Улис: место на средба помеѓу Џојс и Матис
Автор: Ива Димовска
Објавено на: 05.04.2019
Делата на Џејмс Џојс и неговите техники на пишување често се споредувани со делата на визуелните уметници, особено со сликарите од модерната. Во книга посветена на создавањето и развојот на Улис како роман, пријателот на Џојс, англискиот сликар и писател Френк Баџен го споредува пишувањето на Џојс, и уште повеќе делото што се создава, со импресионистичка слика: „Целиот овој сложен корпус на материјал (ликовите, нивните мисли и дејствија, моја забелешка) од Џојс се претставени како кога импресионистички сликар би доловил поглед преку река - трските во предниот план, патеката и грмушките, самата вода, одразите на сонцето и на спротивниот брег (врв на камбанарија, покриви и дрвја), бродовите и лебедите на површината, гратчето и нагорната крива на брегот отспротива и сонцето над сето тоа“ (“James Joyce and the Making of Ulysses”, Frank Budgen, 92). Малку понатаму, тој додава дека наративната техника на Џојс може лесно да се опише како „фотографско претставување на тек на свест“ што е слично со импресионистичкото сликарство: „сенките се полни со боја; целината се гради со тонирање, наместо со полни боени површини; нештата се чинат како претопени со светликава течност; бојата ја обликува формата, а до крајниот резултат се стигнува преку безбројни мали потези“ (93).
Ексклузивното, лимитирано издание на Улис, илустрирано од францускиот сликар Анри Матис е можеби најпознатиот пример за позицијата на визуелното во делото на Џојс. Во 1935 година, американскиот издавач Џорџ Мејси му понудил на Матис 5.000 долари за да создаде толку гравури колку што тој буџет ќе дозволи, кои ќе бидат наменети за посебно илустрирано издание на Улис за претплатниците на американскиот Limited-Edition клуб. Ова издание било објавено во 1.500 примероци, секој од нив потпишан од Матис, а 250 потпишани и од Џојс.
Изгледа дека Џојс бил возбуден што познат уметник како Матис ќе го илустрира Улис и се потрудил тој да има што поточна слика за романот. Ричард Елман, биографот на Џојс, пишува дека Џојс, знаејќи дека Матис се согласил да го илустрира Улис за ова специјално американско издание, сакал да се увери дека Матис има увид во Даблин и ирската култура пред да се зафати со оваа работа. Затоа, му пишал на Томас В. Пју, негов ирски познаник - и образован даблинец - барајќи од него да му помогне да најде некој илустриран неделник објавен во Даблин за 1904-тата (“James Joyce”, Richard Ellmann, 675).
Во писмо напишано во летото 1934 година, Џојс му пишува на Пју: „Покрај регуларното американско издание, пред Божиќ ќе биде објавено и édition de luxe со предговор од некој писател и серија од 30 илустрации од францускиот сликар Анри Матис. Во моментот тој се наоѓа во јужна Франција и работи на нив. Го знае францускиот превод многу добро, но никогаш не бил во Ирска. Претпоставувам дека ќе ги прави само човчките фигури, но дури и за тоа, најверојатно, ќе му требаат насоки“ (Letters of James Joyce, Volume III, edited by Richard Ellmann, 313). Потоа го прашува Пју дали знае некој илустриран неделник, како што Елман споменува во неговата биографија, кој може да му го покаже на Матис.
Напорите на Џојс да најде соодветен визуелен материјал за Матис, веројатно, најјасно ја покажуваат неговата потреба, Матис (па и светот) да го третира Улис соодветно, а не толку големата желба да му помогне на сликарот. Но, тие, исто така, откриваат и колку значајно место зазема Даблин во Улис. Една од најцитираните изјави на Џојс вели: „Сакам да создадам толку целосна слика на Даблин што, ако градот наеднаш еден ден исчезне од земјата, да може да се реконструира преку мојата книга“. Иронично, Џојс оваа своја желба му ја споменал на Френк Баџен во разговор, додека се шетале по Университетштрасе во Цирих, каде Џојс живеел за време на Втората светска војна (види: “James Joyce and the Making of Ulysses”, Frank Budgen, 69).
Матис испратил шест цртежи кои немале многу од Даблин во себе. Илустрациите се базирани на шест епизоди од Хомеровата Одисеја: „Калипсо“, „Еол“, „Киклопи“, „Невсикáја“, „Кирка“ и „Итака“. Општо е прифатено дека Матис не му обрнал многу внимание на романот на Џојс и ги базирал своите цртежи на Хомеровата Одисеја, знаејќи единствено дека и Улис на Џојс бил базиран на стариот Грчки јунак Одисеј (Улис во римската митологија). Популарноста на ова толкување, веројатно, доаѓа од Елман кој го опишува креативниот процес на Матис, а со тоа и крајот на соработката помеѓу Џојс и Матис, на следниот начин: „Матис, откако кратко се консултирал со Јуџин Јолас (пријател на Џојс, моја забелешка), тргнал во сопствена насока, во тоа доцно лето и рана есен во 1934 година; на прашањето зошто неговите цртежи имаат толку малку врска со книгата, тој искрено одговорил ‘Je ne l’ai pas lu’ (‘Ја немам прочитано’, моја забелешка). Ги базирал на Одисејата“ (675).
Знаејќи го ова, Џојс не реагирал особено добро на илустрациите на Матис. Во меѓувреме, неговата ќерка Лучија Џојс, која била танчерка и уметник, почнала да дизајнира големи иницијали (lettrines) кои Џојс сакал да ги користи за книга поезија, но за жал не успеал да го направи тоа без мака. Речиси една година по писмото кое му го испратил на Пју, барајќи помош за ирските материјали, во пролетта 1935 година, Џојс ѝ пишал на Хариет Шо Вивер, една од неговите најголеми литературни поддржувачи: „Во врска со илустрациите за американското издание, тие се твои за сега и секогаш. Амин. Да беа потпишани со Л.Џ. (Лучија Џојс, моја забелешка) наместо со А.М. (Анри Матис, моја забелешка) луѓето ќе пееја поинаква песна. Јас единствено, дури и премногу болно, сум свесен дека Лучија нема иднина, но тоа не ме спречува да ја видам разликата помеѓу тоа што е убаво и обликувано и тоа што е грдо и безлично. Како и секогаш јас сум малцинство од еден“ (Letters of James Joyce, Vol. I, edited by Stuart Gilbert, 365). Значи, реакцијата на Џојс кон илустрациите за Улис на Матис, се чини била под влијание и на потешкотиите со кои се соочувала Лучија Џојс во обидите да ги објави своите дизајни.
Без разлика на сето тоа, Улис илустриран од Матис бил објавен. Лимитираното издание бил голем и привлечен том, укоричен во „еднобојно кафено платно“ со еден од дизајните на Матис втиснат со златна боја на корицата. На бакрописите на Матис, кои ги илустрираат шесте епизоди, им претходат од две до пет студии во молив, кои, по одлука на Мејси, Матис ги испратил заедно со финалните гравури. Бакрописите на цела страница се лоцирани на различни места во поглавјата кои ги илустрираат, а веднаш пред нив се поставени студиите, репродуцирани на жолта и сина тенка хартија со разлини димензии (види: “Joyce and Matisse Bound: Modernist Aesthetics in the Limited Editions Club ‘Ulysses’”, Knapp 1061). Предговорот е напишан од Стјуард Гилберт, еден од париските пријатели на Џојс и автор на “James Joyce’s Ulysses: A Study” (1930), една од најзначајните рани студии за Улис.
Во есеј кој се занимава со модернистичката естетика, која им е заедничка на Матис и Џојс, Џејмс А. Кнап искажува поинаков став во врска со оваа „соработка“. Тој тврди дека неколкуте писма кои Пол Леон (друг пријател на Џојс) му ги пратил на издавачот на изданието, Мејси, посочуваат дека Џојс бил активно вклучен во планирањето на изданието и изразил интерес за уметничката вредност на илустрациите на Матис. Наводно, Џојс го дискутирал изданието во телефонски разговор со Матис во август 1934 година. А и во 1936 година, дури и по писмото кое Џојс го испратил до Вивер, Леон го уверил Мејси дека интересот на Џојс да поседува копии од изданието е доказ дека му се допаднало (види: Knapp 1056-57).
Дури и ако Матис го немал прочитано романот, сигурно дека му бил познат експерименталниот стил и техника; а намерна била и неговата одлука цртежите да бидат базирани на Одисејата, тврди Кнап. „Која и да е причината, вербата на Џојс во одлуката на Матис да ги базира гравурите на Хомеровата Одисеја, би требало да се гледа како форма на соработка, потврда од Џојс дека Улис допира до естетска традиција на која може да ѝ се пристапи од повеќе од еден агол“ (Knapp 1057). Шари Бенсток предлага слична интерпретација, сметајќи дека Џојс и Матис имаат сличен пристап кон предметот на претставување: додека присуството на Одисејата во Улис на Џојс (кој се случува еден ден во Даблин од 1904 година) е суптилна, па дури и пародизирана, илустрациите на Матис немаат никаква сличност со традиционалните грчки форми, ниту пак се слични со традиционалните претстави на епизодите кои треба да ги насликаат. Таа пишува: „Џојс и Матис, изненадувачки, се истомисленици во уметничката намера […] Нив ги поврзува заедничкиот став во уметничкиот пристап - длабоко модернистички во визијата: методот во нивната уметност носи превласт на техниката над сѐ останато; во стилските компоненти, а особено во експериментирањето со техничките форми, овој метод се поставува над тематската материја“ (Shari Benstock, “The Double Image of Modernism: Matisse’s Etchings for Ulysses”, 455). Така, Матис и Џојс, во своите дела имаат сличен однос кон Хомер. Матис со својата одлука да ги базира цртежите на Хомер, а не да ги претстави во традиционалната грчка форма како да изразува почит и на пристапот на Џојс кон Одисејата.
Џојс и Матис, иако независно еден од друг, имаат сличен став кон традицијата од која поаѓаат и која ја трансформираат. И двајцата ѝ припаѓаат на пошироката група на уметници и писатели кои ги создадоа своите дела во периодот што денеска го знаеме како „модернизам“. Модернизмот, најголемото движење во Западната литература и уметност од првата половина на 20-тиот век, често се смета за период во кој најголем дел од дејностите на јавниот живот претрпуваат револуционерна промена. Тоа што ние сега го сметаме за модернизам (во периодот од 1890-тите до 1930-тите) е обележано со „општо ширење на општествена алиенација, подем на психоаналитичкото движење, дезориентација предизвикана од шокот на Големата војна и зголемено експериментирање во речиси сите современи уметнички движења“ (Denis Brown, “The Modernist Self in Twentieth-Century English Literature”, 1). Додека Улис на Џојс иронично ја реинтерпретира Одисејата, преку фрагментирана нарација,раскршување на субјективноста, цртежите на Матис, со нивните едноставни и експериментални форми, се дистанцираат од реалистичното сликарство. Изведени во две различни полиња на уметноста, нивните дела се обележени од некои од најважните модернистички карактеристики: нагли прекини со традиционалните начини на рапрезентација на светот и човековата интеракција, експериментални наративи, испрекинат јазик, сексуална амбивалентност, фрагментиран субјект.
Илустрираното издание на Улис од 1935 година е извонреден пример за дело кое ги обединува овие модернистички обележја во наративниот и во визуелниот регистар, како и за неверојатната (иако неуспешна) соработка помеѓу писател и сликар кои заземаат значајна позиција во своите полиња. И двајцата биле водени од желбата да го контролираат делото кое го создавале и имале сличен модернистички пристап кон содржината која ја претставувале. Иако како целна група има ограничена публика, ова издание на Улис насочило поголемо внимание кон Џојс и кон романот, особено во американскиот контекст. Неговиот уредник, Џорџ Мејси - кој самиот ја конципирал и обликувал книгата - секако одиграл особено значајна улога во овој процес, маневрирајќи помеѓу тешката комуникација помеѓу Џојс и Матис и наоѓајќи соодветна публика за лимитираното издание на контроверзна книга како Улис. Каква и да е приказната за реакцијата на Џојс на изданието илустрирано од Матис или пак за нивниот личен однос, ова издание, во најмала рака, е навистина редок пример на убаво дело на модернистичката уметност, и визуелно и наративно.
\\\
Ива Димовска е докторантка на Централно Европскиот универзитет
Фотографии од Ива Димовска, со дозвола од Фондацијата Џејмс Џојс - Цирих
Илустрации во книгата: © Succession H. Matisse
\\\
Од истиот автор:
Улис: издавачки белешки - ЛИНК