметност практикувана како предмет од секојдневието. Во тој период, и покрај политичката изолација на Јапонија, културата ќе ја доживее својата златна ера. Следува период на експанзија на народната уметност, а со тоа и развој на графичките техники и на мајсторството во високиот печат од дрворез. Ова овозможило масовно печатење и дистрибуирање на сликите. Следствено на околностите, овие книги веднаш станале бестселери. Тоа биле едни од најпосакуваните начини на консумирање на уметноста. Книги чија содржина ги преобразувала во предмети со уметничко и колекционерско значење. Тие содржеле убавина, задоволство и мајсторска уметност, спакувани во секојдневен предмет (книга) и предмет кој не е скап.
Лево: Ретки примероци на Хокусаи манга дел од колекцијата на музејот Сумида Хокусаи, Токио Јапонија. Десно: Современо реиздание на мангата на Кацушика Хокусаи „Животот и манирите од секојдневието“, Seigensha art publishing, 2010
Саемот за уметничка книга е јасен пример за оваа традиција. Овој пат, една од неколкуте изложби во склоп на саемот беше посветена на дизајните на книги од познатиот јапонски уметник и графички дизајнер Таданори Јоко (Tadanori Yokoo, 1936). Уметничкиот израз на Таданори Јоко, како еден од најважните графички дизајнери во пост-воениот период на Јапонија, е синтеза на западните културни влијанија на поп-артот со индиската култура, мистицизам и психоделија во рамките на јапонското уметничко традиционално милје. Не ретко, дефинирајќи се себе си и како комерцијален графички дизајнер, истовремено, обидувајќи се да го предефинира поимот комерцијалност преку својата јапонска позадина, тој ја позиционира ова професија како главна градбена единица на идејата за комерцијалното. Вештина која ја обликува перцепцијата на луѓето во рамките на секојдневието, доближувајќи им се преку нивните потреби и можности. Неговата практика како дизајнер подразбира дизајни за филмски и театарски плакати, книги и магазини.
Дизајн на Таданори Јоко за насловната страна на книгата „Фрлете ги книгите, соберете се на улиците“ од Шуџи Терајама од 1967
Во оваа насока сакам да ги спомнам и Rondade, јапонска издавачка платформа, чија продукција подразбира дизајн на продукти од областа на музичката индустрија, издавање и уредување на книги, планирање на настани и дизајнирање на веб-страници. Пред сè фокусирани на алтернативната музичка сцена, нивниот ангажман како платформа подразбира многу пошироко разбирање на поимот издавање, како неспецифично. За Rondade издавањето претставува севкупно уредување каде публикацијата и дизајнот се еден фрагмент од реализацијата на идејата. Со поставувањето на идејата како примарна, таа веднаш станува достапна, а со тоа и мултифункционална.
Лево:Фото публикацијата Go Itami - Study на Rondade publishing, како изложен експонат во книжарницата за уметнички книги Motto Берлин. Десно:Изложбена варијанта на фото публикацијата Plastic на Rondade publishing, преземена од Facebook профилот на Rondade
Една цела секција на овогодишниот саем беше посветена на печатници и производители на хартија. Тоа за Јапонците е уште еден многу важен сегмент во комплетирањето на продуктите во издаваштвото и дизајнот. Кога се помислува на книга, не се помислува само на нејзината содржина, туку и на нејзината убавина како објект. На убавината и текстурата на хартијата, на квалитетниот повез, на трајноста на бојата. Сите овие детали ѝ помагаат на содржината на книгата, или некогаш, особено во контекст на уметничката книга, се дел од содржината на книгата.
Еден од изложбените простори на продавницата за хартија Такео во Токио, Јапонија
Севкупно, Саемот за уметнички книги во Токио, е настан преку кој уметноста, технологијата и книгата во заедништво, генерираат нови идеи и тенденции. Јапонскиот третман на книгата и практикувањето на дизајнот зборуваат за исклучителниот општествен однос кон вредностите и знаењето.