Уметнички публикации: Art Basel и околните саеми
Автор: Марија Христова
Фотографии: Марија Христова,
Илија Прокопиев
Објавено на: 28.02.2019
Messe Basel за време на Art Basel 2018; лево: холот дизајниран од швајцарските архитекти Херцог & Де Мерон, десно: детаљ од просторната инсталација Basilea 2018
Саемот на современа уметност Art Basel е гломазен и високо коменрцијален настан, кој привлекува луѓе од целиот свет, од професионалци во уметноста сѐ до нејзини љубители. Огромна река од луѓе се слева во Базел, во таа јунска недела. Целиот град станува вибрирачки и повеќеслоен уметнички саем. Со едно шетање низ центарот веќе е јасно дека во тек е голем уметнички настан. За ова зборуваат различните и бројни саеми распрснати низ целиот град, меѓу кои: I never read - саем за уметнички книги кој се одржува во комплексот Казерне, Базел и Photo Basel - специјализиран за фотографска уметност, се одржува во Фолксхаус, Базел - и двата се во радиус од неколку стотици метри од саемскиот комплекс, како и програмата Parcours на Art Basel, која вклучува уметнички инсталации во јавен простор поставени на различни локации низ градот.
Parcours 2018; лево: градска ознака со мапа на инсталации, десно: Пјер Хуиг, просторна инсталација во стариот центар на Базел
Во целата натрупаност со различни курирани изложби, галериски презентации, уметнички разговори, она што паѓа во нашиот интерес е уметничката публикација и нејзиното значење. Можеби, не наспрема спектакуларните изложби и големите дела од минатото и сегашноста, туку видена во нејзиниот современ контекст и во текот на нејзиниот развој. Без разлика каде е ставен главниот акцент, книгите, публикациите и списанијата, во склоп на овие настани, секогаш заземаат значаен дел и отвораат сосема ново искуствено поле на пресек на битни културни, комуникативни и уметнички сегменти.
Издавачите на уметнички книги: I never read 2018
Печатениот медиум, во контекст на уметничките публикации и книги, историски се перципира како алтернативен простор кој го освојуваат уметниците и простор каде што можат да ги документираат своите изложби, дела и идеи; се гледа како демократски медиум достапен и за уметниците и за публиката; но и како специфичен простор за автономни уметнички проекти, кои не се ограничени во галериски и институционални рамки. Сите овие начини на искористување на белата страница ги испитуваат границите на печатениот медиум и просторот на неговата рецепција, отвораат можности за слободни проекти со живот надовр од медиумот и овозможуваат промена на перцепцијата на публиката кон уметничкото дело.
Саем за уметнички книги I never read 2018, Казерне Базел
Она што се истакнува од изданијата и ставот на издавачите и уметниците на саемот за уметнички книги I never read 2018, а што може да се извлече како некоја дефиниција на денешните состојби на уметничката книга и светот околу неа, се експерименталноста во пристапот кон користењето на медиумот во согласност со содржината и идејата, како и трансформативните капацитети кои ги поседува, а тоа се брзите преминувања од книга, во изложба, во перформанс, видео. Како дополнителна карактеристика, може да се забележи и користењето и на алатките на општествените научни дисциплини, како во работниот процес, така и во презентацијата на делото.
Саем за уметнички книги I never read 2018, Казерне Базел
Брзи секвенци: Asthenia zine е независен зин основан во Атина, со концепт: секое издание на зинот е проследено со изложба на која учествуваат сите автори во изданието. Авторите испраќаат слика, текст, цртеж и слично на дадена тема, нивниот придонес може да кореспондира со делото што ќе биде изложено, во форма на некакво продолжение, или не. Изложбите се прават во различни простори во Атина. \ But we listen е колективен и експериментален проект основан во Базел, кој се заснова на создавање архива на цртежи, поврзан со слушањето наспрема гледањето, со истражувањето на работата на сетилата при цртачкиот процес. \ Hakuin Verlag од Цирих, ја опишуваат својата издавачка етика: „Нашата издавачка куќа е создадена за експериментирање со сликите, зборовите, звуците и слика-збор конструкциите. Технологијата и глобализацијата напредуваат, реки од слики не преплавуваат, оттаму се раѓаат нови култури и светови. Потребни се нови стратегии. Општествено релевантна материја ќе биде објавувана.“ \ Bolo Paper од Милано, создава лабораторија за само-објавување, со идеја и цел проектите што ќе бидат селектирани да ја пронајдат својата природна форма на хартија. \ Stingray Editions од Базел, развиваат проекти во мноштво од форми, димензии и контексти. Во центарот на соработките со уметници, писатели, музичари, научници лежи дијалог кој го дефинира форматот посебно на секое издание.
STINGRAY is altering
STINGRAY is transforming
STINGRAY is floating
STINGRAY is a performance
STINGRAY is a trip
STINGRAY is a book
STINGRAY is an undercover agent
Документарноста и флуидниот простор на книжниот медиум: Unlimited - Art Basel, Photo Basel, 2018
1 \ Melancholic Road, Alnis Stakle, self-published, 2015
Една од книгите изложени на Photo Basel беше Melancholic Road од Алнис Стакле (1975, Летонија). Самиздат книга, во лимитирана едиција од 50 примероци од кои секој примерок е уникатен. Страниците на книгата се оригинални царински декларации за транзит на нафта, стари 20 години и најдени од авторот во напуштена руска воена база во близина на руско-летонската граница. Меѓу нив се провлекуваат фотографии во мал формат на кои се издвоени замрзнати кадри од популарни аматерски You tube видеа кои документираат контроверзни настани и феномени од Русија, како на пример масовни тепачки, несреќи, ксенофобија, хомофобија и слично. Овој материјал е ставен меѓу тврда корица налик на папка за службено досие. Страниците од најдениот архивски материјал се печатени формулари, рачно пополнувани и печатирани, со што секоја од нив е посебна и различна од другата. Со тоа секоја копија од книгата е посебно уметничко дело. Алнис Стакле е фотограф, но неговата работа тука е кураторска. Со спојувањето на оригиналниот архивски материјал најден од него, со замрзнатите кадри кои се авто-документирачки и авто-репрезентативни во културолошка смисла, тој спојува две линии на можното читање на документарноста: ја испразнува од нејзиното првично значење онаа објективна стварност која се чита од најдените оригинални царински декларации и ги поставува како подлога за новиот тип на вирална документарност, на субјективното сликање на реалноста. Извадени од контекст и двете претставуваат моќен визуелен поттик за редефинирање на документарноста во време на новата комуникација.
2 \ Ponte City 2008-2014, Mikhael Subotzky & Patrick Waterhouse, Steidl, 2014
На Unlimited во склоп на Art Basel 2018, беше поставена фотографска инсталација со архивски материјал Ponte City 2008-2014 на Михаел Суботски и Патрик Вотерхаус. Ponte City, 54-катницата во Јоханесбург, го поттикнала интересот на Суботски и Вотерхаус да ги истражуваат нејзините визуелни, архитектонски и социјални функции. Изградена за богатите белци во пикот на апартхејдот во 70-тите години, деценија подоцна, оваа зграда станува симбол на градското пропаѓање. Радикалните промени во Јоханесбург, довеле до промена на структурата на жителите, па богатите жители се иселиле во предградијата, а во Понте се населиле мигранти од руралните делови на Јужна Африка, како и имигранти од целиот континент. Авторите на книгата, во опсег од 6 години, постојано ја документирале зградата, запознавајќи се притоа и со нејзините жители, нивните секојдневни навики и живот, а собрале и голема архива на документи, предмети и фотографии. Ги фотографирале секојдневните активности на жителите, како и напуштените станови, врати, прозорци, домашни предмети. Со ова, книгата станува комплексна нарација за општествената историја на Јоханесбург, поставувајќи врски помеѓу зградата, идеологијата и човековото движење. Инсталацијата, пак, содржи најдени документи, лични предмети и фотографии во становите на зградата, како и фотографии од жителите и од визуелните призори направени од авторите, а материјалот е распореден на ѕидот како на табла од детективска канцеларија. Визуелноста на пожолтените документи со дупки и превиткувања, скинати фотографии, напуштените предмети од минатото и интуитивните поврзувања меѓу нив создаваат сосема поинаква, поетична слика и впечаток во галерискиот простор.
Михаел Суботски и Патрик Вотерхаус, Ponte City 2008-2014, фотографска инсталација со архивски материјал
3\ A Hundred Times Nguyen, Alfredo Jaar, Moderna Museet, 1994
Во 1991 Алфредо Џар посетувал прифатни центри за виетнамски бегалци баратели на азил во Хонг Конг. Во еден од тие центри го сретнал девојчето Нгуен и со нејзина дозвола направил серија на фотографии со разлика од неколку секунди. Книгата, која во 1994 била создадена од овие фотографии, содржи 24 секции од по четири фотографии од Нгуен со минимални промени во движењето на главата, кои се поставени една после друга, во сите можни редоследи. Овој проект е реализиран во неколку медиуми. Првичните фотографии, се испечатени во книга, снимено е и видео. Па така, инсталацијата на Unlimited 2018 на која се прикажани фотографските секвенци, книгата и видеото, како во мемориски храм, ни го претставува документот од тој ден, едно движење на Нгуен и тие неколку секунди од 1991. Запрената импресија и емотивниот момент од сеќавањето на Џар, се реализираат во поетичен наратив, кој го зграпчува минливниот момент и ги тера гледачите да ја доживеат емоцијата и да го запомнат ликот на Нгуен.
Unlimited 2018, Art Basel
Следејќи ги овие примери на изложените дела, инсталации и слични проекти кои допираат до формата на книгата, на курираната изложба Unlimited во склоп на Art Basel 2018, продукцијата и ставот на изложувачите на I never read 2018, како и иновативните фотографски книги изложени на Photo Basel 2018, може да се заклучи дека, од една страна, книгата може да биде идеја од која се развива цела мултимедијална продукција на делото, а од друга, дека самото истражување за делото, документирањето на визуелен, текстуален, архивски материјал и неговото курирање многу флуидно се движи низ различните простори: книга-галерија-инсталација-перформанс-видео. Сред целиот наплив од информации и новости во светот на уметноста, кои ја ставаат во корелација со науката, пазарот, историјата, политиката, се пронаоѓа овој затскриен простор на творештвото, во кој уметниците создаваат цел повеќеслоен медиумски свет околу идејата на своето дело. Делото изрипува од страницата. Сами по себе, овие дела не стануваат помоќни, не зрачат со поголема искреност, ниту пак имаат поголема вредност, но претставуваат дела-искуства, кои остануваат исто толку флуидни, свежи и зачудувачки и во приемот, сеќавањето и размислувањето за нив.