Курирање на знаењето: Проектот на Везалиус
Автор: Илија Прокопиев
Објавено на: 28.01.2019
На насловната страница од анатомскиот атлас De humani corporis fabrica (За структурата на човечкото тело) на фламанскиот ренесансен анатом Андреас Везалиус (1514-1564) е илустриран час по анатомија. Прикажан е Везалиус опкружен со голем број луѓе, сместен во имагинарен архитектонски амбиент во стилот на Паладио, застанат веднаш до маса на која се наоѓа кадавер со отворена утроба. Во предниот дел на илустрацијата, во непосредна близина на Везалиус, се преставени античките татковци на медицината Хипократ, Аристотел и Гален, илустрирани се и животни (мајмун и куче) кои го симболизираат стариот начин на изучување на анатомијата со сецирање на животни, додека пак централно е поставен приказ на скелетот, кој според учењето на Везалиус и зазема централно место во изучувањето на оваа медицинска дисциплина. Но тоа што го задржува вниманието е атмосферата која ја создава оваа илустрација. Тогашните театри за анатомска дисекција, кои биле направени од дрвени конструкции (со не многу голем капацитет) и биле сместени надвор од зградите на универзитетите, веројатно, многу лесно се преполнувале. Згмечени ренесансни студенти по медицина со надвиснати глави и торза преку дрвените клупи кои се обидувале да погледнат во расечената утроба на кадаверот легнат на масата за сецирање, била, веројатно, вообичаената атмосфера на предавањата на Везалиус на Универзитетот во Падова, Италија. Не сите студенти можеле да го слушнат говорот на професорот, а многу од нив и не успевале ниту да пристапат до некое место од кое би можеле да видат, па го напуштале предавањето. Интересот несомнено бил огромен. Тоа било време кога практикувањето на дисекцијата на човекови тела за целите на медицината било многу ново и контролирано право. Академската и повластена позиција на Везалиус му го дозволувала тоа право, кое ги предизвикувало авторитетите од антиката и ги потпомогнало прогресивните и реформаторски процеси во медицината. Така Везалиус станува најголемиот критичар на Гален, идентификувајќи голем број грешки во неговите анатомски описи кои биле базирани на сецирање и опсервација на животни.
Насловната страна на De humani corporis fabrica (црвените ознаки се од авторот)
Оттука, препознавајќи ги можностите на новото време, Везалиус го започнува од почеток изучувањето на човековата анатомија. Неговото стекнато искуство укажувало на опасноста од повторување на старите медицински знаења без нивно преиспитување. Според него, тоа водело до циркуларно повторување на грешките, кое единствено можело да се промени ако човековата анатомија методолошки се изучува преку директната опсервација. Овој нов метод на работа го сменил целиот курс на сфаќање и знаење на човековото тело и довел до реорганизација на медицинската едукација. За таа цел Везалиус го создал првиот модерен анатомски атлас, каде тој го сумирал исходот од новиот научен пристап и го направил достапен не само за истражувачите на човековото тело, туку и за сите оние надвор од универзитетските предавални. Со објавувањето на атласот De humani corporis fabrica Везалиус го надминал секој претходен обид за создавање слично дело во медицината и во уметноста, заслужувајќи ја позицијата како реформатор во историјата на медицината и медицинската илустрација. Со Везалиус, за првпат во модерната историја на медицината точно биле прикажани правците на вените, анатомијата на срцето, надворешното и средното уво, медијастинумот, мезентеријумот, форниксот во мозокот, бутната коска (фемур), надлакотната коска (хумерус), градната коска (стернум), крсната коска (сакрум) и горно-виличните коски (максилите), аритеноидните ’рскавици во ларинксот, менискусот и жолтите тела на јајниците.
De humani corporis fabrica е модерно структуриран медицински атлас, инвентивен во дизајнирањето на образецот на страниците, структурирањето на текстот и илустрациите. Атласот е испечатен во 1543 година во Базел од страна на издавачот и печатар Јоханес Опоринус. Во тој период Базел ги надминал сите печатарски центри низ Европа, особено го земал приматот пред Венеција, со голем број на врвни печатници кои го усовршувале печатењето на книгите. Тука биле сместени издаваштвата и печатниците на Јохан Фробен, Адам Петри, Андреас Кратандер, а уметници како Холбајн и Урс Граф се наведуваат како важен дел од приказната за печатарството и графиката во овој град. Печатницата на Опоринус, и покрај тоа што била мала, ја уживала својата влијателност поради застапувањето на прогресивни и инвентивни пристапи не само во изборот на книгите, туку и во дизајнирањето. Како пример може да се наведе дека во печатницата на Опоринус за првпат бил испечатен Куранот на латински јазик, уреден од швајцарскиот ориенталист и протестански реформатор, Теодор Библиандер, за што Опоринус платил со затворска казна. Исто така, Опоринус го напуштил општо прифатениот фонт (Heavy Roman Тype) и го заменил со многу поделикатни фонтови кои овозможувале покомпактна распределба на текстот на страницата. Но покрај овие аспекти Опоринус исполнувал дополнителни лични предности кои биле клучни за Везалиус да го избере за свој печатар пред сите останати. Пред да ја започне својата издавачка и печатарска работа, Опоринус своето школување и кариера ги започнал како студент по медицина под менторство на Парацелзус, а подоцна продолжил во академските кругови како професор по латински, а потоа и грчки јазик. Овие дополнителни квалитети го осигурале Везалиус дека Опоринус ќе произведе безгрешно издание на De humani corporis fabrica, имајќи предвид дека Опоринус имал познавање од медицина, но и познавање од латински и грчки јазик, двата клучни јазика застапени во атласот. Така што единствената грижа на Везалиус била успешноста на печатот на илустрациите, каде тој го вложил и најголемото внимание.
Внатрешни страници од De humani corporis fabrica
Заедно со печатарските плочи, Везалиус му испратил на Опоринус и пропратно писмо каде го објаснува дизајнот и своите намери, а истовремено на суптилен начин, преку наведени лоши печатарски примери од книги, му посочува дека печатот мора да биде беспрекорен. Во писмото може да се прочита педантноста на Везалиус во организираноста на целиот проект. Тој ги испратил плочите со детални објаснувања и упатства за структурата на книгата и за организацијата на информациите, со цел да нема забуни, а со тоа и да се превенираат потенцијални грешки.
Атласот е поделен во 7 поглавја (книги): Коски и ‘рскавици, Лигаменти и мускули, Вени и артерии, Нерви, Дигестивни и репродуктивни органи, Срце и придружни органи и Мозок. Овие 7 поглавја вклучуваат 20 илустрации на цела страница и преку 200 во склоп на текстот. Страниците со текстуалните прилози се организирани во три полиња. Главниот корпус на текстот е стандардно, централно, сместен на страницата, додека од страните на главниот текст се сместени дополнителни текстуални прилози - забелешки. Во внатрешната маргина на страницата, како што Везалиус објаснува во писмото до Опоринус, се сместени назнаки кои посочуваат на илустрациите, а на надворешната маргина на страницата се сместени коментари кои служат како заклучоци. Како назнаки кои водат кон илустрациите се сретнуваат референтни белешки, но и латинични или грчки букви кои кореспондираат со буквите кои се составен дел на самата илустрација. Нарекувајќи го овој метод Индекс, Везалиус создава систем преку кој го олеснува учењето. Читателот многу едноставно може симултано да ги следи сликата и текстот.
Внатрешни страници од De humani corporis fabrica
Со илустрациите во De humani corporis fabrica за прв пат официјално во медицинската илустрација почнале да се применуваат правилата на перспективата, на светлото и сенката, на просторните планови, со цел да се долови реалистичноста на предметите. Преку илустрациите била пренесена и ренесансната естетика како рамка во која се вклопила или била прикажана човечката анатомија заснована врз новите сознанија на Везалиус. Илустрациите го следат ренесансниот концепт на формата на телото, непрецизно и робусно, што ја отсликува и пасијата на ренесансните хуманисти кон антиката, особено кон античката скулптура. Во илустраторските решенија се наоѓаат и илустрации на фрагменти од антички скулптури кои биле искористени како модели за анатомски прикази на органите во утробата, таков е примерот со римската мермерна скулптура Торзо Белведере, кое илустраторот го користел да го прикаже урогениталниот тракт. Телата се сместени во италијански пејзажни панорами, во чија далечина се гледаат ридови, долини, реки, римски бањи, цркви, дури и градови. Во тоа време, докторите ја споделувале истата желбата со уметниците за изучување на човековото тело. Уметниците, пред сè, тежнееле кон веродостојно прикажување на природата и биле опседнати со идејата за индивидуалната убавина и оптичката точност на гледањето. Не е грешно да се каже дека токму тие придонеле кон создавањето на медицинската илустрација како посебна научно-уметничка дисциплина. Во оваа насока, во писмото до Опоринус, Везалиус навел дека за него е исклучително важно да се внимава на уметничкиот аспект на печатот. Тој инсистирал отпечатокот да ги содржи сите детали и информации, кои уметникот ги извел на печатарските плочи, нагласувајќи ги дебелините на линиите кои создаваат градација на сенката.
Илустраторот, кој има посебно место на насловната страница и е преставен како младич застанат во вториот ред од театарот како држи отворена книга, несомнено бил дел од предавања на Везалиус и бил негов чест придружник, кој цртачки ги забележувал сите детали кои ги опсервирал. Уметникот кое официјално се води како творец на илустрациите за De humani corporis fabrica е Тицијановиот ученик, ренесансниот уметник Јан Стефан ван Калкар (1500-1546) иако се претпоставува дека во целиот илустраторски проект учествувале и Тицијан, Доменико Кампањола и самиот Везалиус.
лево: Авторот пред Торзо Белведере, Ватикански музеи, десно: Илустрација од De humani corporis fabrica
Тоа што низ овие соработки го направил Везалиус зборува не само за неговата отвореност кон знаењето туку и за неговиот исклучителен осет за природата на знаењето. Опоринус и Калкар се дел од креацијата на еден тотален дизајн во организациска смисла, преку вклучување на различни професионални или творечки аспекти во процесот на создавање. Овој процес резултирал со издавање на една од најубавите и најзначајните книги на модерниот свет. De humani corporis fabrica, инспирирала генерации на доктори, научници и уметници, и сè уште инспирира и го привлекува вниманието за повторно и повторно да погледнеме преку дрвената клупа на театарот и да го видиме делото на Везалиус. Во текот на подоцнежните векови медицинската илустрација доживува огромен подем, а и денес сме сведоци на голем број медицински книги кои поседуваат не само научна, туку и висока уметничка вредност. Со De humani corporis fabrica Везалиус ги поставил темелите на модерното учење на медицината, но и на љубопитноста, експериментот и личното искуство како клучни елементи на научната мисла. Ден денес медицината се изучува на овие постулати. Анатомските атласи, помалку или повеќе, ја следат токму таа организациска логика. И покрај грешките кои ги има анатомското учење на Везалиус, De humani corporis fabrica преставува синоним за пренесувањето на знаењето како уметничка вештина.
\\\
Илија Прокопиев (1985) е интердисциплинарен уметник и истражувач, коосновач на PrivatePrint.
Библиографија:
Saunders,J.B. de C.M. and O'Malley, Charles D.. (1973) The Illustrations from the Works of Andreas Vesalius of Brussels, New York: Dover Publications
Rafkin, Benjamin A., Acerman, Michael J., Folkenberg, Judith (2006). Human Anatomy - A Visual History from the Renaissance to the Digital Age. New York: Abrams
Станојевић, Др Владимир (1953). Историја медицине. Београд: Медицинска књига