Улис: издавачки белешки
Автор: Ива Димовска
Објавено на: 13.12.2018
* Џејмс Џојс
Улис на Џејмс Џојс, често опишуван како еден од највлијателните романи на 20-тиот век и едно од најбитните дела на модернистичката литература, се фокусира на еден ден - 16 јуни 1904 - во животот на Леополд Блум, средовечен Евреин кој живее во Даблин. Романот поставува серија на паралели помеѓу ликовите и настаните со оние од Хомеровата Одисеја (Блум е Одисеј, Стивен Дедалус, млад маж познаник на Блум, ја толкува улогата на Телемах, а Моли Блум, жената на Леополд, е Пенелопа) и е составен од осум епизоди, секоја од нив именувана според епизода од Одисејата: првата епизода е позната како Телемах, втората Нестор, третата Протеј, четвртата Калипса и така натаму: Лотус, Летофаги, Ад, Еол, Лајстригонците, Сцила и Харибда, Заскитани спили, Сирени, Киклопи, Невсикáја, Говедата на Сонцето, Кирка, Евмај, Итака и Пенелопа.
Издавачката историја на Улис сама по себе е еден вид на одисеја, исполнета со маки и многубројни пречки на повеќе фронтови и една крајна пирова победа. Во првите две декади од своето постоење, овој модернистички роман бил синоним за неморалност, непристојност и вулгарност, со што неговото издавање станало екстремно тешко.
Џојс започнал да го пишува Улис во 1914, а веќе во 1918 му праќал транскрибирани поглавја на Езра Паунд за во продолженија да ги објави во американското списание The Little Review, објавувано во Чикаго. Имајќи се соочено со многу уплашени и претпазливи издавачи и печатари, кога се обидувал да ги објави своите кратки раскази Даблинци во Ирска, Џојс знаел колку ќе биде тешко да се објави уште поконтроверзна книга како Улис. Во првата половина на 20-тиот век, литературната и културната цензура, како во Велика Британија, така и во Америка, била секојдневие, па издавачите и печатарите „се плашеле дека ќе бидат обвинети за клевета преку печатен збор, што се сметало за јавна клевета која цели да предизвика зли последици во општеството кога станува збор за богохулење, вулгарност и бунт“ (Carmelo Medina Casado, “Legal Prudery: The Case of Ulysses”, 90). Поедноставно кажано, какво било претставување на нешто што е осудено како „непристојно“ или „вулгарно“, вклучувајќи дефецирање, мастурбација, сексуални активност, интоксикација, дури и породување или менструација (сите овие детално опишани во Улис) можело да доведе до обвинение и судски процес за вулгарност.
Свесен за очајната ситуација, Џојс продолжил да испраќа поглавја (или епизоди, како што ги нарекувал) за објава во списанието, со надеж, од една страна, дека ќе избегне обвиненија, а од друга, дека ќе го привлече вниманието на јавноста преку оваа многу специфична форма на објавување на романи, особено популарна на крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. Во меѓувреме тој исто така работел и на романот, кој сѐ уште не бил завршен и кој постојано го ревидирал, преправајќи и преуредувајќи делови коишто веќе биле готови и испечатени во списанијата, процес кој продолжил во текот на целиот негов живот, а кој ги доведувал до очај неговите дактилографи, печатари и издавачи.
** Маргарет Андрерсон, основачка на The Little Review; десно: Насловната на The Little Review во кој била објавена првата епизода од Улис
Во септември 1920 година, бил издаден налог против издавачите на The Little Review, Маргарет Андерсон и Џејн Хип. Оваа прва правна битка за Улис настанала како резултат на жалба до јавниот обвинител на Њујорк, од страна на виден њујоршки адвокат, чија ќерка го добила бројот на The Little Review со епизодата „Невсикáја“, во која Леополд Блум мастурбира на плажа додека гледа млада девојка. Прелиминарното сослушување било на 21 октомври 1920, а судењето почнало четири месеци подоцна, на 14 февруари 1921. Само една недела откако почнало судењето, на 21 февруари, судот донел обвинителна пресуда за двете уреднички за објавување вулгарни содржини. Двете биле казнети со парична казна од 50 долари и било забрането понатамошно објавување на продолженија од Улис во The Little Review (Carmelo Medina Casado, “Legal Prudery: The Case of Ulysses”, 91-92; Joseph M. Hassett, “Literature Meets Law in Court: The Trials of Ulysses”, 213-228 во Johnathan Goldman, ed. “Joyce and the Law”).
Во Британија, немало судење против Улис, но резултатите биле слични: никој не сакал да ги објави делата на Џојс плашејќи се од правно гонење. Но, во Лондон, Хариет Шо Вивер, уредничка на книжевното списание The Egoist и посветена поддржувачка на Џојс низ текот на неговиот живот, објавила пет продолженија, од јануари до декември 1919, кои содржеле три цели епизоди од Улис: „Нестор“, „Протеј“, „Ад“, како и почетокот од „Заскитани спили“. Вивер, со одобрување од Џојс, се обидела да го објави Улис и во книжна форма. Во пролетта 1918 година, таа ги посетила Вирџинија и Ленард Вулф, кои имале своја издавачка куќа, Хогарт прес, и им го понудила ракописот за издавање. Вирџинија Вулф имала прилично двосмислен став кон делата на Џојс, а особено кон Улис, и покрај тоа што го следела во неговото првично објавување во The Little Review во 1918, фаќајќи белешки за неговите техники и споредувајќи го неговото дело со текстовите на други модернистички писатели. Таа сметала дека објавувањето на книга со таа должина би било ризичен чекор за мала печатница како Хогарт, со оглед на тоа што Вирџинија и Ленард Вулф биле единствените вработени во тоа време, а книгите ги печателе сами на рачна преса. Вирџинија Вулф, исто така, била загрижена дека Ленард тешко би нашол печатар кој би бил подготвен да сноси одговорност во случај на обвинение за вулгарност. На крајот, не бил постигнат договор и Вирџинија и Ленард Вулф ја одбиле понудата на Хариет Шо Вивер (Hermine Lee, “Virginia Woolf”, 439-440).
На овој начин, со крајот на американското судење, Улис бил практично забранет во речиси сите земји од англиско јазично подрачје. Во следните години, царинските служби на овие земји активно го конфискувале и уништувале романот на Џојс, состојба која го натерала Џојс драматично да изјави дека ја заслужува Нобеловата награда за мир (Paul Vanderham, “James Joyce and Censorship”, 4). За негова среќа, една храбра, млада, квир издавачка одлучила да ризикува со Улис. Во 1920, Џојс и неговото семејсто се преселило од Трст во Париз, каде тој се сретнал со Силвија Бич, основачка на култната париска книжарница Shakespeare and Company, која во тоа време била збирно место на американската и британската емигрантска авторска заедница. Во нејзините мемоари Shakespeare and Company од 1959, Бич ја опишува „целосната обесхрабреност“ на Џојс откако The Little Review прекинал со објавите: „Секоја надеж за објавување во земјите од англиско јазично подрачје беше загубена, барем во наредните години. И тука, во мојата мала книжарница седеше Џејмс Џојс, длабоко воздивнувајќи. Си помислив дека нешто може да се направи, па го прашав: ‘Дали би дозволиле Shakespeare and Company да ја има честа да го издаде вашиот Улис?’ Тој веднаш и радосно ја прифати мојата понуда. Помислив колку брзоплето од негова страна да го довери својот голем Улис на така смешен мал издавач. Но, чинам, беше пресреќен, како и јас (...) И покрај недостигот на средства, искуство и на сите други квалификации на еден издавач, се впуштив во работата со Улис“ (57). Силвија Бич потоа нашла француски печатар, Морис Дарантие, кој се сложил да ја испечати книгата за процент од продажбата. Тие предвиделе прво издание од 1000 копии (од кои, 100 потпишани од авторот).
*** Прво издание на Улис, Shakespeare and Company, 1922. Лево: Корица на изданието; десно: Првата страница со потпис на Џојс
И покрај тоа што Џојс конечно нашол издавач и печатар со желба да го издадат романот, крајот не бил на повидок: самиот процес на печатење на книгата бил, исто така, комплициран. Предизвик било дури и да се најдат дактилографи кои, од ракописите на Џојс, би направиле употреблив транскрипт. Креативниот процес на Џојс се состоел од постојани преправки и дополнувања (често изведувани во последниот момент) па нивното транскрибирање понекогаш било невозможно. Дополнително, неговиот невообичаен јазик и, за многумина, потенцијално навредливата и тешко разбирлива содржина им задавала уште повеќе мака на дактилографите. Во нејзините мемоари, Силвија Бич раскажува анегдота како печатењето било одложено бидејќи не можело да се најде ниеден дактилограф кој би го завршил поглавјето „Кирка“. „Џојс некое време залудно се обидуваше да најде некој што ќе ја искуца ова епизода. Девет дактилографи потфрлиле во обидот. Осмата од нив, како што ми кажа Џојс, во очај се заканувала дека ќе се фрли низ прозор. А, пак, деветтата му заѕвонила на врата, и кога ѝ отвориле, ги фрлила на под страниците што ги сработила, па истрчала низ улицата и исчезнала засекогаш. ‘Да ми ги кажеше името и адресата, барем можев да ѝ платам за нејзината работа’, рече Џојс“ (Sylvia Beach, “Shakespeare and Company”, 73). Тешко било да се најде и вистинската хартија за корицата на книгата. Џојс сакал корицата да биде сино-бела и да потсетува на грчкото знаме, но Бич и Дарантие не можеле да најдат хартија во нијансата на сино, која Џојс ќе ја одобри. Конечно, печатарот ја нашол вистинската сина во Германија и литографски ја отпечатил на бел картон за да се изведе корицата (види Megan Mulder, “Rare Book of the Month: Ulysses by James Joyce (1922), ZSR Library).
Бич се надевала дека ќе го објави првото издание на Улис до есента 1921, но многуте пречки во процесот на печатење го одложиле проектот за повеќе од една година. Улис, во книжна форма, конечно бил објавен на 2 февруари 1922, токму на 40-тиот роденден на Џојс, факт за кој тој бил многу среќен.
Истовремено, Хариет Шо Вивер била одлучна да го објави првото британско издание на Улис, па по основањето на Егоист Прес во 1920 година, успела да испечати две илјади нумерирани копии во 1922. Објавено од Џон Родкер, париски соработник на Хариет Шо Вивер, ова издание, исто така, било испечатено од Дарантие во Дижон, Франција, користејќи ги истите печатарски плочи како и изданието на Бич, а било промовирано во Париз на 12 октомври 1922. Британското издание, речиси, веднаш се соочило со цензура и повеќето копии наменети за британскиот пазар биле конфискувани од страна на властите. За среќа, овие потези на цензура, како и британската и американската забрана, го привлекле вниманието кон романот на Џојс, кој од ден на ден станувал сѐ попопуларен. Копиите од книгата брзо се продавале во книжарницата Shakespeare and Company во Париз, со што изданието на Бич било целосно распродадено до летото 1922. Книгата на Џојс била популарен сувенир за американските и англиските посетители на Париз во 20-тите. Сепак, доставата на книги до многуте британски и американски претплатници била поголем предизвик, со оглед на тоа што поштенската дистрибуција на книгата во двете земји била забранета. Но, секогаш снаодливата Силвија Бич нашла начини како да ја заобиколи официјалната цензура. Во еден момент побарала помош од Ернест Хемингвеј, кој регрутирал пријател од Торонто (книгата во тој момент не била забранета во Канада). Пратка книги за американските претплатници била испратена до пријателот на Хемингвеј, кој потоа, секој ден се качувал на траектот од Торонто со „копија од Улис скриена во неговите панталони“ (Beach, 96).
**** Силвија Бич пред Shakespeare and Company; десно: Силвија Бич со Џејмс Џојс
И, сепак, патешествијата околу објавувањето на Улис биле далеку од завршени. По неочекуваниот успех и популарност на романот, еден американски издавач, Самуел Рот започнал со објавување на пиратско издание на Улис во неговото списание Two Worlds Monthly. Од јули 1926 до октомври 1927, испечатил 12 продолженија. Американските адвокати на Џојс покренале правна постапка тврдејќи дека името на Џејмс Џојс било искористено без негово одобрение; но, со оглед на тоа дека Улис правно била забранета книга, адвокатите не можеле да ја засноваат својата тужба на законот за авторско право. Правниот процес се одржал на 27 декември 1928, во Врховниот суд на државата Њујорк, забранувајќи понатамошно објавување на Улис (Carmelo Medina Casado, “Legal Prudery: The Case of Ulysses”, 93).
Неможејќи правно да го запре објавувањето на неавторизираното издание на Рот, Бич ги преземала работите во свои раце и се свртела за помош кон интернационалната литературна заедница. Составила протестна петиција со помош на пријател адвокат и почнала да собира потписи од значајни личности, надевајќи се дека ќе го поттикне судот да застане во одбрана на уметничкиот интегритет. Таа поканила дел од тогашните највлијателни писатели, критичари и преведувачи да дојдат во Shakespeare and Company и да го потпишат писмото, кое оттаму било испратено низ цела Европа. Сто шеесет и седум видни писатели и научници го потпишале текстот, меѓу нив Алберт Анјштајн, Д. Х. Лоренс, Вирџинија Вулф, Вилијам Батлер Јејтс, Ернест Хемингвеј, Бернард Расел, Т. С. Елиот, Х. Џ. Велс, Шервуд Андерсон, В. Сомерсет Магам, Е. М. Форстер, Х. Д. и Андре Жид. „Се чувствувам особено почестен од потписот на Ајнштајн, даден толку брзо и лесно“, Џојс му пишал на свој пријател. Писмото било објавено во Париз на 2 февруари - на 45-тиот роденден на Џојс, точно пет години откако Бич го објавила Улис - и било реобјавено од The New York Times на 27 февруари (види Maria Popova, “Sylvia Beach and the World’s First International Writers’ Protest”, Brainpickings).
Во август 1932, се одржал нов и одлучувачки процес за отстранување на забраната на Улис во Америка. Ова судење го предизвикала издавачката куќа Рандом Хаус со тоа што увезла копија од Улис, која била запленета од страна на царинските власти. Копијата, која стигнала во Њујорк во мај 1932, вклучувала и рецензии на Улис вметнати во неа со цел да се користат како доказ за одбрана на нејзината литературна важност. Како што било предвидено, Рандом Хаус приговорила против заплената, и случајот против Улис бил повторно отворен, а крајната одлука била обзнанета на крајот на 1933, речиси две години подоцна. Овој пат судот одлучил во корист на Улис, што е историски момент против цензурата, а во интерес на слободата на говорот, значаен не само за Америка, туку и за западните демократии, воопшто. Одлуката на судот, често цитирана во изданијата на Улис, гласи дека „читањето на Улис во целост (...) нема намера да предизвика сексуални импулси ниту ласцивни мисли, туку дека неговиот краен резултат (...) е еден речиси трагичен и особено моќен коментар за интимните животи на мажите и жените“ (цитирано во Carmelo Medina Casado, “Legal Prudery: The Case of Ulysses”, 96). Случајот против Улис во американските судови завршил со оваа одлука, со што Улис дефинитивно бил прифатен во Америка. Оваа одлука, со тек на време, била следена и од другите земји од англиско јазично подрачје - Ирска во 1934, Англија во 1936, Австралија во 1937 (забраната била обновена во 1941) и Канада во 1949.
Џејмс Џојс го напишал Улис за осум години, но го поминал поголемиот дел од неговиот живот борејќи се да го објави во книжна форма. Како и сите (добри) книги, Улис ги надминува намерите и очекувањата на Џојс, станувајќи, можеби, неочекуван симбол на пошироката борба против цензурата, ограниченоста и застареноста. Необичниот случај на Улис и на историјата на неговото објавување означува дефинитивна промена, не само во рецепцијата и издавањето на (модернистичката) литература, туку и во секогаш променливата позиција на издавачите и нивната улога во јавноста. Неговата измачувачка, а, сепак, фасцинантна одисеја: од книга која практично не може да се објави, до еден од канонските романи во историјата на западната литература, ги осветлува сложените процеси и мрежи преку кои текстот се создава и од кои претставува дел.
Не би било чудно да се каже дека со овој роман Џејмс Џојс ја преформулирал употребата на јазикот, го преосмислил заплетот како книжевно средство и го трансформирал романот како жанр. Но без неговите целосно посветени поддржувачи како Хариет Шо Вивер, која ја препознала огромната книжевна вредност на Улис; без храбрата Силвија Бич, која ја забележала општествената, културната и интелектуалната важност на Улис; дури и без немилосрдноста на бизнисменот Самуел Рот, чии активности глобално го популаризирале романот, Улис никогаш не би постоел, ниту пак би успеал да го трансформира книжевниот свет. Улис јасно покажува дека текстовите се зависни не само едни од други, туку и од заедниците кои ги создаваат, преправаат, печатат, уредуваат, објавуваат, реобјавуваат, во обидот да ги зачуваат, модифицираат, понекогаш трансформираат, и на таков начин, неизбежно, ги одржуваат во живот.
\\\
Ива Димовска е докторантка на Централно Европскиот универзитет
Линкови до фотографии:
* Џејмс Џојс
** Маргарет Андерсон и насловната на The Little Review
*** Корица на првото издание на Улис и првата страница на изданието
**** Силвија Бич и Џејмс Џојс пред Shakespeare and Company