НЕДА ФИРФОВА ЗБОРУВА ЗА АВТОРСТВОТО И УМЕТНИЧКАТА КНИГА
Објавено на: 24.05.2018
Интервју со Неда Фирфова, резултат на е-мејл преписка во периодот јануари-мај 2018, Private Print разговори.
Во практикувањето на уметничка книга, во контекст на македонската современа уметност, уметницата Неда Фирфова (1981), и покрај тоа што живее и работи во Токио (Јапонија), веројатно, оди најдалеку во истражувањето на овој медиум. Таа својата практика ја опишува како „истражување во печатениот медиум, неговите продукциски модуси, хартијата и мултипликацијата како симболи на етаблирана вистина и ги испитува нивните релации со архитектурата, дизајнот, човечкото тело и воопшто битисувањето низ одредени историски периоди и контексти“.
Неда себе си се дефинира како графички дизајнер кој на оваа професија ѝ приоѓа од истражувачки аспект. Нејзината идеја е да го редефинира авторството во професијата во современ контекст и да ја озвучи ексклузивноста која графичкиот дизајн историски ја носи, преку мултипликацијата и печатениот медиум, со цел да се коригира нејзината општествена улога и културна вредност.
Авторка е на голем број уметнички книги, независно но и дел од пошироки нејзини истражувачки проекти, а учествувала и во колаборативни проекти кои го вклучувале овој медиум. Овој краток разговор се фокусира токму на нејзините сфаќања за авторството и уметничката книга.
Неда Фирфова
ПП: Како уметник ја практикуваш книгата како уметнички израз. Дизајнер и автор си на многу вакви проекти. Нè интересира како таа работа го дефинира твоето сфаќање за тоа што е уметничко дело?
НФ: Имајќи ги предвид оние мои продукции кои се артикулирани во форма на книги или биле создавани низ процеси кои имале за цел да реплицираат и модификуваат веќе постоечки печатарски модуси и продукции на книжни објекти, заклучувам дека за мене книгата како дело неизбежно поминува низ три фази.
Првата е варијабилна, да ја наречеме процес, префикс, практика. Таа може да претставува истражување, причина поради која се создава уметничкиот или дизајнираниот објект или подобро заокружено, веќе постоечкото секојдневно практикување на одредени работни задачи кои конечно ги создаваат условите за продуцирање на книгата како објект.
Втората е самиот книжен објект.
Третата е екстензијата на книжниот објект. Тоа е секако читањето на истиот, спектарот на размислување што тој објект може да го предизвика кај кој било поединец кој ќе дојде во допир со него. Ако секоја книга конечно бара поединец да мине интимно време со неа во лично толкување на нејзината содржина, мене ме интересира просторот и контекстот во кој овие објекти се прелистуваат, читаат, чуваат и прикажуваат. За таа екстензија да стане составен дел од уметничкото дело, потребно е да се артикулира и рефлектира низ самиот книжен објект или да стане перформативна или видлива.
ПП: Дали според овие изложени составни фази на создавање, „книжниот објект“ доаѓа како резултат на истражувањата или самата форма (книга) е предмет на истражувањето?
НФ: Книгата како форма, сѐ она што таа го симболизира, но и процесите на нејзиното физичко содавање, можат да бидат предмет на истражувањето, како и дел од пракса која создава услови за ново дело. Таков е случајот со моите дела Always Ready и Redressed, каде книга создадена за еден проект станува своевиден предуслов, но и readymade на кој се интервенира во друг проект.
1 Always Ready, рачно изработен и рачно поврзан книга-објект, ККА уметничка резиденција, Виена 2015 (Фото©KulturKontakt Австрија) \ 2 Always Ready, документација од перформанс, Кемал Стафа Стадион, Тирана 2012 \ 3,4 Redressed, домументација на проект 2015
ПП: Во твојот проект насловен Always Ready многу е јасно дека контекстот (односно третата составна фаза) бил вклучен во размислувањето на самиот проект, но во твоето дело Redressed истата книга е ставена во контекст на друг концепт. Како ова екстензија, или реконтекстуализација, на продуктот (во делото Redressed) се поврзува со првичната идеја за дадената уметничка книга (односно со првите две фази)?
НФ: Во Always Ready конструкцијата на книгата одеше паралелно со планирањето на истоимениот перформанс, двете се во неразделна врска. Во проектот Redressed, пак, ја преземам книгата централна на проектот Always Ready како готов продукт, кој поради своето дотогашно постоење, но и истражувањето кое беше дел од него е носител на одредени значења и знаења. Книгата од овој проект е симбол на избришаната дизајн историја и непренесено модернистичко знаење поради сопствениот трагичен контекст - колективната амнезија по паѓањето на комунизмот во источна Европа.
Зeмајќи ја како симбол на една неиспочитувана историја, во проектот Redressed ја преоблеков во барокно руво и ја извадив од контекст. Овој мој гест, секако, го имитира вулгарниот и насилен акт на тогашните власти во Македонија, кои ги преоблекоа во барок некои од симболите на локалната модерна архитектура т.е. дизајн (која е впрочем создавана низ истиот период со слетовите и слични масовни настани), а со тоа повторно ставија симболична и насилна точка во континуитетот на знаење од областа на дизајнот од едно значајно доба - нов обид за повторна културна амнезија.
Интересното во овој проект е можеби тоа што книжниот објект не само што е централен дел, туку е и активен дел и од процесот. Преоблечената книга со златни корици е резултат на практикувањето на рачна изработка на книжните објекти продуцирани низ годините за потребите на Always Ready и потребата за нејзина интерпретација во нов контекст. Но Always Ready и Redressed, всушност, се испреплетуваат и на повќе нивоа. На пример поемите All Points Addressable: 4 Sentences 4 the Designer and the General на поетот Кристијан Хоки, создадени за Always Ready, се другиот дел од врзивото меѓу двата проекти, нивната содржина ја допира реконтектуализацијата која следеше.
Во оваа смисла, процесот е новиот контекст (и старата книга), преоблечениот книжен објект, т.е. создавањето нов, е централната продукција, а екстензијата е фотографската документацијата која го дислоцира книжниот објект на местото на замислен барокен артефакт во просториите на Албертина и се труди да создаде нов наратив за историјата на овој објект.
ALL POINTS ADDRESSABLE: 4 Sentences 4 the Designer and the General, Кристијан Хоки со интервенции на Неда Фирфова, документација од каталогот за изложбата Always Ready: проект на Неда Фирфова, 2014
ПП: Дали можеме да го сумираме поимот екстензија исто така проследувајќи го и преку други твои проекти?
НФ: Публикацијата Extra Artisan Trade Workshop Export Complete Import Programme (A Book for the future) исто така предвидува екстензија. Тоа е моја авторска книга ко-издадена од проектниот простор press to exit, a ги документира дел од рачно изработените знаци на занаетчиските дуќани во турската чаршија во Скопје. Овој избор од неонски и сликани знаци е документиран со цел да го презервира нивното постоење низ транзицискиот период, кој го најавуваше и нивното постепено исчезнување. Сакајќи да ја озвучам зачувувачката моќ на книгата како медиум, ја дизајнирав и изведов така што фотографиите од избраните знаци се комплетно скриени т.е.невидливи сѐ додека читателот не реши да го изгребе заштитниот слој. Тоа може да се случи во кој било даден момент во иднината и на начин на кој читателот сака да го направи тоа. Потенцијално, тоа може да биде иднина во која ниеден од тие знаци веќе нема да постои.
Имајќи го овој аспект на книгата во предвид, организирав перформативни настани со наслов Scratch & Wine на кои канев локални уметници, дизајнери и активисти да интервенираат во книгите додека на масата се води дискусија за општественото значење на ваквиот графички ”дијалект”.
И покрај тоа што е објавуван во неколку различни форми, проектот GRIDS, исто така, предвидуваше екстензија низ повеќе печатени медиуми. Проектот се занимава со создавање нови и прецртување веќе постоечки типографски мрежи на модуларни азбуки кои меѓу другото преставуваат и јазични шеми кои потенцијално можат и физички да се исполнат со текст. Дел од мрежите беа изложувани во галериски простори во форма на тапети или пак лежечки постери во кои посетителите беа поканети да интервенираат. Интервенциите беа користени како дел од понатамошниот развиток на проектот.
1, 2 Scratch & Wine, Интерактивен перформанс, Вакант, Токио, 2009 \ 3 GRIDS, објавен како дел од проект-книга, проектен простор press to exit 2008 \ 4 GRIDS, интерактивен перформанс и самостојна изложба, KijkRuimte, Амстердам, Холандија 2012
ПП: Кое е твоето искуство во практикувањето на овој уметнички медиум во Јапонија?
НФ: Со оглед на тоа што продукцијата на уметничката книга ја практикувам како дизајнер, уметник и едукатор, кој доаѓа од Европа, а живее и работи во Јапонија, често сум во ситуација со моите студенти да дискутирам за паралелниот развој и историските разлики во сферата на печатените медиуми и визуелната култура во Европа и Азија.
Примерите се различни и многу на број, но кога станува збор за уметничката книга како медиум во Јапонија, и особено кога правиме споредба со Европската историја на уметничката книга и печатените книги воопшто, продукциите од Едо периодот се навистина интересни. Тогаш се развива ‘масовната’ продукција овозможена од дрворезот како техника па украсните ролни создавани за домовите на привилигираните класи се заменуваат со Ехон (絵-picture 本-book), печатени илустрирани книги со случки од секојдневниот живот во Укијо-e стил (浮世-fleeting life и 絵-picture).
Овие уметнички книги биле наменети и уживани во сите сегменти на општеството, а јас лично сметам дека не само што биле популарна уметничка форма во овој период, туку преставувале и вистински демократски и ослободувачки медиум во периодот на строгиот милитаристички систем. Добар пример за ова се Шунга книгите, еротски хумористични илустрирани книги, кои и жените и мажите во семејствата со гордост ги поседувале и покажувале на своите гости.
Ако имаме предвид дека во Европа, од една страна, првите печатени книги на Гутенберговата преса се 42 линиските Библии кои чинеле неколку годишни плати, а во 16ти и 17ти век веќе со голем замав се развиваат и негуваат типографијата и схоларистиката со цел да продуцираат знаење низ мултипликацијата, гледаме една сосем различна историска нитка, која ми се чини дека силно ја има одбележано визуелноста на тукашната култура. Спојот на ументичкото и информативното низ еден неформален медиум како Јапонската илустрирана книга е сосема различен од строгиот Европски едукативен пристап кон книгите, како во раниот печатарски период, така и по индустриската револуција кога како нејзина реакција ќе се појават и ексклузивните ‘убави’ книги. Таа непосредност како да е приметлива дури и во денешни услови, иако сега ја имаме привилегијата на глобално ниво да ги применуваме сите придобивки на печатениот медиум.
Истражувајќи ги постоечките знаењата и имајќи предвид дека современата продукција на книги и уметнички книги има потреба од познавања на глобалните процеси во индустриското печатење и продукција на хартија, но и од алтернативни начини на печатење и локални концепти за рачно врзување и укоричување, заедно со студентите од моето студио на факултетот за дизајн и архитектура, на градскиот универзитет во Нагоја, секоја година работиме на групен експериментален студентски проект кој има за цел да продуцира уметничка книга. Проектот опфаќа една општествена тема која студентите ја чуствуваат за особено блиска и наоѓаат начин како да ја преведат во авторски визуелен материјал кој конечно се печати и публикува. Низ овој процес, медиумот уметничка книга сакам да го гледам и како отворен едукативен метод.
Analogue Services (AS) е преведување на моделите на социјалните мрежи на хартиена подлога. Создадена од студенти на семинарот за графички дизајн на Неда Фирфова, Факултет за дизајн и архитектура, Градски универзитет на Нагоја, 2017
ПП: Од ова твое искуство и како уметник и како едукатор, во јапонскиот културен контекст, дали би можела да ни кажеш како уметничката книга, во современата јапонска култура, настрана од популарното модерно сфаќање на мангата, се надоврзува на традициите, во какви форми се појавува, во какви насоки се движи?
НФ: Мислам дека историското присуство на Ехон, но и презервацијата на ова културно наследство значи многу за современите продукции на книги во повеќе области. Ако го гледаме овој медиум како носител на слика и текст во исто време, каде овие два елементи се во сооднос кој има за цел да си игра со јазикот пред очите на читателот, неговиот историски развој го гледаме најмногу низ изданија во областа на поезијата. Би рекла дека еден дел од прекурсорите на современите Јапонски уметнички книги доаѓа од овој правец.
Другото силно влијание е во развиената фотографска продукција и популарноста на фотографијата како уметнички медиум која пак се должи на сеприсутноста на фотоапаратите како дел од културата на живеење и локалното производство во оваа област. Фотографските книги (photobooks) имаат веќе долга историја и висока културна вредност. Нивната изработка бара специфични познавања во областа на печатењето и употребата на хартија и особена прецизност во доработката, која има поставено високи стандарди за преостанатиот дел од печатената продукција во која спаѓаат и уметничките книги.
Можеме да дискутираме дали во продукцијата на уметничките книги е неопходно вклучувањето на графички дизајнери, но вредно е да се спомене и локалното разбирање на графичкиот дизајн и повторно неговата застапеност и богат локален културен контекст и историја.
Од една страна, сите овие високо културно и историски ценети гранки создаваат извонредни предуслови за инвентивна продукција на современи уметнички книги, но можеби и поставуваат превисоки стандарди за медиум кој во својата есенција е концептуален. Ова, секако, значи и високи продукциски трошоци тешки за поднесување за независните издавачи и уметниците. Мислам дека овие предуслови се главните во креирањето на разноликоста, повеќеслојноста и распространетоста на пазарот на уметнички книги во Јапонија, но и неговата демократизација. Ексклузивни галериски изданија се продаваат и изложуваат рамо до рамо со самоиздадени и no-ISBN продукции, а многубројната публика и нејзиниот колекционерски дух успеваат да ја одржат независната продукција во здрава форма низ изминатава декада.
Не ми е лесно да воспоставам силна заедничка карактеристика, во врска со самиот формат и содржините, која ги одвојува јапонските продукции од оние актуелни во други земји, но имајќи ги предвид наведените влијанија во продукцијата и генералниот контекст секако можам начелно да забележам дека уметничката книга во Јапонија е помалку политичка, ангажирана и езотерична, а повеќе игрива, визуелна, тактилна и комуникативна.
Селекирани графички дизајни на Неда Фирфова
ПП: Како и колку графичкиот дизајн им помага на твоите уметнички намери и каде и колку се преклопуваат овие две работи во твојата практика?
НФ: За мене овие две категории се во постојана комуникација. Себе-испитувањето како дизајнер и мотивот на редефиниција на тоа што значи да се биде дел од таа професија низ различни општествени контексти и периоди е фактички тема која се повторува низ мојата уметничка пракса.
Кога веќе зборуваме за уметничките книги, ќе одвојам пример во врска со нив, за тоа како мојата пракса како графички дизајнер ги храни моите активности како автор. Имено, како графички дизајнер имам соработувано на десетици уметнички книги на други уметници, книги за уметнички проекти, каталози за изложби итн. и во овие колаборативни проекти, покрај дефинираната дизајнерска улога, чуствувам дека дека ми е доверена уште една улога, на интерпретатор. Токму тоа интерпретирање или толкување кое се случува преку графичкиот дизајнер за одредено уметничко размислување или дело да се преведе во книга, станува видливо и нераскинливо од продуцираната уметничката книга како дело.
Конечно овие толкувања можеме исто така да ги наречеме екстензија, слично како и во моите авторски дела, вградена во делото како паралелен слој. Во тој простор тлее перформативноста на оваа професија, која е за мене навистина многу возбудлива категорија.