Како ги направив моите книги
- Анри Матис
Ќе започнам со мојата прва книга - песни од Маларме. (3)
Гравурите се направени со истородна, многу тенка линија, без шрафирање, така што отпечатената страница е оставена речиси исто толку бела како и пред печатењето.
Цртежот ја исполнува целата страница, со што страницата останува лесна, бидејќи цртежот не тежнее кон центарот, како што обично се случува, туку се шири на целата страница.
Илустрациите, кои ја заземаат површината на целата десна страница, се поставени спроти страницата со текстот во Гармонд италик, со големина 20. Проблемот беше како да се урамнотежат двете страници - едната бела, со гравурата, другата со текстот, во споредба со неа - црна.
Резултатот го добив преку прилагодување на моите арабескни мотиви, на таков начин што гледачот би требало да биде исто заинтересиран за страницата со илустрацијата, како што би бил и за исчекувањето на текстот што ќе го чита.
Моите две страници ги споредувам со два предмета кои ги зема еден жонглер. Да претпоставиме дека тоа се една бела и една црна топка, една светла и една темна, толку различни, а сепак лице в лице. И покрај разликите помеѓу двете топки, вештината на жонглерот успева да создаде хармонична целина пред очите на гледачот.
\
Мојата втора книга: Пасифаја од Монтерлан. (4)
Линорези. Едноставна бела линија врз целосно црна позадина. Едноставна линија, без шрафирање.
Овде проблемот е истиот како во книгата на Маларме, со тоа што двата елементи се обратно поставени. Како да ја урамнотежам црната страница со илустрацијата наспрема белата страница на текстот? Преку компонирање со арабеската на мојот цртеж, но исто така и преку поврзување на двете страници во заемна целина. За да може гледачот во исто време да ги забележи и гравурата и отпечатокот. Така ги поврзав со широка маргина која движи околу нив на двете страници.
Во оваа фаза од создавањето имав јасно чувство за безживотниот карактер на оваа црно-бела книга. Како и да е, обично такви се книгите. Но во овој случај, големата, речиси целосно црна книга, изгледаше по малку погребно. Тогаш помислив на црвени иницијали. Тој потфат ме чинеше многу работа; бидејќи откако почнав со пикторесни големи букви кои беа весели и сликарски, морав да се помирам со построг и класичен концепт, поблизок до елементите кои веќе беа одредени - типографијата и линорезот.
Па така: Црна, Бела, Црвена. - Не изгледа лошо...
Сега за корицата. Сина боја ми дојде на ум, примарна сина, но изгравирана со бела линија. Бидејќи оваа корица треба да биде сместена во кутија или да биде вкоричена, морав да го задржам нејзиниот „книжен“ карактер. Ја осветлив сината, без да ја направам помалку сина, но со брановиден ефект - кој потекнуваше од линолеумот. Без да бидам свесен за тоа, при обидот, хартијата, со впиеното сино мастило, изгледаше како кожа. Веднаш се откажав од идејата, бидејќи се изгуби „книжниот“ карактер што сакав да го има.
Оваа книга, поради многубројните потешкотии со дизајнот ми одзеде десетмесечна работа, по цел ден, а често и навечер.
\
Моите други книги, од кои ги издвојувам Visages, Poésis de Ronsard, Lettres portugaises, (5) кои се во процес на објавување, испратени за печат, иако се разликуваат во изгледот, сите беа направени следејќи ги истите принципи, а тие се:
1-во. Да соодветствуваат со литературниот карактер на делото;
2-ро. Создавањето е условено од елементите кои се користат исто како и од декоративни вредности: контрастен колоритен начин на гравирање, типографија. Овие елементи се одредени од барањето за хармонија на книгата во целина и се појавуваат за време на конкретниот процес на работа. Никогаш за нив не се одлучува пред да почне работата, туку се развиваат истовремено, како што налагаат инспирацијата и насоката на моите стремежи.
Не гледам разлика помеѓу создавањето на книгата и на сликата и секогаш поаѓам од едноставното кон комплексното, а сепак сум секогаш спремен да ѝ се навратам на едноставноста. Прво работам со два елементи, па, според потребата, додавам трет како нивно дополнување, за да ги поврзе првите два со тоа што ќе ја збогати хармонијата - за малку ќе напишев „музичка“.
Зборувам за мојот начин на работа без да тврдам дека не постојат и други, но мојот се разви природно, со тек на време.
\
Сакам да кажам неколку зборови за линрезот.
Линлеумот не би требало да се избере само како поевтина варијанта на дрвото, бидејќи ѝ дава на графиката специфичен карактер, многу различен од тој на дрвото, па од таа причина и треба да се употребува. (6)
Често сум мислел дека овој едноставен медиум може да се спореди со виолина и нејзиното гудало: површина, длето - четири оптегнати жици и перче со влакна.
Длетото, како и виолинското гудало, е во директна врска со чувствата на графичарот. Па, вистина е, дека дури и најмало невнимание при исцртувањето на една линија може да предизвика несакан притисок со прстите на длетото и да има непосакуван ефект врз линијата. Многу слично како и промената на карактерот на звукот, од тивко во гласно.
Линорезот е вистинскиот медиум предодреден да го користи графичарот-илустратор.
Ќе го заборавев битниот принцип: направете го своето дело на линолеумот дваесет пати едноподруго, ако е потребно, почнете одново, сѐ додека не сте задоволни.
\\
Белешки:
1. Henri Matisse, “Comment j’ai fait mes livres“, во Anthologie du livre illustré par les peintres et sculpteurs del’école de Paris, Женева, 1946, стр. 21-24. Погледнете ја целосната листа на илустрирани книги на Матис во: Клод Дутви (Claud Duthuit) со Франсоаз Гарно (Françoise Garnaud), Henri Matisse: catalogue raisonné des ouvrages illustrés, со вовед од Жан Гишар-Мели (Jean Guichard-Meili), Париз, 1987.
2. Матис дискутира за својот став за илустрирањето книги со Ешолие (Escholier, 1956, стр. 153): „Се согласувам со Вашата дистинкција помеѓу илустриана и декорирана книга. Една книга не би требало да бара надополнување со имитациска илустрација. Сликарот и писателот треба да работат заедно, без забуни, по паралелни патеки. Цртежот треба да биде обликовен еквивалент на поезијата. Не би ги употребил термините прва и втора виолина, тоа е целовито концертно дело.“
3. Книгата на Матис, Poésis de Stéphane Mallarmé, Лозана, 1932, е издадена од Скира во октомври 1932. Интересно е да се напомене дека Матис, не ги смета за свои „илустрирани книги“, книгите илустрирани со цртежи кои не се наменски направени за нив (како на пример Les Jockeys camouflés на Риверди (Reverdy), од 1918) или, дури и, дизајните кои не се поврзани со текстот (како неговите илустрации од 1935 за Улис на Џојс), туку напротив го ограничува терминот на книгите кои се резултат на блиска соработка помеѓу него и издавачот. Историјата на книгата на Маларме е запишана од Бар (Barr, 1951, стр. 244-246).
4. Henry de Montherlant, Pasiphäé: Chant de Minos (Les Crétois), Париз, 1944. Матис зборува за оваа книга со Гастон Дил (Gaston Diehl, “Matisse, illustrateur et maître d’oeuvre,” Comoedia, 132, 22 јануари 1944, стр. 1): „Битно е да се создаде нејзината суштина. Треба да се живее со неа, за да можат да се разберат нејзините потреби, нејзините можности. Потфатот пополека се движи напред, со усовршување на хармонијата. Таа, од своја страна, ќе ме насочи да го бојам моето црно како моето бело, да ги раздвижам површините и, со тоа, да ѝ го дадам на сликата внатрешниот ритам кој содејствува со изразот на авторот.“
5. Pierre Reverdy, Visages, Париз, 1946; Florilѐge des Amours de Ronsard, Париз, 1948; Marinna Alcaforando, Les Lettres portugaises, Париз, 1946. Матис ѝ дал интересен исказ на Маргет Бувие, за илустрациите за Ронсард (Marguette Bouvier, “Henri Matisse illustre Ronsard,” Comoedia, 80, 9 јануари 1943, стр. 1,6).
6. Зборувајќи за овие исечоци во линолеум, Матис му изјави на Гастон Дил (Gaston Diehl, “Avec Matisse le classique,” Comoedia, 102, 12 јуни 1943, стр. 6): „Следните елементи се во игра: линолеумот, длетото и самиот човек. Потребно е да се дојде до хармонија меѓу нив, што значи да се изразиш преку материјалите, да живееш со нив. Гистав Моро (Gustave Moreau) секогаш повторуваше ‘Колку се понесовршени средствата, толку е поизразена сензибилноста.’ А нели и Сезан, исто така, кажа: ‘Треба да се работи со сурови средства’? Оттука, за да се работи со така едноставни средства, но, истовремено, на многу деликатен начин, потребно е да се имаат длабоки чувства, сензацијата мора да извира сигурно и целосно.“
Од книгата: Matisse on Art - revised edition, edited by Jack Flam, University of California Press, 2015, стр. 166-168
Превод на македонски: Private Print
Текстот е објавен со дозвола од уредникот Џек Флам.
Original text: © Succession H. Matisse 2019